Не е до тебе... до мене е

Добивај вести на Viber

Последниве 10-15 години, живееме во паралелни светови. Едниот е оној реалниот, во кој сме она што навистина сме, немтури сабајлечки, раскубани во косите, гурелави и нефункционални до првото кафе и тоа е издание во кое не’ знаат најблиските и оние со кои реално го делиме животот. Во тој-реалниот свет, имаме брчки, побелен корен на косата, стеречки пеги на рацете, целулит ваму-таму, свадбарки, пцуеме кога возиме низ метежот, се расправаме сами со себе, плачеме на песни од youtube и се криеме од сите, убедувајќи го светот дека сме добро.

Другиот свет е како оној на Дизни. Виртуелниот, во кој може да си ја стокмиме косата во каква што сакаме боја, да испегламе брчките, да ги обелиме забите, па дури и да се издолжиме за сметка на габаритноста што ни се насобрала во задниците и колковите. Во тој свет имаме перфектни профилни слики, перфектни семејства, пријатели, секогаш сме насмеани, расположени и мили. На фотографиите идила од домовите, наместени астали и поставена храна, уловени моменти кои ги делиме со светот.

Во тој свет...виртуелниот, постоиме само половично, односно ја даваме и делиме само онаа половина која нам ни се допаѓа и за која мислиме дека е доволно репрезентативна. Социјалните мрежи се идеално место за самозалажување. Дури и мене ми се има случено истото, додека не сфатив дека се’ е ветер и магла, додека не им дозволиш на другите да те видат токму онаков каков што си. Се’ помалку додавам ефекти на фотографиите, уште сум во фаза на преговарање сама со себе дали ќе бидам повторно црвенокоса или загасито златна (Боже ме прости...и јас ја научив таа нијанса) па затоа шетам со главата ни ваму ни таму, не пишувам мудри статуси кога сум терсене и кога нешто ме боли и си имам мака, туку го влепувам токму онака како што ми доаѓа. Овој виртуелен свет, во кој колку и да се чувствуваме дека сме се зближиле, имам осет дека сме се’ подалеку и од себе и од другите, е неминовно поврзан и со романси, запознавања и виртуелни врски кои никогаш не започнале во реалноста.

Сосем е легитимно да ви се допадне некој/а, нечии ставови, вкус за музика, па дури и фотографија (та нели сме биле визуелни типови, иако јас имам поинаква теорија). Сосем е легитимно и да се допаднете некому, да проработи кликот, да се отпочне муабет и да тера...ама до каде и до кога? Интересно, но ако тргне се’ ко што треба во виртуелниот свет, луѓето дури и не сакаат да ја уништат таа идила, од пусти страв дека ќе се разочараат во реалноста. Јас сум повеќе за онаа, другата варијанта. Ок, кликнало. Ок, муабетот супер. Ама друго е кога гледам некого в очи. Друго е кога не го замислувам, туку го доживувам изразот на лицето кога разговараме за одредена тема. Друго ми е чувството и сенсот за хумор во живо. И би дејт! Нормално, ко за прв пат никој не зема никого. Безбедно е да е во кафуле, на терен кој е горе-долу неутрален. И седнуваш и се гледаш в очи. И како правиш муабет, така во главата се навраќаш на сите претходни муабети, па сега реакциите со смајлиња, “мхм”, “хах” и други, веќе добиваат форма и смисол.

Времето си тече, муабетите, се зезате, се’ е како што треба, освен една мала ситница. Кај едната страна направило “клик”, а кај другата не. И сега?

Како сиот тој однос да се изамортизира, за да не дојде до тензија? Ако се во прашање двајца свесни и возрасни луѓе кои знаат што сакаат, а што не, тогаш оди лесно. Оној кој е загреан не го добива знакот, тој што не е загреан е внимателен и се обидува да задржи барем пријателски однос....и после 2-3 муабети, работите си доаѓаат на своето место. Кога немало клик, не сум дозволила никој да пати, да има лажна надеж или да го ставам во позиција на “не е до тебе....до мене е”.

Ок дечки и девојки, да се разбереме нешто. Има посебен круг во пеколот за оние кои ја употребуваат оваа реченица. Прво, не сме 2 година средно, второ, така срочено се користи за да држите некого на кратко ланче и трето, да...до вас е, реално.

Се кажува јасно и гласно дека романса не бива, а не да се објаснуваме до кого е. Сосем сум свесна дека најголемата замка е во “не е до тебе, до мене е”. И сите паѓаат на таа замка. Зошто?! Па токму затоа што не е до нив, си мислат дека е тоа период на осама кај другиот кој ќе мине, не земајќи предвид дека можеби има уште неколкумина до кои исто не е, ама се тука како резерва. Никому не сум кажала така и не сакам да го слушам тоа. Затоа што не е ниту до мене, ниту до другиот. Едноставно, или се случува или не. И тука не помага ниту убавина, ниту ум. Тоа е момент кога сите “оглупавуваме”.

Познавам многу паметни луѓе кои не само што паднале на оваа фраза, туку и заглавиле во лавиринт од кој тешко се излегува. Кои не сфатиле дека се вовлечени во игра од која нема да излезат неоштетени. Кои со сета сила во себе се обидуваат да разберат нешто што навидум е обвиткано со мистичност и душевно патење на оној отспротива, додека не се заплеткаат толку многу што после грев да ти е да ги гледаш. А оние кои се од другата страна? Ах, па тие ја постигнале целта. Со само една реченица врзуваат луѓе за себе, без понатаму да се напрегаат и да се мачат да освојуваат.

Затоа...драги мои, ако доживеете некој да ви каже “не е до тебе, до мене е”, веднаш да знаете колку е часот. А часовникот тогаш одбележува точно време за да си заминете и да не се завртите повеќе.

Не си ја барајте бељата да глумите нечие рамо за плачење, ниту да се обидувате да сфатите и да проникнете зад фразата и да ја најдете суштината....затоа што ја нема!

И да, не е до вас.

Ама ич не е до вас, туку е во умешноста и храброста на оној карши вас да ве третира како разумна и зрела особа.

Колекционерите на трофеи се расфрлаат со вакви жалопојки. Не дозволувајте да наседнете и не си дозволувајте да бидете одговорни за нечиј нарушен мир доколку знаете дека нема никогаш да чувствувате љубов кон тој човек (барем не романтична).

И запамтете...не ги врзувајте на нечесен начин оние за кои од старт знаете дека се добри луѓе и дека само ќе ги повредите. До вас е, навистина. И вие го правите изборот, дали ќе задржите човек до вас со чесност, или ќе го изгубите за навек со играње игри.


До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не кажувај му лаги на чоек
Не го труј, душата нему ја погани
Оти тешки се лагите
Како во чаша полна убо бело вино
Долу тонат и се таложат
И со секоја нова виното истекува
Та после чоек пие само отров
Нему лепи на чоек лаги во душата
Оти бисери му земаш
А внатре ќумурчиња му клаваш
Му зацрнуваш она што од Господ бело му е дадено
Та си го зацрнуваш и срцето свое
Поголема болка од лагата нема
И нема бела лага, ниту полубела
Таа леб не е од мешано брашно
Нема лага за добрина кажана
Оти чоек колку и да сака некојпат излажан да биди 
Кусур ќе ти фати еден ден
А на лагата само лага се лепи
Та еден ден веќе и не знаеш каде отишла вистината
Немој
На чоек лагинекажувајму
Вистината намести му ја како чиста постела
И во неа со сета љубов и почит спростри ја
Со милост во очите зборот изусти го
Ама да знај оти не е кажан за да го боли
Оти лагата е ко пелин во шербет удавен
Та низ уста ко ќе вртиш, ќе згорчи
И да го плукниш
Пак вкусот ќе ти остане
А после и мед на чоек да му дајш, џабе е
Не ќе ти верува
Ниту пак ти ќе му веруваш
И сомнежите само ќе останат
Како црвје да глодаат
Низ утроба да ти се шетаат
На чоек лага не се кажува
Ниту со неа да го храниш треба
Ниту пак да го поиш
Поарно дај му трошки од вистината
И неколку капки искреност
Поќе ќе го крепат
Отколку со лажење да го најадиш и напоиш
Оти ниту ќе се најади
Ниту жедта ќе му ја згасниш
Оти лагите се ко сол да јадиш
И никогаш од нив ќар немаш
Имај кон чоека почит
Милост имај и љубов
Како кон сам себе што треба да ја имаш
Каква што сакаш и тој кон тебе да има
Та гледајте се преку вистината
И ти поубав ќе бидиш
А и тој отспротива поубо ќе ти свети
Само на чоек не кажувај му лаги
Ниту нему, ниту на сам себе...ниту на сам себе