Највпечатливиот фустан на македонски дизајнер на сите времиња: Прогласен и во светот за еден од најдобрите во историјата

Добивај вести на Viber

Марјан Пеjоски e македонец кој долги години живее и работи во Обединетото Кралство, како и во Индонезија. Студирал на Школата за уметност и дизајн на Централ Сент Мартинс и уште за време на студиите бил посочен како извонреден талент. Во 2003 година го лансираше својот бренд К-Т-З, а паралелно учествуваше на голем број модни недели ширум светот. 

Во 2014 година, Пејоски беше опишан од страна на светски познатиот магазин GQ како омилен меѓу познатите личности, вклучително и ASAP Rocky, Ријана, Кејти Пери, Мадона. Тој често користи окултна симболика и готски влијанија во неговите креации.

Сепак, сеуште е најпознат по дизајнирањето на иконскиот лебедов фустан на пејачката Бјорк, кој го носела многу пати: на насловната страница на албумот „Веспертин“, за Веспертин турнејата, за Канскиот фестивал 2000 година и за Оскарите во 2001 година. Марјан не знаел дека таа го носела на Оскарите сè до следното утро.

Со брзина на светлината фотографиите од фустанот ја обиколија планетата, Бјорк беше во центарот на вниманието на сите медиуми, а фустанот прогласен првично како шокантен, а потоа како ремек-дело и еден од највечатливите на Оскарите на сите времиња. Се разбира, наиде на многу критики и требаа години за да ги освои најдобрите епитети. Така влезе во историјата...

Се работи за тул обложен со кристали, долг врат на лебед обвиен околу нејзиниот врат, а портокаловиот клун потпрен на нејзините гради. Како додаток беа јајцата кои ги влечеше со неа. 

Бјорк рече дека изгледот е почит на мјузиклите на Базби Беркли, како и на пливачката и актерка Естер Вилијамс. „Мислев дека би било многу соодветно да носам лебед“.

Инаку, најсвеж пример за неговите вонсериски креации е поп кралицата Мадона која неодамна се појави со бомбер јакна со потпис на македонскиот дизајнер.

Р.Ж.М

Фото: Инстаграм, КТЗ