Не мајтапете се со изнајмување инвалидски колички: Мајката на Јане лута на шегите на сметка на лицата со попреченост
Малиот херој Јане Велковски кој боледува од спинална мускулна атрофија, е дел од лицата со попреченост кои викендов за време на забраната за движење имаа право на куси излегувања од дома. Јане со својот татко Ѓорѓи излезе на пропшетка низ неговата населба Хром, расположен и насмеан како и секогаш.
Мајката на Јане, Деница Велковска е лута поради шегите на социјалните мрежи на сметка на лицата со попреченост од типот: Ајде да рентаме количка за да можеме да излеземе од дома.
„ Лицата со попреченост имаат неколку часа плус за движење за време на забраната. Не, туку имаат заштитени часови за движење по неколку основи. Јас најважниот основ го гледам по заштита на здравјето, т.е. немањето контакт со останатата гужва што им дава комплетна заштита од зараза. Потоа е основот ради нивната состојба и специфичните потреби за движење. Дали се јавува завист можеби? Би се менувал некој со нив да не беше пандемијава? Би седнал ли во инвалидска количка само за сега да смее да шета? Сигурно не! Ама се сака да се коментира, да се мајтапи со „рентање колички“, изјави Деница за Женски магазин. Во искреното писмо што ни го испрати, Велковска раскажа сè што ѝ лежи на срце. Вели оти изгледа на сите ни требаше пандемијата за да ги забележиме лицата со попреченост, за да им ослободиме паркинг место, да им предаваме онлајн или да ги ослободиме од работа. Деница има замерки и на сметка на онлајн учењето.
„ Ни треба Уредба? Во овие тешки моменти многу нешта излегоа на виделина. Еве на пример: некои наставници кои се колнеа дека се „втори мајки“ на нашите деца, ги нема цел месец да се јават кај децава. Оние наставници кои се посветени- одржуваат лајф часови или снимаат видеа, а другиве само ни ги споделуваат домашните во меил и ја завршиле својата педагошка мисија. „Недај боже“ да се јават на вибер и да одржат краток час. Немале технолошки услови. Истите тие кои едвај ги оставаат телефоните на час во оние торбички за телефони. После пандемијава не знам како ќе ги погледам во очи на родителска кога ќе ми зборуваат за грижата за дечињата! Уредба им требало за да одржат час во вонредни услови на „вториве мајки“!, додаде Велковска.
За својот син Јане, таа вели дека одлично се справува со кризата поради коронавирусот.
„Јане издржува, се чувствува убаво што има мерка за движење и за него, веројатно го доби она чувство на припадност, на грижа и на соодветна нега, сè дур не заврши полицискиот час и некои не му го земат паркинг местото или не му создадат друга бариера“, раскажува мајката на Јане.
Велковска додава оти нема уредба на светов што ќе те направи подобар човек, тоа или го имаш научено или не.
„Конечно треба да сфатиме дека е до секој од нас, не е сè до системот. Како што полека учиме да бидеме подобри кон природата, така се надевам дека ќе се научиме да бидеме подобри луѓе кон сè останато, а прво кон луѓето лево и десно до нас“, завршува Деница.
Минатата недела, Јане даде изјава за Voices of Youth, организација за младите лидери од целиот свет на UNICEF меѓу кои е и тој.
„Продолжувам да учам од дома, а омилен предмет ми е математика. Среќен сум што сум здрав и што можам да си играм со моето куче Бела“, раскажа Јане.
Семејството Велковски беа наши домаќини на крајот од минатата година. „Немам желби за Нова година зашто знам дека наскоро ќе проодам“, ни изјави тогаш Јане.
Милица Џаровска