Македонецот Д-р Горан по примената прва доза вакцина за Ковид-19: Она што го видов изминатата година на интензивна нега, ми помогна да донесам лесна одлука

Добивај вести на Viber

Доколку сте активни на Инстаграм, сигурно веќе го знаете @doktor.goran. Станува збор за доктор Горан Трајковски од Скопје, или постручно специјализант по интерна медицина во Баварија, со осврт на интензивна нега, ургентен центар, кардиологија, гастроентерологија и палијативна нега. Неговата популарност драстично се зголеми за време на пандемијата на коронавирус, и тој стана најпопуларниот доктор во нашата земја на оваа социјална мрежа, со над 27.5 илјади следбеници, чија бројка од ден на ден расте.

Претходно во интервју за Женски Магазин доктор Горан раскажа за животот во Германија, а сега откако ја прими првата доза од вакцината на BioNtech/Pfizer  за  SARS-COV2 вирусот, детално одговара на сите прашања на таа тема.


* Дали беше тешко да донесете одлука за дали да се вакцинирате или не?

- Одлуката беше лесна, бидејќи немав добра алтернатива. Другата опција е да се заразам и да ја прележам болеста, што во мојот случај е прашање на време и ризик за целата фамилија. А патот на Ковид-19 е неповратен и неизвесен. Можеби нема ни да забележиш дека си заразен, но не се знае на кој крај на статистиката ќе припаднеш. Дали на оние 7% од заболените кои мораат да бидат хоспитализирани ? Дали на оние 14 проценти од хоспитализираните кои ќе завршат на интензивна нега ? Дали на оние 60 % од интензивна нега кои мораат да се интубираат? Дали на оние 50 проценти од интубираните кои ќе починат? Или пак на другите 50 проценти кои со недели се интубирани и после тоа им се потребни месеци за делумно да се опорават? 

 * Што најмногу влијаеше на Вашата одлука?

- Она што го видов минатата година на интензивната нега. 

* Како се чувствувате по првата примена доза од вакцината? 

- Го пишувам текстов првата вечер по примање на вакцината, моментално имам болка во левото рамо (каде што беше инекцијата). Ова беше за мене очекувана реакција, ја имав и по вакцината за Хепатитис Б. Ако остане на тоа ќе бидам среќен. Инаку ми е олеснување што ете конечно се заврши чекањето на првата вакцина.

* Кога треба да примите и втора доза?

- Втората се прима 21 ден по првата доза. Ни дадоа потсетници, тоа ќе биде на 02.02.2021.

* Што мислите за сите оние антиваксерски движења кои се покренаа на тема вакцинација од Ковид-19? 

- Во болница доаѓаат и верници и неверници, доаѓаат и антиваксери и оние кои се колнат во модерната медицина. Наша работа е да им помогнеме доколку можеме. Причините за појава на антиваксерските движења се мултифакториелни. Секој има право на свое мислење, јас не пропагирам ништо, само одлучувам што мислам дека е најдобро за себе и мојата фамилија.

Од тријажна гледна точка: доколку не се вакцнирам и добијам тежок тек на болеста, а здравствениот систем е преоптоварен (како што е веќе со месеци) - ќе му го  земам креветот на оној кој е постар од мене или со хронични болести. 

Од друга страна благодарение на овие антиваксерски движења се враќаат болести кои со децении биле искоренети, а на никого не му недостасуваа. 

Мојата порака би била луѓето да се информираат од официјални страни и да донесуваат едуцрани одлуки.

* Што Вие како медицинско лице ќе им порачате на оние кои сметаат дека не треба да се вакцинираат?

- Ако донесуваат информирана одлука, ги поддржувам што и да одлучат. И онака нема да има вакцини за сите. Ако имаат толкава недоверба во медицината мене ме интересира дали ќе се откажат и од кревет во болница кога ковид пневмонијата ќе предизвика неиздржлив глад за воздух?

* Женски Магазин периодов спроведе онлајн анкета на која мислењето на читатателите за дали ќе се вакцинираат или нема да се вакцинираат беше изедначено. Каков е ставот во Германија?

- Мислам дека постои нешто поголема доверба во здравствениот систем во Германија, но секако дека ќе има многу од луѓето кои ќе ја одбијат вакцината. Ако би морал да погодувам 65/35%. А тоа е сосема доволно за да се постигне имунитет на стадо.

Дали сметате дека вакцината е единствен спас од ваква пандемија?

Имаме 3 опции: 

1.Ќе заразиме 66% од населението и ќе стекнеме имунитет притоа сносејќи ги последиците од преоптовареноста на здравствениот систем и последователно растечката смртност. 

2. Ќе стекнеме пасивен имунитет со вакцинирање (најпрво за најризичните групи)

3. Ќе најдеме лек за болеста (најмалку веројатно)

Мене втората ми изгледа единствено рационално решение моментално ако сакаме да го задржиме животот во општествена заедница.


Д. Караташова Илиоска