(ГАЛЕРИЈА) Ѕвездено небо, солзи и насмевки: Имаше сѐ, но недостасуваше Тоше

Добивај вести на Viber

Вчеравечер на концертот што се одржа во ВИП Арената „Борис Трајковски“, многу фанови од земјава и од регионот, во еден здив ги пееја најголемите хитови на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Беа промовирани два видео записи од досега необјавените песни на никогаш непрежалениот пејач, а кои се на албумот „Secret place“ на кој има седум сосема нови песни, и 3 демо верзии.

На концертот настапија голем број домашни и балкански музички ѕвезди, меѓу кои Огнен Здравковски, Денис Димоски, Антониа Гигоска, Александар Тарабунов,Александра Јанева, а потоа и Тамара, Тијана, Каролина, Даниел Кајмакоски,Наум Петрески, Ања Рупел, Владо Калембер, Борис Новковиќ,Фрајле, Александра Радовиќ….Сите беа придружувани од бендот на Тоше, кој го следеше долги години насекаде, а специјално за публиката ја изведе песната „Срце није камен“.

На сцената се појави и Кристијан Ристески, внукот на Проески, кој во живо ја испеа неговата песна „We are blood“, посветена на неговиот вујко, додека во позадина вртеа нивни заеднички фотографии.

Продуцентот на албумот, британецот Енди Рајт, на вечерашниот концерт во чест на Тоше и се обрати на публиката на македонски, кажувајќи ја познатата фраза - Ве сакам сите.

Имаше и ѕвездено небо, како и многу аплаузи и солзи. И 11 години подоцна ништо не е исто после него, неговото присуство недостасуваше повеќе од било кога. 

Д.К.