НЕ МОЛЧИ!
Денес, сите ние, а особено младите, минуваме многу време на социјалните мрежи. Опседнати сме со тоа што се зборува за нас, што се пишува, што се гледа и коментира на Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, Тик-ток и кои ли сè други популарни мрежи. Добро се сеќавам на зборовите на еден романски филмски режисер во интервјуто што му го правев пред неколку години: „Фејсбук прави да се мимираат врски кои се лажни. Секој се изолира во својата глава, а тоа е страшна форма на клаустрофобија. Привидно чувство дека комуницираме меѓу себе, а всушност живееме во отуѓен свет. И кога луѓето постираат слики на Фејсбук и селфиња, се чувствуваат „кул“, а всушност се покажуваат пред светот само во своето најдобро светло, а тоа е лажно“. Уште пострашен е потенцијалот на социјалните мрежи како црна дупка која лакомо ги голта насилните коментари и токсичните критики. Оттука, неизбежно е да се зборува за новиот феномен на сајбер-булинг. Но на сајбер-булингот му претходи булингот, односно врсничкото насилство како поширок корпус на практики на омаловажување и малтретирање. Ниту еден вид на насилство не смее да се толерира!
Во мојот клас, во гимназијата во која учев пред повеќе од дваесет години, имаше едно девојче кое често го задеваа и исмејуваа. Дваесет години подоцна, во одделението на ќерката на нашите пријатели се случува истото, со една разлика – насилството од училишните клупи продолжува и во дигиталниот простор. Колкумина од нас биле жртви или сведоци на родово-базирано насилство? - Многу! Насилството е подмолно и се појавува во различни форми. Неговото лице вешто се крие зад булингот, мобингот, структурното, психолошко, емоционалното насилство и секако неговата најексплицитна и најбрутална форма - физичкото насилство. Исклучително важно е да го препознаеме и тогаш кога е маскирано во свилени ракавици, бидејќи препознавањето на различните форми на насилство значи - превенција и делување. А делувањето е клучно за каква било промена во општеството. Има два збора кои почнуваат на буквата „А“, а се комплетно спротивни – акција и апатија. Да се одлучиме за првото!
Грутката што ме стега во грлото не можам да ја ослободам од минатиот петок, кога ја работевме дебатата за влијанието на родово-базираното насилство со акцент на меѓуврсничкото насилство и неговите подмолни манифестации во дигиталната долина. Скопје, Битола, Струмица, Тетово... неколку градови ги ставивме „на тапет“. Фрапирана сум од искуствата што ги слушнав директно, од прва рака, од млади луѓе (најголем дел од нив беа средношколци) кои учествуваа на дебатите што ги организиравме во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово-базирано насилство“. Под мотото:„Не молчи, не трај, стави крај“! се обидов да ги отворам деликатните прашањата за коренот на меѓуврсничкото насилство, за токсичноста на социјалните мрежи, траумата, помошта на жртвите на булинг и градењето на култура на мир. Знаете ли до какви податоци дојдовме на терен? – До поразителни факти дека 73 проценти од младите се соочиле со врсничко насилство, а над 85 проценти од нив не пријавиле или не добиле поддршка. Фрапантно!
Лесно е кога за проблемите се криеме зад сувопраните статистики и бројки, но кога бројките добиваат лица, тогаш не можеш да останеш имун на пандемијата наречена „меѓуврсничко насилство“. Една од девојките ни раскажа дека нејзината пријателка била жртва на сексуално насилство. Кога траумата ја споделила со својата мајка, таа ништо не сторила. Просто не можев да поверувам дака е можно такво нешто. Тоа ми беше освестувачка шлаканица дека сите деца, девојчиња и момчиња, не се „привилегирани“ да бидат заштитени од своите родители, проблемот да биде третиран од нивните наставници, да добијат соодветна поддршка од психолог и силеџиството да добие соодветна правна разврска. Некои деца кои се жртви на насилство се всушност многу сами и осамени...
Менталното здравје кај децата и младите е многу кревко и подложно на секаков вид сила, закана, злоупотреба, заплашување или агресивно доминирање. Булингот ги претставува сите овие однесувања, кои можат да се распоредат во три типа: вербален, социјален и физички. Истражувајќи на темата ми се потврди дека булингот најчесто се случува во училиште, но може да се одвива и после училишните часови. Булингот, всушност, претставува карактеристичен образец на повредување и понижување на другите, особено на оние кои се помали, послаби или поранливи. Во ова наше технолошки софистицирано време, а емотивно деградирано, со рапидниот развој на технологијата се појавува и сајбербулинг во кој се користат смарт-телефони, интернет, односно социјалните мрежи, каде преку слики и коментари се омаловажува или „булира“ одредена личност со цел да се повреди и вознемири. Она што е важно да разликуваме е дека булингот не се случува случајно или еднаш, туку повеќекратно и намерно, со цел да се предизвика штета на другиот кој најчесто е со помала моќ. Значи да расчистиме, врсничкото насилство не е инцидент што нема да се повтори, некоја пријателска расправија или некое несогласување, ниту, пак, ненамерно нанесена краткотрајна болка.
За тоа колку е сериозен проблемот на меѓуврсничкото насилство говорат и следниве податоци од истражувањата на УНИЦЕФ: 20 отсто од жртвите не се редовни на училиште само за да избегнат малтретирање; 29 отсто имаат проблеми со концентрацијата; 22 отсто чувствуваат симптоми на физичка болест; 20 отсто имаат проблеми со спиењето. Истражувањата покажуваат дека селата или градовите, регионалните училишта, големината на училиштата како ни бројот на децата во одделението не претставуваат важни фактори за појавата на насилство. Бројот на учениците кои пријавуваат дека се жртви на злоупотребување се намалува со возраста. Значи, ако децата се постари, ретко се обраќаат за помош. Во однос, пак, на разликите меѓу девојчињата и машките, се покажува дека машките почесто кажуваат некому дека се злоупотребувани. Кај машките злоупотребувањето е најчесто физичко, болно и лесно се забележува. Затоа не е чудно што машките почесто пријавуваат злоупотребување од девојчињата. Девојчињата, пак, почесто се на удар на врсничко насилство од страна на машките отколку обратно, т. е. девојчињата поретко ги злоупотребуваат машките. Од друга страна, поголема е веројатноста дека тие ќе применат недиректни, префинети, општествени средства за да вознемируваат друго девојче. Најчесто однесување од ваков тип се исклучување од истиот круг на пријателки, манипулирање со пријателските односи, ширење злобни гласини, озборување, лажење, итн. И едните и другите, жртви на врсничко насилство, се несреќни деца кои страдаат од анксиозност и нервоза и имаат ниска самодоверба.
Деновиве сме сведоци на трагичната смрт на српската јубјутерка која се самоуби неможејќи да го издржи негативниот притисок од јавноста. Некои жртви и на врсничко насилство се толку вознемирени што вршат или се обидуваат да извршат самоубиство. Во Велика Британија таа бројка достигнува до 16 случаи годишно. Поразително е што кај нас траумата ретко е системски третирана, иако врсничкото насилство остава сериозни и болни последици. Прашањето што треба да се постави е - дали и колку образовниот систем е подготвен да се справи со овие проблеми?
Денес, со рапидниот раст на технологијата и моќта на социјалните мрежи, овие проблеми се продлабочуваат до тој степен што понекогаш е доволен само еден „клик“ за да се уништи нечиј живот! Особено распространет е феноменот на „slut-shaming“ и друштвеното исклучување како честа појава во училиштата меѓу девојчињата. Станува збор за еден вид родово-базирано насиство кое се генерира и засилува на социјалните мрежи и е токсично за женската психа, брутално повредувајаќи ги младите жени и девојчиња. Во време во кое технологијата е новиот господар, потребните ни се алатки за човек да може да се „одбрани“ од нус-појавите на пајаковата мрежа на социјалните мрежи, од врсникото насилство, особено од родово-базираното насилство. Затоа, ако го централизираме женското искуство во овој проблем, неопходно е гласно да кажеме: „Не молчи, не трај, стави крај“!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој