Промоција на „Градоначалник“ од Илина Мангова - првата книга од новата едиција за деца „Големи зборови за мали уши“
Новата книга за деца „Градоначалник“ од авторката Илина Мангова, со илустрации на Александар Сотировски, ќе биде промовирана на 28 ноември (четврток), со почеток во 18:30 часот, во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“. Промотор на сликовницата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Градоначалник“ е првата книга од новата едиција за деца „Големи зборови за мали уши“, издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со оваа едиција учиме големи зборови преку мали приказни од секојдневието. Ги подготвуваме децата за светот што ги чека.
Главниот лик во оваа богато илустрирана книгичка, е малиот Тигран, кој од својата мајка добива одговор на прашањата - што е тоа градоначалник, што се избори и гласање. Преку јазик разбирлив за децата, таа му ги објаснува овие големи зборови, и процесот на гласање за нов градоначалник. Ова издание е корисен прирачник за сите родители, наставници и едукатори, кои сакаат на децата да им го поедностават овој сложен збор и професија, но и да им помогнат да го разберат светот околу себе.
Илина Мангова е политиколог која работи на унапредување на демократските процеси во Македонија и регионот. Таа е регионална советничка за Европа во Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и соработува со политички партии, како и со извршната, законодавната и локалната власт во сферата на добро управување. Покрај тоа, Мангова има значајно искуство во граѓанскиот сектор како истражувачка, предавачка и менторка. Мангова има дипломирано политички студии на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје, а има магистрирано компаративна политика – демократија на Лондонската школа за економија и политички науки (ЛСЕ) во Лондон со Чивнинг стипендија од британската Влада. Авторка е на повеќе од 15 стручни трудови и е коуредничка на книгата „Живот за утре – Општествени трансформации во Југоисточна Европа“. Верува дека ангажманот за јавното добро и чувството за одговорност се учат од најмали нозе и ова дело за детската публика e нејзин мал придонес кон таа цел.
Александар Сотировски е македонски стрип-цртач и илустратор, автор на најновиот генерациски бран мејнстрим стрип-автори. Автор е на многу препознатливи стрипови и илустрации и има соработувано со повеќе домашни и светски продукциски и издавачки куќи.
Книгата „Градоначалник“ е достапна во сите поголеми книжарници, и онлајн преку www.literatura.mk.
*Пр објава