Ксенија Николова раскажа потресна приказна: Пратен бил мејл во нејзино име дека нуди сексуални услуги
Писателката Ксенија Николова, кај публиката позната по своите емотивни приказни, овојпат в очи случувањата на сексуална злоупотреба на девојките кои се најдоа во групата „Јавна соба“ на „Телеграм“, сподели дека и таа во еден момент се нашла на местото на девојката Ана која отворено ја раскажа својата приказна и направи „бум“ на социјалните мрежи.
Нејзината објава ја пренесуваме во целост:
„На некој начин, сите ние сме биле во еден момент Ана.
Имам и јас една слична приказна, пред години кога завршував факултет и требаше да се запишам на магистарски студии. Никогаш нема да го заборавам денот кога ми стигна мејл од факултетот на којшто требаше да се запишам односно продолжам своето студирање, во кој ми објаснија дека мојот однос во мојот претходен мејл е недоличен и дека нема потреба повеќе да комуницираме. Збунета и во шок, не ми беше јасно за што станува збор. Почнав да пребарувам низ сопствениот мејл и во испратени пораки видов порака којашто не беше пратена од мене, и веќе ми беше јасно што се случило. Пораката гласеше:
„Почитувани, јас инаку нудам и сексуални услуги, така што доколку тоа допринесе за мојата апликација, сакам да го знаете овој факт“.
Останав без зборови, почнав да плачам, почнав да праќам безброј мејлови до факултетот, да се правдам, да објаснувам, да молам за разбирање, и за среќа, наредна година кога заминав таму, немав никакви проблеми, што значи дека тие ми поверуваа дека мејлот не сум го пратила јас. Жената со којашто комуницирав рече дека со никого тоа не го споделила, што за мене беше навистина големо олеснување.
Другото е веќе историја, јас успешно го завршив својот факултет, а овој обид за попречување на мојата академска кариера остана неуспешен. Никогаш не дознав кој ми го направил тоа, само дознав дека адресата на компјутерот од каде што бил пратен мејлот е од Скопје. Се разбира, тоа и го очекував. Сигурно не помислив дека некој од моите колеги во странство би ми наштетил, затоа што најверојатно се свесни дека за тоа некаде сериозно се одговара.
Инаку, Ана ја познавам лично и е исклучително вредна девојка.
Но, знам дека луѓето коишто се’ уште си мислат дека таа можела ова да го спречи, нема никогаш да сфатат дека оној којшто решил да те линчува, ќе го направи тоа без разлика на твоите постапки.
Ова е една од оние работи, чија сериозност луѓето без емпатија ќе ја разберат само кога истото ќе им се случи и ним.“
Покрај неа искрено мислење за оваа тема дадоа и блогерката Кика Авеиро и поетот Дарко Лешоски, а пак премиерот Зоран Заев објави дека случајот се разрешува и дека неколку лица се приведени.
*(ФОТО) Драстична промена: Ксенија Николова стана бринета
*(ФОТО) Нежна невеста: Ксенија Николова се омажи во краток и необичен невестински фустан