Научници ја истражувале штетноста од играчките за капење и биле прилично изненадени
Швајцарски и американски научници утврдиле дека детските играчки со кои се капат се полни со различни бактерии.
Истражувачите ги пребројувале микробите кои пливале внатре во жолтите патки и рекле дека течноста која се испразнува кога се стиснат содржела „потенцијално патогени бактерии“ во четири од пет проверувани играчки.
Како што пренесуваат светските медиуми, пронајдените бактерии вклучуваат „легионела“ и „pseudomonas aeruginosa“, бактерии кои често се врзуваат за болнички инфекции.
Научниците биле изненадени со големата количина и до 75 милиони ќелии по квадратен сантиметар и разни други бактерии и габи во патките.
Додека одредени количини бактерии можат да помогнат во јакнење на имунолошкиот систем на децата, некои можат исто така да доведат до инфекции на очи, уши и црева, рекле истражувачи.
Студијата ја спровел швајцарскиот Федерален институт за водени науки и технологија и Универзитетот Илиноис, а е објавена во магазинот "Biofilms and Microbiomes".
Се наведува дека тоа е едно од првите сериозни научни истражувања од овој вид.