Најпопуларниот македонски доктор, д-р Горан: Вчера се вакцинирав со трета доза, денес се тестирав позитивен на ковид
Доктор Горан Трајковски од Скопје - најпопуларниот македонски доктор објави дека е позитивен на ковид. Тој вчера ја примил и бустер дозата, односно трета доза вакцина, но сепак откако денес се почувствувал малаксано и правел тест, дознал дека е позитивен.
Од ризик фактори, д-р Горан откри дека има воспаление на тироидната жлезда односно Хашимото тироидитис, но со оглед на примените вакцини се надева на добар исход.
„Кој сака нека честита.
Доктор Горан за првпат денес позитивен за SARS-COV2 (PCR i брз тест).
Од ризик фактори имам автоимуна болест(Хашимото тироидитис).
Вчера се вакцинирав (3та доза), денес се осетив малаксано и брзиот тест кој го правиме секој ден на работа излезе позитивен. Потоа и PCR тестот.
Ќе видиме каков ќе биде текот на болеста, ќе ве известувам и се надевам на добар исход без последици“ - напиша тој споделувајќи фотографија од позитивниот тест и една од моментот кога примал вакцина.
Инаку, доколку сте активни на Инстаграм, сигурно веќе го знаете @doktor.goran. Станува збор за доктор Горан Трајковски од Скопје, или постручно специјализант по интерна медицина во Баварија, со осврт на интензивна нега, ургентен центар, кардиологија, гастроентерологија и палијативна нега. Неговата популарност драстично се зголеми за време на пандемијата на коронавирус, и тој стана најпопуларниот доктор во нашата земја на оваа социјална мрежа, со над 42.8 илјади следбеници, чија бројка од ден на ден расте.
Претходно во интервју за Женски Магазин доктор Горан раскажа за животот во Германија, а потоа откако ја прими првата доза од вакцината на BioNtech/Pfizer за SARS-COV2 вирусот, детално ни одговори на сите прашања на таа тема.