Не ми ветувај љубов
Денес се навршуваат точно 52 години од денот кога моите родители стапија во брак. 52 години полни со компромиси и инаети, бури и чисто небо, надмудрувања и шеги за Прилеп и Битола. 52 години од убедувања дали Домот на култура во Битола е постар од оној во Прилеп, 52 години грижа, моменти на “ми доаѓа да го/ја задавам” и најважно...52 години љубов. И кога повеќе пати ќе повторите “педесет и две години”, веќе губите чувство за зборовите, но тоа нималку не го намалува значењето дека двајца луѓе поминале 18.994 денови (со денешниов ден) заедно.
Искрена да бидам, кога ќе соберам и одземам, помножам и поделам, сфаќам дека поголем дел од животот сум го минала сама и без љубов. Кога велам “без љубов”, мислам на љубов во заедништво со партнер, а не на онаа која ја имам сама кон себе, од ќерка ми и моите, пријателите и сите вас низ годиниве. И да не идеализираме дека “кутрата јас, вака фина и најсовршена не може да го најде совршениот за себе” и да бидеме реални. Љубовта се заслужува само ако се бориш за неа. ТОЛКУ И ТОЧКА. Нема ништо дадено на тацна, а и она што некој ќе ви го послужи без да се измачите за да го заслужите, по правило има некоја “зврчка”. Нека не ве залажува чувството дека сте имале среќа за да добиете нешто на полесниот начин, оти среќа е ако успеете да го најдете начинот како да го добиете она што го сакате, но со труд и борба.
Да се вратам погоре. Сум имала неколку долги врски, брак кој траел скоро 7 години и некои обиди за да имам врска кои завршиле уште пред да започнат. И не е дека не сум љубела или дека не сум била љубена. Знам дека сите луѓе кои ми продефилирале низ животот имале огромно значење за мене и за моето созревање и како жена и како човек. Велат дека не случајно ви се вкрстиле патиштата со некого, бидејќи секој човек кој влегол на вашата патека бил тука за да ве научи некаква лекција, која или ќе си ја научите или ќе го повторувате градивото додека не го совладате. Што се однесува до моите партнери, да, сум ги сакала но секогаш имате сакање и САКАЊЕ. Веројатно мојата љубов кон нив не била на начин на кој им било убаво или кој барал од мене да ги извадам од себе најдлабоките чувства, доверба и ставање на НИЕ пред ЈАС. Видете, можеме да си прикажуваме за најсовршената љубов и да редиме емоции, па ред солзи и мрсули, можеме да идеализираме се’ што сакате, па да драмиме дека без љубов не се живее ама да сме на чисто, нема љубов ако нема доверба или ако на местото на довербата има суета.
Ако прашам стотина луѓе дали имаат доверба во својот партнер/ка, убедена сум дека од 100 одговори сите ќе бидат ДА. Ако ѕирнам во нивните мисли веднаш оваа бројка ќе се преполови, а ако анализираме постапки тогаш поделеното ќе треба уште еднаш да го поделите. Кога одев на трансакциона анализа, една од работите кои ги осознав за себе е дека немам доверба во луѓето, особено не во спротивниот пол. И кога ќе ја гледате сликата за машко-женски односи одблиску, ќе видите дека сум имала зошто да не верувам. Секогаш кога сум ставала крај на врска заради неверство, било затоа што сум била изневерена, а не дека сум изневерила. Кога растевме, како да беше во опис и попис на полот, да стои дека мажите имаат ексклузивно право на “шврљање”. Е сега, поттргнете се малку од сликата која ви ја поставив и гледајте ја од поинаков агол, гледајте го она што никогаш не е толку очигледно како присуството или отсуството на постапката изневерување. Интересно е дека најголем дел од нас, довербата веднаш ја идентификуваат со верноста. Истата бев и јас, додека не сфатив дека едното со другото може и да нема никаква врска.
Моето будење беше болно и релативно доцна, бидејќи ми ги измести сите видици и граници на кои дотогаш бев навикната и со кои научив да живеам. Не, физичкото неверство не е најболното и најтрауматичното искуство за кое се пишуваат книги, се прават музички спотови или се снимаат филмови кои чинат милиони долари. Тоа е кршење на илузија која сте ја имале за некој дека знае да си ги владее нагоните. Она што најмногу боли е чувството дека сте изневерени како човек и пријател, како партнер и поддршка, а да не е во прашање друга жена или друг маж.
Имање доверба во некого не значи “глава сечам дека нема да помисли на друга жена, дури и ако му се соблече Анџелина Џоли”. Во ред е, приказни за мали деца! Не само што помислува на други жени, туку да ја спомнувате Анџелина во овој контекст и не е баш умно ако сакате по секоја цена да ја докажувате верноста на партнерот. И не е поентата во тоа дали мисли на други жени, оти и ние некогаш мислиме на други мажи и нашите мисли ич не се наивни, ниту невини. Поентата е во тоа дека што и да се случи, со каква и неубава работа да се соочите, да знаете дека до себе имате човек на кого можете се’ да му кажете, кој ќе остане тука и тогаш кога сами себе нема да се поднесувате и кој ќе биде ваш столб. Се’ додека изневерување на довербата е само физичкиот акт-секс а не разочарувањето кога сте почувствувале дека партнерот е љубоморен на вашето унапредување, ќе ги занемарувате вистинските проблеми. Не, не велам дека неверството е за занемарување, туку велам дека ако го нема не значи дека човек не е изневерен.
И ако повторно поставам прашање, колкумина од нас ќе го стават заедништвото пред суетата, прва ќе бидам за да ве убедувам дека никогаш (и под никаков услов) нема да ми е суетата поважна од партнерот. Дали сум 100% убедена? Не! Ми била и не знам дали ќе успеам да созреам и да се издигнам толку над сопствените слабости за да ја докажам теоријата дека вистинска љубов се доживува тогаш кога егото ви е колку зрно грашок. Да нема забуни, достоинството оставете го настрана. Зборуваме за егото, за она налудничаво “јас, јас и јас” кое не трпи компромис и кое не знае да отстапи чекор наназад кога е потребно. Од таквото его имам избркано од себе човек со кој и ден-денес мислам дека ќе бевме “грнче и капаче”. Ми остана во глава неговото “добро Ана, ти си во право секогаш. Среќна си сега?”, затоа што бев длабоко несреќна отпосле. Сфатив дека “во право си” е најмалку важно ако изгубиш некого. Поважно е да се работи на компромисот, а не на барање на потврда кој е попаметен (јас сигурно не бев).
Не ветувајте никому ништо, најмалку љубов. Не зборувајте за неа, не ја ставајте на пиедестал, не правете од неа нешто недостижно или нешто тешко остварливо. Само дајте си дозвола да љубите, дајте си дозвола да го симнете штитот и да верувате, дајте си дозвола некогаш да згрешите и да не бидете совршени. Нема совршени луѓе, нема совршена љубов, нема совршена приказна. Има само многу верба, истрајност, борба и свесност дека кога ќе биде тешко, заедно ќе го поминеме и она што е прашање на живот и смрт. Се’ друго е лук и вода, нереални приказни за нешто што нема врска со љубов.
Мамо и тато, да си исчекате уште многу години заедно во шега, смеа, некоја кавга (колку да не ви е досадно) и во добро здравје. Ве сакам!
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не ми ветувај љубов која крај ќе нема
Оти се’ на светов свој почеток и крај има
За да може кругот животен да се врти без престан
А со него и ние по неколку пати да се раѓаме и умираме
Ниту сакам ѕвезди од небо да симнуваш
Остави ги онаму горе
Токму таму каде што треба да бидат
Оти јас и онака накит не носам
Не ми ветувај дека се’ мед и млеко ќе биде
Оти од мед и млеко стомакот не се полни
А и блажината поубава ќе биде
Ако некогаш шака горчливи бадеми изголтаме
Ниту сакам во мир да бидеме секој пат
Ете некогаш и да се покошкаме сакам
Да те чујам и гласот да ми го слушнеш
А и постелата велат помека е после караница
Не ми ветувај дека јас единствена љубов ќе ти бидам
И дека за мене би умрел туку така
Оти рожбата наша пред мене да ти биде сакам
И за неа да живееш а со тебе и јас да се радувам
Ниту сакам голема куќа да ми стокмиш
И сите одаи од злато и мермер да тежат
Сакам сопче во кое љубов ќе ти дишам
Од кое дворец и дом ќе ти направам
Не ми ветувај оти ти пред мене на оној свет ќе одиш
Оти тој што љуби секогаш за тоа се моли
За болката од напуштање на саканиот да не ја сети
И ко жив мртовец на земјава да продолжи
Ниту сакам алтани дома да ми носиш
Ако на себе насмевка од дома не облечиш
И пред в куќа да влезеш грижи од себе расоблечиш
Та да те гоштевам со душава и телово до зори
Не ми ветувај
Не ми ветувај она што и обајцата знаеме
Дека ветено-сторено не ќе биди
Ете
Вети ми оти низ веков ќе врвиме без лаги
И оти срцата топли еден за друг ќе си ги чуваме
Вети ми оти ноќ ќе нема
Која без твојот бакнеж ќе ја минам
И дека ден не ќе осамне
Без во тишина да се чуеме како дишеме
Вети ми оти пред тебе ако одам
Ќе ме имаш на ум ко љубов
И дека ќе живееш ко тука да сум
Вети ми оти во друга, мене нема да ме бараш
И дека сам не ќе останеш
Еве
Еве вети ми оти ако пред мене заминиш
Ќе ме чекаш дур да дојдам
И дека нема да ме заборавиш
А до тогаш
До тогаш само живот вети ми
Во кој се’ ќе има
И во кој и ќе се опцуеме и ќе се галиме
Заедно ќе тагуваме и на глас ќе се кикотиме
Во кој и здравјето и болестите
Еден до друг ко карпи две ќе ги тераме
За среќен да бидиш
И среќна да ме направиш
Вети ми
Вети ми