“Не кажувај му лаги на чоек”
Живееме во време на лаги. Мали, големи, бенигни, опасни, намерни...и се прашувам кога успеавме да направиме толку градации на лагите, кога основата е секаде иста-избегнување на вистината. А вистината знае да биде непријатна или во најдобар случај соговорникот да не е спремен за истата. Замислете ситуации:
1. “Златичко, ќе ја викнеме мајка ми на ручек?”
“Не, се меша во се’, а башка никогаш не ми била симпатична”
2. “Еј, како ми стои новиов фустан?”
“Задникот ти е премногу голем, така што предниот дел од фустанот ти е подолг од задниот”
3. “Колега, ќе ми помогнеш со извештајот?”
“За да можеш ти да пребаруваш непристојни содржини на интернет?!”
Токму заради ова не ги ставив погоре таканаречените бели лаги, кои се користат за да не се каже вистината сурово, туку во завиена форма, или евентуално мааааалкуцка да се замачка за да не се повреди соговорникот. Па тоа би изгледало вака некако:
1. “Секако, а потоа ќе ве оставам убаво да си поприкажете”
2. “Ти си ми секогаш убава, иако мислам дека во тој другиот, знаеш, оној црвениот изгледаш уште поубаво”
3. “ Би сакал колега, но ќе мора да поработам на некои документи”.
Но што правиме со другите лаги?
Уште од мали нозе ги учиме децата дека лажењето е зло. Ви текнува на она “кој лаже, тој краде, има вошки и спие на таван”, што им го кажуваме на децата за да поентираме дека лагата повлекува и низа други работи кои обично посрамотуваат (иако за вошките не се сложувам, оти сите со мали деца сме ги фаќале и на стари години).
Од друга страна, се прашувам колку некогаш и самите не придонесуваме за да бидеме излажани. Кога бараме потполна искреност од децата, треба да сме спремни и да знаеме како да се носиме со тоа. Криењето лоши оценки е заради нашите реакции на истите, или во превод “биди искрен/а со мама/тато за после да ти викаме, наместо да видиме каде е проблемот и да го решиме”. Лажењето во рани години е како вкусна бонбона, која дури отпосле сфаќаме дека има полнење кое нагорчува. Лагите за оценките лесно преминуваат во лаги кои можат да донесат многу проблеми и некогаш и нерешливи ситуации.
Ми се случувало да ми дојде да изреагирам негативно на искреноста на ќерка ми, да си го гризнам јазикот и да се потсетам дека мојата реакција е услов за тоа дали следниот пат кога ќе треба да се каже вистината, ќе ми биде кажана.
Во принцип, ако ги тргнам белите лаги...лажењето го сметам, пред се’, за навреда и потценување. Сум гледала пријателства кои се базираат на лаги, семејни односи, љубовни односи и сите тие имале една заедничка работа. Немањето самодоверба, ниту пак доверба. Не џабе се рекло дека кога ќе излажеш, се лажеш прво себе...или дека 100 пари повторена лага, станува вистина за оној кој ја сервира.
Притисокот на лажењето е она што најмногу ми тежело. Нормално дека сум излажала! И секој пат ми лагата ми стоела како тежина, како камче во чевел што при одот постојано ме потсетува дека нешто не е како што треба. И дур не си кажам, ме измачува. Она што отсекогаш ме фасцинирало кај “лажовите”, е моќта да паметат. Една лага никогаш не останува сама за себе, туку со текот на времето се надградува, проширува, додека еден цел филм не се направи, во кој, само режисерот знае што сакал да постигне.
Јас сум мрза. Не сакам умот да си го трошам на памтење нешто што не постои и плетење приказна околу ништото. Како стареам, не само што ме мрзи, туку и ме фаќа инает да дозволам да бидам приморана да лажам. Башка што верувам дека секоја лоша мисла и дело се враќаат како бумеранг, а истото ми важи и за лажењето.
Ме фаќа страв од оние кои можат со леснотија да ја извртат вистината и истовремено да те гледаат во очи без да трепнат.
Ме фаќа страв од оние кои лажат, а спијат мирно.
Ме фаќа страв од оние кои лажат, а во ниту еден момент не ја симнуваат насмевката од лицето.
Е сега...од друга страна, имам посебна почит кон оние кои излажале, а потоа собрале храброст и сила да го стават тоа на маса и да разговараат, без непотребни оправдувања. Оној кој што ја почувствувал тежината на лагата и таа му била поголем проблем од суетата и срамот, е достоен за почит. Да не се разбереме погрешно. Не правам херои од нив, но да признаеме дека таквите се реткост. Мотивите и причините ги оставам на страна. Вака или онака, никој не е безгрешен за да суди за туѓата грешност, или ако сакате “оној кој е безгрешен, прв нека го фрли каменот”.
Паметам една случка од пред триесетина и кусур години. Во Битола сум, кај баба ми и дедо ми. Кај нив имаше ред...време за ручек, време за одмор, време кога можев да излезам и време кога требаше да се вратам дома. Е, тоа време се мереше по ѕидниот часовник, кој еден ден го поместив половина час нанапред, оти многу, ама многу ми се играше надвор (нормално, не водејќи сметка дека ќе треба да се вратам за истиот тој половина час порано). Кога се вратив, доцнејќи по лажно наместеното време, не ми беше кажан ниту збор. Масата поставена за вечера, седнувам, тие си муабетат, а мене секој залак ми стои во грло. И не додржав, си кажав, со солзи и каење. Нормално дека знаеле, впрочем по тој часовник се знаеше и кога почнуваат вестите на телевизија. Чекаа да кажам сама, чекаа да ми стежне и да ме порази сопствената лага. Меѓу другото, најтешко ми беше кога ми рекоа дека се среќни што ете, сама сум признала. Изневерената доверба ме заболе најмногу.
Чесниот однос е најголемиот дар кој можете да си го дадете себе и на оној спроти вас, кој и да е. Дозволете си себе луксуз да се дарувате и да дарувате.
Не кажувај му лаги на чоек
Не го труј, душата не му ја погани
Оти тешки се лагите
Како во чаша полна убо бело вино
Долу тонат и се таложат
И со секоја нова виното истекува
Та после чоек пие само отров
Не му лепи на чоек лаги во душата
Оти бисери му земаш
А внатре ќумурчиња му клаваш
Му зацрнуваш она што од Господ бело му е дадено
Та си го зацрнуваш и срцето свое
Поголема болка од лагата нема
И нема бела лага, ниту полубела
Таа леб не е од мешано брашно
Нема лага за добрина кажана
Оти чоек колку и да сака некојпат излажан да биди
Кусур ќе ти фати еден ден
А на лагата само лага се лепи
Та еден ден веќе и не знаеш каде отишла вистината
Немој
На чоек лаги не кажувај му
Вистината намести му ја како чиста постела
И во неа со сета љубов и почит спростри ја
Со милост во очите зборот изусти го
Ама да знај оти не е кажан за да го боли
Оти лагата е ко пелин во шербет удавен
Та низ уста ко ќе вртиш, ќе згорчи
И да го плукниш
Пак вкусот ќе ти остане
А после и мед на чоек да му дајш, џабе е
Не ќе ти верува
Ниту пак ти ќе му веруваш
И сомнежите само ќе останат
Како црвје да глодаат
Низ утроба да ти се шетаат
На чоек лага не се кажува
Ниту со неа да го храниш треба
Ниту пак да го поиш
Поарно дај му трошки од вистината
И неколку капки искреност
Поќе ќе го крепат
Отколку со лажење да го најадиш и напоиш
Оти ниту ќе се најади
Ниту жедта ќе му ја згасниш
Оти лагите се ко сол да јадиш
И никогаш од нив ќар немаш
Имај кон чоека почит
Милост имај и љубов
Како кон сам себе што треба да ја имаш
Каква што сакаш и тој кон тебе да има
Та гледајте се преку вистината
И ти поубав ќе бидиш
А и тој отспротива поубо ќе ти свети
Само на чоек не кажувај му лаги
Ниту нему, ниту на сам себе...ниту на сам себе
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска