НАПРЕД РОЗОВО ВО ПРЕСРЕТ НА РОЗЕВИОТ МЕСЕЦ
Здружението „БОРКА – за секој нов ден„ во пресрет на месецот октомври, кој е
посветен на борбата со ракот на дојка, го најавува 13 издание на хуманитарната
манифестација „Напред Розово„. Во исто време ќе се одбележи и најголемиот хуманитарен
настан во Европа RACE FOR THE CURE.
На 26 септември на Школка во Градскиот парк, со почеток во 11 часот ќе се одбележи
почетокот на месецот во кој гласно се зборува за ракот на дојка, за навремената превенција
од оваа болест и за современите терапии. Месец во кој се слави животот но и месец во кој
се сеќаваме на сите оние оние што веќе не се со нас заради најчестиот вид рак кај жените.
Настанот исто како и лани ќе се одвива преку глобална дигитална платформа
преведена на 24 светски јазици на која луѓето ширум Европа се поврзуваат преку онлајн
регистрација за прошетка или трка во нивниот град, населба а во согласност со
епидемиолошката состојба во светот и во нашата земја. Со учество во „Race for the cure“
граѓаните им помагаат на луѓето кои страдаат од рак на дојка со собирање на потребните
средства и подигање на јавната свест за оваа болест. Преку донации или плаќање на
симболична сума за регистација од 300 денари на платформата www.raceforthecure.eu,
станувате дел од дигиталната заедница, ја подигнувате свеста за ракот на дојка и
придонесувате за различни форми на помош за болните од рак на дојка. Собраните
средства се исклучително важни, бидејќи годишно во Европа се дијагностицираат 500.000
нови случаи на рак на дојка, а за жал 130.000 луѓе го губат животот.
Исто така, добро познатата Розова прошетка освен во Скопје, ќе се одржи и во уште 13 града низ Македонија, во соработка со локалната самоуправа и локалните координаторки на Здружението.
- Во градовите каде имаме наши координатори ќе направиме прошетки и ќе ја обоиме Македонија во розово. Среќни сме што наидовме на огромна поддршка од градоначалниците и сите со кои имавме средби безрезервно ќе ни се приклучат. Исто како и минатата година, очекуваме масовна посетеност со почитување на сите протоколи за заштита на нашето здравје. – вели Биба Додева, претседателката на БОРКА.
Регистрацијата на пратформата е едноставна, може да се избере личност или мотив за
учеството, да се посвети персонализирана порака, да се прикачи фотографија или видео
за поддршка на одредена личност или организација. Под мотото – „Заедно сме посилни„
и со споделувањето на социјалните мрежи сите придонесуваме за подигнување на јавната
свест за оваа болест.
Собраните средства од продажбата на розови маички и други производи ќе одат за реализација на годишните активности на „БОРКА“ за обезбедување на психосоцијална помош и поддршка за болните од рак и нивните семејства, обезбедување на перики за жените со низок социјален статус кои примаат хемотерапија, посета на клиниката за онкологија и торакална хирургија од волонтери на здружението, одржување на бесплатната СОС линија за помош и поддршка, итн.
Kампањата НАПРЕД РОЗОВО И RACEFOR THE CURE, ја поддржуваат голем број
на компании, долгогодишни поддржувачи на БОРКА меѓу кои и MOZZART, Мермерен
Комбинат, Македонски Телеком, Авон, Медикал Фарм, Рош, Медикус Хелп, Комфи Ангел,
Кожувчанка, Витаминка, ЕВН и секако амбасадата на САД во Скопје. Преку својата
поддршка, тие како како општествено одговорни компанија и институции активно се
вклучуваат во уште една кампања на Борка за подигнување на свеста за борба против
ракот на дојка, што вообичаено се одбележува во месец октомври.
- Ги повикуваме сите граѓани, активисти, волонтери, поддржувачи, медицински лица, пациенти и излекувани од оваа болест да ни се придружат во чест на оние кои се борат, како и во чест на оние кои ја изгубиле битката со карциномот на дојка и прерано не напуштиле – повикуваат од Здружението Борка.
Инаку традиционално во октомври „БОРКА„ ја реализира националната кампања за борба против рак на дојка, со богата агенда и различни настани меѓу кои се истакнува националната конференција за рак на дојка.
Активностите и работата на Здружението за борба против рак „Борка за секој нов ден„ е
поддржана од страна на Цивика Мобилитас преку институционален грант.