„Најстар стил на македонското народно пеење“ не е книга само за етномузиколозите туку и за сите љубители на нашиот фолклор

Добивај вести на Viber

Универзитетскиот професор и етномузиколог Ѓорѓи Ѓорѓиев пред многу децении се фасцинирал од извикот, како дел од македонската музичка традиција, кога слушнал група од жени во селото Блаце кои сосема случајно изведувале каначки песни со кои ги повикувале луѓето на свадба. Љубопитен околу генезата, која тогаш не била доволно истражена, тој минал долг период работејќи за да го напише неговиот докторат на Факултетот за музичка уметност во Белград, со кој воедно станал прв доктор на музички науки од постоењето на оваа престижна високообразовна институција. Сега, тој материјал доби и модерна форма во книгата „Најстар стил на македонското народно пеење“ која е издадена од издавачката куќа „Арс Ламина“ и наскоро ќе може да се најде во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на www.literatura.mk.

 
Оваа публикација претставува опсежна студија на најстариот слој на македонската вокална традиција, преку музички примери, собирани со децении и забележувани во нивната најизворна форма. Во фокусот на истражувањето се најстарите женски обредно-обичајни и трудови песни што содржат извикувања. Низ студијата, проф. Ѓорѓиев ја расветлува генезата, формата и содржината на поставените прашања од оваа проблематика, ги расветлува основните стилски особености, карактеристични за најстариот слој на македонското народно пеење, како значаен дел од македонска културна традиција. Оттаму, оваа студија претставува темел на идентификација, што овозможува трајно зачувување и афирмација на корените на македонското народно пеење како дел од македонското историско културно наследство.
 
Ѓорѓиев е основоположник на одделот за етномузикологија на ФМУ во земјава, а вчерашната онлајн промоција која се одвиваше на фејсбук-страницата на Литература.мк ја водеше Бранка Костиќ-Марковиќ, која воедно е дел од првата генерација студенти по етномузикологија на професорот. На промоцијата се вклучија и директорката на издаваштво во „Арс Ламина“, Бранка Бугариска, која исто така е и истакната поранешна студентка на проф. д-р Ѓорѓиев и главен „виновник“ за излегувањето на ова дело; музикологот Марко Коловски кој се погрижи за нотографската работа во книгата; Ирена Стојановска, етномузиколог и стручен редактор, како и уредникот на книгата, Филип Видиновски.


 
Изданието е адаптација на неговата докторска студија и претставува исклучително важна придобивка за македонската научна етномузиколошка мисла. Авторот Ѓорѓиев се нурнува длабоко во предисторијата на македонското народно пеење, реликтните форми што содржат извикување, пред сè, кај формите употребувани во предисториски говори оптоварени од безброј извикувања, што без сомнеж претставуваат најсигурен, убедлив и неоспорен показател за идентификација на староста на песните со извикување што го олицетворуваат најстариот стил на македонското народно пеење.
 
– Докторатот го почнав во Полска поради тоа што тогаш немаше опција да се докторира на овие простори. За моја среќа, во Белград се отвори можност да се докторира и исклучително ми е чест дека трудот го бранев пред стручна комисија од Варшава, Загреб, Белград и Скопје – додава професорот Ѓорѓиев.
 
Тој се осврна и кон актуелната ситуација со Бугарија и фолклорното наследство, посочувајќи дека не може да се демантираат вредностите на нашиот музички фолклор, и дека етномузиколозите можат да придонесат кон аргументирана дебата во однос на идентитетските прашања. Тој даде неколку примери за разликите во музичкиот фолклор кај Македонците и Бугарите, а меѓу другото додаде и дека успеал да пронајде и запише 70 македонски народни песни (кои се поместени во книгата „Македонски револуционерни народни песни од епохата на Илинден за Гоце Делчев, Јордан Пиперката и Питу Гули“ автори: проф. д-р Ѓорѓи М. Ѓорѓиев и академик Блаже Ристовски) посветени на Гоце Делчев, за разлика од нашиот сосед, што јасно говори дека народот опеал свој херој и револуционер.
 
Во „Најстариот стил на македонското народно пеење“ се претставени 199 песни и примери со кои секој заинтересиран за домашниот фолклор може да дознае многу со оглед на тоа дека книгата е напишана на јасен и разбирлив начин.
 
Книгата е поддржана од Министерството за култура и е од вистинско значење за архивирањето на македонското културно наследство.
 
Видеото од вчерашната онлајн промоција може да се погледне и на следниот линк.


ПР објава