Намасте
Се' е достапно, секоја можна информација на правилен или погрешен
начин, денес допира до нас. Дали е за тоа дека ледот се топи со брзина на
светлина, или дека Ким К денес јадела овес за доручек, се' не' допира како
информација. Моќта на пренос на информации никогаш не била волку голема, во
ниту еден даден историски момент човештвото не било поврзано како што е денес.
Светот почнува полека, но сигурно да живее виртуелно, индустријализацијата
преминува во петта димензија, на комплетно поинаков начин ги напуштаме нашите
тела, и поминуваме во фиктивни ликови. Да сме на чисто, не како Маите или
Египјаните, не се бавиме со духовност и просветлување, туку со чист
конзумеризам на информации. Па така наместо напред, свеста на масата оди назад,
и поважен ни е доручекот на Ким, отколку ледот што се топи, затоа што го
живееме моментот. Без трајно чувство за вредност и со изгубена потреба за
вистинска емоција. Системот не' научи на страв, системот ни наметна да влеземе
во шаблоните на современ човек, скептик, ироничен, ладен, површен, со сигурен
пат за бришење на секаква емоција. Половина живот го посветив на тоа што ќе се
случи понатаму, кој ќе превагне, дали андроидот или човекот, дали ќе има род и
пол, и кој кого ќе сака или мрази. За на крај, по се што се случува околу мене
да сфатам дека квалитетно сум ја утнала. Човекот станува андроид, системот така
наметнува. Системот ги брише позитивните емоции, наметнува страв и го форсира
како примарна состојба на телото. Страв дека нема да заработиш доволно пари,
страв дека ќе те остави тој што го сакаш, страв дека ќе изгубиш имот, дека ќе
ти украдат нешто, дека ќе те повреди некој, дека ќе ти ја изгребаат колата на
паркинг, дека ќе умре некој твој близок, дека ќе умреш ти.. И со тој страв,
стануваш пион на таблата на системот. Со таа екстрема на конзумација, со тој
дисбаланс со кој секојдневно се соочуваме, наметнати погрешни приоритети,
полека и сигурно човекот преминува во машина. Стравот кога ќе се угаси ќе има
едно големо ништо, лесно проголтливо од великаните во системот.
Да се разбереме, никогаш човечкиот род не бил на чисто, секогаш имало и војни, и гладувања, и климатски промени, и земјотреси и невремиња. Но никогаш како до сега, човечкиот род немал толку многу опции и простор да се наметне позитивно на планетава. Селекцијата на информации кои допираат до нас, зголемено време за себе, подигнување на личните индивидуални стандарди и барања за поквалитетен живот,(а под тоа не подразбирам вградени дијамантски заби или Моетите), ни даваат моќ за контрола на системот. Ние можеме да го срушиме системот кој ние го поставивме, само со одговор на едно единствено прашање.
Што е тоа што вистински те прави среќен?
Чист воздух, зелено опкружување, убаво декориран дом по мој вкус, патувања сама, патувања со луѓе кои ми значат, излегување во клубови каде се слуша квалитетна музика за која не мора да се натрескам ко статива за да можам да ја преживеам, дотерување за себе, а не за мажите околу мене или локалните џаболебарки, човек со кој што ќе можам да делам визии и идеи, мириси и вкусови, човек кој ќе сака да создава заедно со мене, а не да руши. Деца, многу деца, не мора да ги родам, можам и да ги посвојам и да ги научам дека Љубовта не е заслуга, Љубовта ти следува со првиот здив кој го вдишуваш на овој свет. Да ги поправам грешките на другите, без осуда, да научам што е можно повеќе, додека сум присутна на овој свет, и да го пренесам тоа знаење. Да почитувам, да ценам, да давам, да помагам. Да спасам што е можно повеќе животни на кои им е потребна помош, да им обезбедам дом. Да посадам што е можно повеќе зеленило и да не му штетам на постоечкото. Да внимавам на тоа што го конзумирам, дали ми прави добро, дали е добро за моето тело пред се, а понатаму за планетата земја. Да научам баланс, да научам дека не даваш за да ти се врати, дека не сакаш за да те сакаат назад. Затоа што само и единствено така се доаѓа до чувство на безусловна среќа, кога немаш очекувања назад.
И не мрчете, тоа не те прави глупав или наивен, тоа те прави исполнет како човек. Затоа што единственото нешто по кое човекот се дели од останатиот жив свет е свеста. А човекот серизно работи на убивање на истата.
Јас сум Ивана Кнез, јади, моли се, љуби без страв, читај, биди сам, дружи се, гради, создавај, давај, живеј без страв. За кога ќе дојде денот да умреш, да биде со насмевка на трајна вредност и вистински живот.
Се читаме следната недела.
П.С. Home - Yann Arthus-Bertrand филм кој мене ми го промени целиот живот. Моќта на несвесноста и стравот преточени во два часа свирепа реалност.
П.П.С Купете си макар мал кактус после него, или посадете си некој зачин за дома. Создадете живот, негувајте живот, кој зависи само од вас, не зависите вие од него. Само така ќе разберете што е тоа вистинска љубов.
Прочитајте ја и претходната колумна на Ивана Кнез - Око за око, лајк за лајк