Кога последен пат ви се случило да ве прашаат
или да прашате некого како е, а да добиете одговор поинаков од “ок сум”? Мене никогаш. Ниту ми
има пролетано низ умов дека постои поинаков одговор на тоа прашање во реалниот
живот. Делумно заради тоа што во суштина знам дека во 99% прашањето е банално и
едно од оние на чек-листата кога ќе се сретнеме со некого, а делумно и заради
мојата затвореност кога е во прашање споделување. Оние кои ми се навистина
тука, знаат точно кога не сум со сите и ме бараат не за да ме прашаат како сум,
туку да ми кажат “зборувај...што е?”. Сите си имаме по барем еден таков човек до нас, кому
нема да му избегне фактот дека нешто ни се случува. За останатите е како што
кажав погоре...прашањето е колку да помине редот.
Замислете на што би личело доколку почнеме сите до еден да си кажуваме што ни е кога ќе не’ прашаат како сме. Еве, се сретнете некој со кого во просек годишно разменувате по 4-5 реченици и колку да не е без ич, низ уста ви протрчуваат тие два збора “како си?”, додека веќе со една нога сте тргнале за да си го продолжите патот, оти сте навикнале дека тие средби траат по неколку секунди во кои и вие сте ок, соговорникот е ок, се’ е ок....кога наеднаш добивате нешто што ќе ве сепне “не сум ок, ич не сум ок”. Шок, нели? Што би сториле тогаш? Дали ќе си признаете дека сте поставиле прашање кое ама баш ич не ве засега или ќе застанете стрпливо да сослушате? Замислете дека после вашето прашање на кое и не ви треба одговор оти баш ви е гајле како е соговорникот, човекот си застане и почне да ви раскажува како е депресивен заради коронава, политичката ситуација, како со жена му се караат секој ден оти таа е невработена, децата дека не учат доволно, па дека директорот на работа нема разбирање за ништо, па како родителите се веќе стари и изнемоштени и се’ на се’, не му оди добро во животот. Тонч! Кој би бил соодветен одговор на сето ова! Ќе се “извадите” на тоа дека брзате, ама ќе пишете за кафе (за што дури и пилињата на гранка знаат дека никогаш нема да се случи), ќе кажете нешто во што и самите не верувате преку “не се секирај, ќе се среди” кога сте свесни оти ништо не се средува туку-така (тргнете од себе), ќе си опцуете во себе “у пм, кај прашав кај се запустив” или ќе сослушате?
Јазот меѓу луѓето се продлабочува. Станавме роботи на траката наречена живот, механички извршуваме се’ што е обврска, исполнуваме некакви норми, а во суштина не сме среќни. Не велам несреќни, туку дека не сме среќни. А знаете зошто токму така го формулирам? Едно од прашањата кои ги поставувам на сите со кои комуницирам е “дали си среќен/среќна?”. Никогаш, ама ниту еден единствен пат не сум добила одговор кој е краток и јасен и е ДА. Вообичаено, одговорите се дека не се баш среќни, ама се задоволни како им оди животот, дека од осцилациите кои животот им ги приредува не можат да се опуштат, па дека не се несреќни, ама па не се ни среќни итн. Добивам многу одговори од кои само ми се полни кошницата “не е ок”, додека онаа другата ми зјае празна. Тука се ставам и себеси. Да, ќерка ми ме прави среќна, среќна сум кога минувам време со неа и родителите, среќна сум кога разговарам со неколкумина блиски со кои си ги знаеме душите како ни треперат. Но, што е со остатокот од времето? Зарем сме заборавиле да уживаме и да сме среќни или сме се фокусирале на проблемите кои ги имаме?
Со години имам повремена преписка со еден човек со кого никогаш не сум седнала ни кафе да испијам (а додека се одеше на настани, сме се среќавале и освен “здраво”, не сме размениле многу зборови, како да сакаме да ја одржиме таа магија на имање илузија еден за друг). Секогаш во комуникацијата сме на Вие, иако не сме некоја разлика во години каде што би било потребно да си изразуваме почит преку персирање. Нашите преписки не се со пеперутки и цветчиња, повеќе наликуваат на надмудрување во кое и обајцата сме достојни противници. Пред некој ден станав свесна дека повремено ми пишува и стихови. Интересно е што немав досега испроцесирано дека всушност тој е единствениот човек кој за сиот мој живот ми има пишувано и стихови. Друг пат ќе ви раскажам зошто тоа ме порази и зошто ме натажи, ама бев на граница меѓу две сосем спротивни емоции...тага и уживање. Сфатив дека сум заборавила да уживам во нештата, затоа што не сум ок со она кое го живеам.
Знам дека отстрана сите имаме погрешна слика за тоа кој како живее. Ќе ве видам насмеани на сликите, или ќе ви прочитам статус во кој славите нешто, ќе видам кога имате родендени...но, не ви ги знам грижите и маките (освен на оние кои ќе ми пишат и со кои ќе поразговараме), не знам реално низ што поминувате во животот, кои ви се стравовите, желбите, потребите. Не знам дали сте вознемирени од нешто, дали спиете мирно, дали имате кошмари. Да не ги пишувам колумниве и она што го пишувам (демек поезија), а преку кое се препознавате и си откриваме заеднички особини, би биле потполни странци. Но, исто така знам дека повеќето од вас имаат мислење дека мојот живот е полесен или побајковит од она што навистина е. Не сме различни, за жал имаме сличност во тагата која си ја носиме, нервозите во секојдневието и маките заради различни причини.
И не, не сме ок...многумина од нас не се ок и тоа е сосем ок. Имаме право да не сме ок, имаме право да бидеме потиштени, некогаш со причина, а некогаш и без (иако и тогаш е со причина, ама не ни е искристализирано зошто). Имаме сосем легитимно право да сме безволни, депресивни, да сме уморни, тажни...исто како што го имаме правото да се смееме гласно, да се шегуваме, да сме полни со живот. Имаме право да се однесуваме онака како што се чувствуваме, без да се грижиме како тоа изгледа во очите на другите. Кога не сме ок, најмалку што ни треба е да глумиме како се’ ни оди како подмачкано, оти наместо да си ги собреме силите и да се фокусираме на себе за да си го решиме проблемот, ние сме опседнати да не покажеме слабост пред другите. Чуму таа глума пред себе и останатите? Нема закон кој забранува да не ви е добро и да го манифестирате тоа. Доста е со глумење, глумењето само не’ умори и не’ оддалечи едни од други. Мислиме дека сите други се посилни од нас и се срамиме од сопствените слабости, без да ни текне оти и другите така се чувствуваат заради нас.
Не сум ок периодов. Едноставно не сум ок, се чувствувам уморно, безволно, се чувствувам чудно исплашено и нема да ви глумам лажен спокој. Можеби батериите ми се испразниле, можеби ме истоштува зимата која доаѓа, можеби е до климактериумот или фактот што се приближувам до 50-тата, можеби ми требаат промени ама онакви од кои ќе ми проработи адреналинот. Што и да е, не сум ок. И сосем ок сум со тоа дека не сум ок, сосем ок сум со тоа дека не сте секогаш ок и покрај лајковите, коментарите, насмеаните фотки, статусите со мудри мисли. Но, не сум ок со тоа да се преправаме дека животот ни е прекрасен и да збираме во себе. Оти ниту една душа не е бунар, тоа го знам со сигурност. И луѓето пукаат исто како премногу надуените балони, се кинат како кеси во кои сте ставиле претешки работи. Затоа, научете се да стоите позади прашањето “ок си?”, оти некому му треба тоа прашање за да не му испука душата. Научете кога прашувате некого дали е ок, да го гледате во очи и да прашате “сигурно?”, ако одговорот е ДА и е спротивен на она што ќе му го видите во очите. Научете да кажете кога ви е мака, зошто ви е мака и најдете начин да си олесните. Да научиме сите заедно дека треба да се грижиме едни за други, оти не сме толку различни колку што мислиме дека сме.
А јас, јас ќе поднаучам како да си ги спастрам мислите кои ме прават кршлива, да си ги зауздам стравовите кои се нереални, како да почнам да зборувам за она што ме мачи. И да, ќе научам да си дозволам да уживам во стиховите кои ги добивам...и кои ме трогнуваат до солзи.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Јас па и неќам силна да сум
Ниту да ми е душава ко бунар
Та фрлај се’ внатре демек бери
Оти и бунарот крај има
Полни, полни и ќе прелее
Исто ко и чоечката душа
Та после си отишол чоекот
Ама арен беше со здравјето
Шо така наеднаш горнион го земал?!
Е не бил!
Само молчел и во себе збирал
Голтал и се давел во чемер
И се с’клетисувал за ова и за она
Дур не му пукнало срцето
И болести го навјасале
Неќам
Еве јас да се прашувам
Сосем поинаква би била
Би пуштала солзи за секоја болка
Би ја исплакала секоја неправда
Море би се удајла во сопствениот плач
За се’ што сум одмолчила
И за се’ за што сум се насмевнала
А ми идело да вриштам
И не
Појќе не мислам оти е сила
Очите суви со децении да ти бидат
Дур еден ден не ти пресушат како езера во жега
И не
Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст
Оти чоек треба да вика
Ама до небо да се слуша ко не му е арно
Да се изнавика и изнапцуе
И ништо во себе да не држи
Да плукне и на силата
Да плукне на божемното достоинство
Врескај!
Врескај колку гласот те држи
Дур не ти попукаат гласните жици
Дур не засипниш та до деној после збор да не
прогоориш
Ама врескај ко мака ти е
Ко те боли душата
Ко ти крвари срцето небаре некој за вечера ти го
спрема
Та со ножот парче по парче откинува за да го
зготви на пареа
Викај чоек!
Викај толку силно шо ќе се вџашат комшиите
И ич гајле да не бериш
Тие и онака те озборуваат за нешто
Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе
За да не изрти во болест
Да не ти метастазира до умот
Да не биди после оти “арен беше, ама ете така си
отиде”
Оти најбрзо си одат тие кои молчат
И кои тагата во себе ја чуваат
Во срцето
Во душата
Во телото
Во тој музеј на тага