Нѐ научи да бидеме силни ко карпи: Фани со емотивна посвета за татка си
Познатата пејачка и диџеј Фани Христова со емотивна порака на социјалните мрежи ја одбележа годишнината од смртта на нејзиниот татко. Таа на „Фејсбук“ сподели црно-бели фотографии под објавата „Кога тато ќе ти остави аманет“. Постот ви го пренесуваме во целост.
Бројам повторно. Поминаa 6 години, пропушти 16 наши родендени, 6 годишници од брак со мама, 6 Џез фестивали, 6 Мајски Оперски Вечери, првиот роденден на Вито, еден куп нови вицеви кои би сакал да ги прераскажуваш на пријателите, па и неколку кавги или како што ти би рекол „разговарање со повишен тон“. Ама најважното е зборот Деде на Вито. Малиот без ничија иницијатива ја зема твојата слика во рамка и те шета низ цела куќа. Гледа цртани и ја мести сликата за и ти да си гледал со него.. Кога пред 6 години на овој ден сѐ изгледаше толку сиво, тажно и кога мислев дека цел свет ми се распаѓа, не ни помислив дека ќе успееш да си секогаш присутен на свој начин, со своите совети и аманети. Кога ни го купи глобусот и ги учевме сите земји, велеше „Ти оставам аманет, пасошот во раце и патувај чедо. Со седење дома не се учи ништо. Патувај, учи и почитувај ги сите култури, вери и народи. Така ќе стекнеш богатство кое никој друг не може да ти го даде, а ни да ти го земе.“ Те послушав, патувам и го запознавам светот. Си ветив дека наредно патување во мај ќе ми биде твојот Рим, ќе ги прошетам сите места за кои со години ми раскажуваше. Ќе го ставам најубавиот фустан, ќе одам во ресторан и ќе го нарачам твоето омилено јадење. И ќе го гледам Лебедово езеро како што се договоривме...ќе ми фалиш до мене за да уживаме заедно како секогаш, ама ти пак ќе бидеш со мене оти секогаш си во моето срце. Ти велеше „Најсреќен сум чедо кога вие сте среќни, само не сакам никој да ве секира, сакам да одите со крената глава.“ Тато, среќни сме. Многу ни недостасуваш, ама ти нѐ научи да бидеме јаки како карпи, велеше „љубовта се множи, не се дели“. Во право беше пак, сега го имаме Вито и уште повеќе ја множиме љубовта, како ти што со твојата љубов која ни ја даде, успеваш секојдневно да ни ги пополнуваш сите празнини. Успешна била твојата мисија тато: Ана е најдобрата мајка, твојата Маца - најпосветената баба, а јас сум тука и за двајцата нас да го разгалам. Вечна ти слава тато!