Не, не се сите мажи исти

Добивај вести на Viber

Во текот на неделата што измина, добив многу пораки кои беа во врска со колумната „Викни силно и гласно!“. Со грутка во грлото исчитав неколку животни приказни кои започнале среќно, онака како што сите замислуваме дека треба и мора да изгледа љубовта, за на крајот да се трансформираат во болка. Она што ги поврзува сите, беше дека ниту една од жените не беше свесна како стасала до точката од која нема враќање. Ниту една не ги препознала знаците кои укажувале дека имаат работа со насилник пред да стане доцна. И беше зачудувачки тоа што врските на сите им биле експлозивни, со многу страст, динамика, љубов додека се’ не почнало да изгледа грдо, па со истата страст, динамика и жар биле кажувани навреди или биле делени тупаници. За среќа, жените кои ми пишаа биле доволно силни и храбри за да излезат од пеколот, некои порано некои подоцна. За среќа, овие жени успеале да се спасат себе, но не без последици кои и ден-денес ги следат. Болката која ја доживуваме секогаш носи огорченост, сакале ние или не. Жените кои собрале сила за да ми пишат и да го споделат со мене нивното поразувачки лошо искуство се жени на кои им се поклонувам затоа што не ја наведнале главата за навек. Но, она што ми запара очи беше една дискретна, а на моменти и директна нишка која се провлекуваше низ пораките дека “сите мажи се исти” или “не им верувам повеќе на мажите”. Заради некое насилничко ѓубре кое преку тупаници или навредувачки зборови си ги лечи сопствените фрустрации, жените кои излегуваат од драмата наречена семејно насилство, немаат доверба во машкиот род. На овие жени ќе им треба можеби и дупло поминато време со некој пред да се уверат дека се безбедни, за да можат да се опуштат. Страшно е што дел од нив никогаш нема да можат да ја надминат фазата на недоверба и секогаш ќе добиваат тахикардија кога некој маж ќе го повиши гласот, па макар тоа било и навивање за омилената фудбалска екипа.

Добив и неколку пораки од мажи. Повеќето беа искажана поддршка за да се пишува без страв и срам за насилството врз жените, да се зборува за темата која е за жал, се’ уште актуелна. И скоро сите овие мажи беа татковци на ќерки. Само една беше порака од маж чија мајка преживеала семејно насилство. Жена-херој, жена-борец, жена која не само што успеала да се спаси, туку успеала и да изгледа и одрасне два сина. Човекот кој ми пиша, си ја отвори душата и раскажа дека во раното детство со својот брат се изнагледале се’ и сешто, а мајка му преживеала и “сито и решето” (цитирам). Болката која врескаше од секоја негова буква беше скоро опиплива и во воздух, а неговото “има моменти кога ми е срам што сум маж” ми прозвучи исто толку тажно, како што беше тажна неговата реченица дека приметува голема недоверба кај жените. Неговата констатација беше дека се’ почесто приметува како жените избегнуваат да седнат до машка особа во автобус, како при пешачење се оддалечуваат/поттргнуваат ако се разминуваат со маж и колку тоа станува се’ повеќе приметливо. Овој маж раскажа дека со брат му биле воспитани да не покажат со прст накај жена, а да не зборуваме за нешто повеќе, побрутално.

И во право беше. Секако дека човек кога ќе се изгори на млеко, ќе дува и на јогурт. Секако дека после шлаканицата која ја добив, а која ме собори на земја и од која носев модринка на лицето имав не само страв, туку и омраза кон машкиот род. Траумата која ја доживеав еднократно, а која е НИШТО во споредба со онаа на жени кои со години (ако не и децении) трпат ќотек и шутирање (дали со клоци или зборови, сеедно) ме натера да се затворам во себе. Мислам дека и ден-денес ја имам таа кочница заради која никогаш не верувам никому до крај. И пак ќе речам, ова моево е ништо во споредба со тоа колку и како се некои жени малтретирани. Но, да не се разбереме погрешно. Никако не смее оваа моја компарација да ви призвучи дека е ок ако сте удрени еднаш. Не! И тоа еднаш е аларм дека имате работа со насилник и дека е време да си заминете. Да не заборавите дека ако некој маж кренал рака на вас, тоа ќе го стори повторно. Нека не ве лаже или залажува дека можеби му се случило првпат. Онаму каде што има љубов, нема “првпат” за никакво агресивно однесување. Онаму каде што има љубов, нема “ама ми летна раката”, “не знам што се случи” или “нема никогаш повеќе”. Некои можеби ќе ме наречат ригидна или човек кој не простува, ама ако мене ме прашате, нема давање втора шанса на некој кој користи физички или ментални оружја за да ве повреди.

И кога веќе сте си заминале од насилникот, не се вртете и не се враќајте назад. Откако сте се спасиле физички, работете на психата. Преџвакајте, простете си за се’ за што се обвинувате, одболедувајте и продолжете понатаму. Продолжувањето понатаму нека е со сите вклучени сетила. Ако еднаш сте искусиле насилство, ќе знаете да намирисате насилници во иднина. Ќе знаете да го видите тој ѓавол кој само чека тригер за да излезе на површина. Секоја жена која била удрена, која била падната на колена, знае да препознае зло и онаму каде што дури и оној што го носи злото во себе, не е свесен за тоа. И тоа е ок. Не е ок да ги ставиме сите во ист кош.

Не, не се сите мажи исти!

Не, не се сите жени исти!

Не, не се сите луѓе исти!

Не, не сме исти. Не’ има добри и лоши. И тоа добри и лоши не значи дека ултимативно сме само добри или само лоши. Тоа значи дека добрите знаат како да се справат со своите демони и како да ги разбркаат или да ги пуштат да поминат низ нив, без притоа да нанесат штета некому. Добрите луѓе се оние кои не бараат жртва и виновник за нивните жолти минути, туку се справуваат со сами себе. Добрите мажи не се секогаш насмеани и расположени. Добрите мажи не гугуткаат 24 часа на ден и не е дека не знаат да се караат. Добрите мажи се свесни за својата физичка надмоќ и силата никогаш нема да ја употребат против вас или кон вас. Добрите мажи се расправаат со аргументи, а не со шлаканици. Добрите мажи нема да ве поддржат за работи за кои се убедени дека не сте во право, ама нема да се обидат да ви го сменат мислењето со менување на личниот опис. Добрите мажи не се со ореол врз главата, туку со почит кон вас и вашето мислење.

И знаете што? Ги има. Ги има меѓу нас и не се во мал број. Тоа се мажите кои нема да дозволат на ниту една жена да и’ фали влакно од глава, дури и ако не ја познаваат, дури и ако е некоја непозната жена која никогаш претходно не ја виделе. Тоа се мажите кои џентлменството не го покажуваат со тоа што ќе ви дадат предност за да влезете први во ресторан или со отворање на вратата од автомобилот, туку со тоа што ќе направат да се чувствувате безбедни во нивно присуство. Тоа се мажите кои секогаш, ама баш секогаш ќе бидат гласни и јасни дека НЕ СМЕЕ да има насилство врз жена. И ги има, не заборавајте дека ги има. И заради нивното постоење, имам верба дека насилниците ќе бидат искоренети затоа што борбата не е меѓу “нашиот пол” и ”нивниот пол”, туку меѓу доброто и лошото. А мажите со големо М, секогаш знаат на чија страна се во оваа борба.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш

Молчи си пиле и не си ја погани устата

Оти чоек сам знај за шо арен не е

И не му треба твојот отров за да го дотепа

Кажи му ја убајната во него

Погали му ја со збор душата

Јазикот да ти биди ко да си го гушнал

Со милост во очите кажи му збор-два

Ама убај да се

Да бидат миризливи ко на доенче здивот

И чисти ко детска игра

Нека бидат невини ко млада невеста

И мудри ко стар чоек

Гали го чоек

Кажи му го убото во него

Оти некогаш оќоруваме

Некогаш, ете така низ животот ослепуваме

Та сами себе не можиме да се видиме

И троа лоши стануваме

Троа полни нетрпение и нервоза

Пиле

На таквите луѓа нешто убо да им кажиш

Оти подзаборајле

Та потсети ги на чоештината

Покажи им ја љубовта

Во твоите очи себе да се видат како во огледало

За да можат да се засакаат

За да можат глата да ја кренат

Над сите јадови да се исправат

И чекорот посигурен да им е

Да знаат оти сами не се

Оти уште некој љубов во срцето за нив има

И ќе видиш

Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви

Како ќе засветат

Како од милост и боја во образите ќе им се врати

И грбот како кроце им се исправа

Та смеата ѕвонлива им станува

Како од болест да оздравеле

А несреќата и тагата болест се

Зато

Ете зато треба чоек со чоек да се чува

И со убост да се гоштева

Со збор и рака подадена

Ама не за да турни и навреди

Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе

Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси

Гали ги луѓето

Гали и сакај ги

Оти векот тука на сите ни е краток

А часот дур да дојди, чоек биди

И памти ми ги зборојте

Молчи пиле, молчи и врви си по патот

само молчи и устата не погани ја

ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш.