НАСКОРО 30 НОВИ ПРОДОЛЖЕНИЈА НА ПОПУЛАРНИОТ ДЕТСКИ СЕРИЈАЛ „ДАЈТЕ МУЗИКА”
Во студиото 2 на националниот сервис МРТВ, во текот на месеците август и септември се одвиваше мисијата навидум невозможна: снимање на нови 30 продолженија од детското музичко-забавно шоу ,,Дајте музика”.
Во студиото 2 на националниот сервис МРТВ, во текот на месеците август и септември се одвиваше мисијата навидум невозможна: снимање на нови 30 продолженија од детското музичко-забавно шоу ,,Дајте музика”.
Многу македонска музика, сопствен бенд, битка за тронот „главен во маалото“, детски кавги, помирувања и други разни згоди и незгоди на добро познатите старо-маалци се главните теми на новата сезона на серијалот „Дајте музика“ 2020 изработена во копродукција на „Македонската Радио Телевизија“ и продукцијата “Рифенштал”.Автор на серијалот е Цаци Паковска, а режијата е на Марко Џоковиќ.
Пред камерите застанаа четириесеттина деца-актери, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска, а голем дел од протагонистите беа регрутирани преку јавниот повик за млади таленти кој продукцијата го имаше објавено на своите канали на социјалните мрежи.
Реализацијата на проектот „Дајте музика 2020“ започна по добивање на зелено светло за протоколот зa работа од страна на „Комисијата за заразни болести“ при македонското Министерство за здравство, а се следеа и препораките на „Aсоцијацијата на Европски филмски агенции (ЕФАД)“ како и прописите на „Законот за безбедност и заштита при работа“. Сите учесници: деца и гости актери, пејачи, техничка екипа и др., беа соодветно тестирани за вирусот Ковид-19 и согласно препораките, уредно се придржуваа кон мерките за карантин за целото времетраење на снимањата.
„Предизвикот беше огромен! Од една страна, имавме проект кој за неполна година, достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25 илјади претплатници на Youtube, прекрасна идеја за нови продолженија, ентузијастички расположен тим и огромна желба да го реализираме проектот. Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија. Наш прв приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме! Во оваа прилика, би сакала да се заблагодарам на ангажманот и посветеноста на целиот тим, особено на дечињата, кои дисциплинирано се придржуваа до мерките за здравствена заштита, јуначки изнесувајќи се со предизвиците на работење во вонредни услови, што на камерите практички не смееше да се забележи. Нашата публика мислам дека ќе биде задоволна од сработеното!“ – изјави Цаци Паковска, продуцент и автор на серијалот.
Новите 30 продолженија од серијалот имаат за цел преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности низ призмата на една нова модерна генерација на детски идоли кои ги почитуваат вистинските вредности: добро однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија. Во новите 30 епизоди, ќе има 30 музички спотови (од кои 19 се снимени на надворешни локации), многу интересни теми и гости и многу нови содржини во однос на минатата сезона, а емитувањето ќе отпочне на 4 ноември 2020 г., на првиот канал на МРТ.
Во оваа необична година, исполнета со безброј неизвесности на сите полиња, новите продолженија на серијалот „Дајте музика“ ќе имаат за цел на најмладите да им пружат едно поинакво искуство: на момент, да се заборават стегите на пандемијата и домовите да се исполнат со позитивна енергија и добра македонска музика!
комерцијален текст