Преку „Рамка за помош“, НЛБ Банка ја поддржува грижата за менталното здравје на адолесцентите: М–р Лариса Стојковиќ Трајкоска од Центар за раст и развој на личноста „Синтеза“

Добивај вести на Viber

НЛБ Банка како дел од регионална Групација која оперира на 6 различни пазари во рамки на регионот на Југоисточна Европа (Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), веќе четврта година по ред го реализира проектот „Рамка за помош“, станува збор за иницијатива која има за цел да ги помогне и промовира иновативините проекти кои го подобруваат и збогатуваат нашето општество и решаваат предизвици како што се на пример: прекумерна употреба на дигитални технологии кај младите луѓе, врсничко насилство, кршење на човековите права, родова еднаквост, сиромаштија, како и предизвици поврзани со деменција и други болести на стареењето на населението

Центарот за раст и развој на личноста „Синтеза“ е од Прилеп. Целта на проектот е подигнување на свесноста за менталното здравје, поттикнување на здравствени обрасци на однесување и протективни фактори за ментално здравје. Превенецијата е насочена кон препознавање на ризично однесување кај поединци од целната група, како и нудење алатки за јакнење на менталното здравје. Центарот за психологија, психотерапија и психодијагностика ефикасно се справува со предизвиците на современото живеење и генерира голем успех во помошта што ја пружа.

Разговараме со М–р  Лариса Стојковиќ Трајкоска, психолог, Гешталт психотерапевт, семејно-системски советник

1. Една од погорливите актуелни теми, која посебно се врзува за младите кај нас е менталното здравје кое игра клучна улога во јакнењето и развојот на личноста...Од искуствен и професионален аспект објаснете ни што сè тоа опфаќа и на кој начин можеме да придонесеме за негов непречен развој.

- Менталното здравје е одредено од меѓусебното дејствување на биолошките, психолошките и социјалните фактори. Тие фактори можат да бидат ризични или заштитни (протективни). Ризичните фактори или вулнерабилните фактори ја зголемуваат веројатноста да се појават ментални пореметувања и можат да го зголемат нивниот интензитет и тараење доколку се јават. Од друга страна, заштитните или протективните фактори го унапредуваат и штитат менталното здравје и ја намалуваат веројатноста да се развијат ментални пореметувања. На тој начин, заштитните фактори го зголемуваат капацитетот на поединецот да ужива во животот и да ги ублажуваат ефектите на негативните животни случувања.

На индивидуално и колективно ниво можеме да делуваме и да дадеме придонес преку вложување во контрола на биолошките фактори, вложување во унапредување на природното опшествено опкружување, преку вложување во унапредување на стиловите на живот и однесувањето на луѓето, вложување во куративната медицина и технологијата. На овој начин, би влијаеле и вложувале во здравјето (менталното здравје) да се унапредува, како и да се намали застапеноста на менталните проблеми и менталните болести.

2.  Вашиот Центар Синтеза се бави токму со овој проблем. Подигнување на свесноста за менталното здравје, поттикнување на позитивни обрасци на однесување како и превенецијата преку препознавање на ризично однесување кај поединци. Какви се активности организира вашиот Центар за да ја поттикнете и одржите менталната хигиена кај адолесцентите?

Фокусот на Центар Синтеза е промоција, потикнување на позитивни обрасци на однесување, како и превенција на менталното здравје. Бројот на адолесценти кои патат од некое ментално пореметување се зголемува, затоа што постои проблем да се препознаат пореметувањата во адолесценција, постои и склоност да ја потценуваат потребата за стручна помош и нивните обиди сами да се борат со тешкотиите.

Поради тоа наша основна  цел е да бидиме достапни за адолесцентите и спремни да дадеме подршка кога е потребно  на секој нивен повик секојдневно. Нашите активности на превенција опфаќаат информирање, психоедукација, психодијагностика, советување, терапија, програми на подршка, како и индивидуални и групни активности со адолесцентите за нивен развој.

3.  Кој е вашиот впечаток дали и колку образовниот систем кај нас обрнува внимание на менталното здравје не само на учениците туку и на нивниот образовен кадар.

- Од она што можеме да го забележиме во подолг период, иако има одредени иницијативи кои се за поздрав, општиот впечаток е дека повеќе да се ослонуваме на личната свесност, и напор на стручниот кадар, отколку на осмислени, одржливи содржини, програми за развој, целсходни активности за адолесценти, поддшка на образовен кадар, родители и сл. Секако дека има бројни совесни и посветени професионалци. Но, ако сакаме да биде сеопфатна, долготрајна и ефективана грижата за менталното здравје на адолесцентите, потребен е структрален и долготраен пристап. На тој начин, грижата нема да биде само прашање на индивидуална свесност и желба да се оди милји повеќе заради недоволната застапеност и да се компензира тој недостаток, туку би била осмислена, планирана, а со тоа и ефективна.

Простор за работа има многу, образованието е огромен дел од сликата, но не и едиствен. Тука клучни се и улогите на семејството, неформалното образование, здравството итн.

Само со здружени капацитети и интерес може да се постигне вистинска и долготрајна промена.

4.  Пред извесен период излезе студија за менталното здравје на тинејџерите во нашата земја, резултатите беа алармантни и загрижувачки. Тие покажуваат дека 64% од младите се соочуваат со депресија, 55% од младите се соочуваат со стрес, 58% се борат со анксиозност, 56% имаат суицидални мисли, а 67% сметаат дека е потребна подобра грижа за менталното здравје. На што се должи овој негативен тренд?

Причините може да бидат многуслоевите, некои од нив се очигледни, но сепак е потребно и истржувачки пристап да дојдеме до прецизни одговори, да не би звучеле шпекулативно.

Она што го знаеме е дека индивидуите заедно го создаваат општеството, а тоа потоа не создава нас.

Може да тргнеме од тоа што психолошкото советување и терапија не се доволно застапени во примарното здравство како услуга, каде акцентот е ставен на дијагностика и третман на постоечки состојби и нарушувања, кога симптоматологијата веќе го нарушила животот на поединецот.

Битени аспекти се што живееме во општество каде се присутни хронични стресори, егзистенцијалната несигурност и неизвестност, општествени транзиции и промени, висока корумпираност итн. Исто, значаен е и историскиот фактор на колективни трауми и ретрауми кај народи со чести војувања во историјата, каде последиците се провлекуваат и трансгенерациски. Во модерните времиња пак, сведоци сме на пандемија, живот во виртуелен свет и социјални медиуми, за што допрва ќе сведочиме од секојдневието и резултатите од истражувањата за нивната поврзаност и влијанието врз менталното здравје.

Во однос на ова прашање многу значајно е и какви вредности и модели општеството им нуди на младите - семејни, научни, политички, уметнички, спортски итн. Тука, евидентно е како низ децениите сведочиме се поголеми опаѓања и недостатоци.

Кој од нив има земено најголем данок или пак кумулативниот ефект е она што намногу афектира, е се уште отворено прашање. Во секој случај, резултатите се алармантни, и потребно е да делуваме веднаш, со сите капацитети кои ги имаме во заедницата - индивидуални, групни, организациски, институциски.

5.  Како најправилно се јакне менталното здравје? Кое се алатките кои ги употребувате за да се постигне успех?

Превенцијата на менталното здравје вклучува различни стратегии и активности кои го намалуваат развојот на нарушувањата во менталното здравје. Приота, во нашата работа се служиме со повеќе нивоа на превенција.

Преку примарната превенција, делуваме да се намалува ризикот за појава на психички нарушувања, додека истовремено ги јакне заштитните фактори, особено кај ранливи групи и индивидуи. Тука влегуваат проширувањете на свесноста и едукација за значајноста на редовна физичка активност, здрава исхрана, помош при градење вештини за здрави социјални контакти, нудење психолошка подршка и едукација, како и поттик за градење ставови што ја намалуваат стигмата околу менталното здравје.

Преку секундарната  превенција делуваме во насока на подобрување на одговорот при јавување на менталните болести, односно рано откривање  и брз почеток на третирање.

Постои и терцијалната превенција, која главно е насочена кон намалување на последиците од  нарушувањата. Тоа се постигнува со повеќе видови  на рехабилитација како медицинска, работна и социјална, како и грижа за подигање на општиот квалитет на животот кај адолесцентите со ментални нарушувања.

Во моменталното делување на нашето здружени, насочени сме кон стратегиите и активностите  од примарна превенција и секундарна превенција.

6.  Со какви проблеми се соочуваат поединци (посебно младите) во поглед на менталното здравје?

Адолесцентската возраст е критичен период за развојот на менталното здравје. Многу адолесценти се изложени на разни предизвици како што се булингот, насилството, семејните проблеми и други трауматични искуства.

Така, постојат бројни ризик фактори за предизвици со менталното здравје кај адолесценти. Меѓу нив главни се: Различни видови стрес, вклучуваќи го учењето, врските со пријателите, семејството и идентитетот. Периодот на адолесценција може да биде особено ранлив за развој на анксиоозност и депресија поради физички и емоционални проблеми, како и социјалните притисоци. Адолесцентите, исто така, се соочуваат со предизвици во врските со своите родители, пријателите и романтичните партнери, што може да има влијание врз нивното ментално здравје. Некои адолесценти можат да се изложат на ризик од злоупотреба на  алкохол, дроги и други супстанции како начин за справување со стресот  и проблемите. Социјалната изолација или недостатокот на социјална подршка  може исто така да има негативен ефект врз менталното здравје на адолесцентите.

7.  Избрани сте како едни од финалистите на проектот „Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата. Како ќе ви помогне нивното признание и средства за остварувањето на вашата цел?

Преку поддршка на проектот „Рамка за помош“ НЛБ групацијата значајно ќе учествува во грижа за менталното здравје на адолесцентите, преку давање можност да се спроведат активности и едукации за развој на ментална резилиентност, градење позитивни врски со врсниците, семејство и заедница, постигнување академски и кариерни цели и развивање здрави стратегии за справување со развојните и животните предизвици. Покрај актовности со адолесцентите, преку овој проект, би ја подджале и вклученоста на родителите и стручните лица од образование како главен надворешен извор на подршка за адолесцентите.

Ова, не само што е пожелно, туку е навитина потребно за заедницата, замајќи ги предвид резултатите од последните релевантни истржувања во државата каде секој трет адолесцент изјавил дека има симптоми на депресија, а дури 42% од адолесцентите доживувале умерени до сериозни симптоми на анксиозност.  Ваквата состојба е огромен аларм за будење на одговорноста на возрасните во општеството.

Подобрено ментално здравје кај адолесцентите има позитивен ефект на целата заедница, бидејќи кога младите ќе бидат здрави и задоволни, ќе се создаде погодна околина за развој и напредок за сите

Н. Толески