Не се умира така лесно: Македонската реалност во еден текст кој мора да го прочитате
Почитувани политичари,
Вчера во аптеката чув една млада мајка: Немам толку!
Пребаруваше по новчаникот, додека околу нозете ѝ се плеткаше измрсулено три
годишно детенце. Ја праша: Што немаш мамо? Му кажа: Има мама, има. На
аптекарката ѝ шепна: Дајте ми некоја замена за тој лек, било што до 150 денари!
Било што до 150 денари!
Го видов лицето на човекот, на кого на болничкиот шалтер му
кажаа: Прегледот ви е закажан за 23 септември во 9 часот. Ходникот беше полн со
подгрбавени, пожолтени луѓе. Се гледаа меѓусебе како умрени, па препарирани
животни, чекајќи да го чујат терминот за преглед на нивното од болест нагризано
тело.
Ама, јас ќе умрам до тогаш, рече.
Не се секирајте, не се умира така лесно. Ајде следниот,
Стојановски, Стојановскиии, викна сестрата.
Не се умира така лесно.
Во погонот на една голема приватна фирма, покрај силната
машина стои слабичка жена. Пред два месеци ѝ е отстранета едната дојка.
Работничкото одело го покрива недостатокот. Раната многу ја боли. Особено кога
го турка големиот дел од машината. Комисијата за боледување ѝ рекла: Сега сѐ е во ред, може да се вратите на своето работно
место. Работодавачот ѝ кажал: Ако не можеш да работиш со полна пареа, ќе најдам
сто здрави кои ќе работат како коњ. Во паузите пие лекови против болка. Таков
за душа сѐуште не е
пронајден.
Лек за душата нема.
Пензионерката Маре купила сношти во продавница 250 грама
посебна салама. Исечи ми ја те молам, и рекла на продавачката. Не можам толку
тенко да ја исечам, ќе си ги повредам прстите, одговорила мирно продавачката.
Маре таа ноќ, во малата ладна гарсоњера, со голем нож се обидуваше да ја исече
посебната салама на четири дела, за следните четири дена.
Посебна на парчиња.
Комшијата ги спакува куферите и замина од Македонија. Додека
не беше женет, не му пречеше, иако архитект, да растовара палети во блискиот
магацин. Сега, откако е татко, тоа не е доволно. Неговата ќерка, тригодишната
Ана, беше оперирана лани во Италија. Парите ги собираше преку СМС и Фејсбук.
Кога Ана ќе заспиеше, тој одеше кај сопствениците на фирми, кафани, клубови, кај
сомнителни и помалку сомнителни ликови, да бара пари, да ветува дека сигурно ќе
ги врати, да плаче. Му требаа 5000 евра. Ги собра за 38 дена. Поголемиот дел
треба да ги врати. Затоа замина за Германија. Да работи градежништво на 40
степени. Ана ја остави со мајка ѝ.
Ќе дојде тато брзо, слушај ја мама!
Почитувани политичари,
Не знам што се планирате да ветите во вашите кампањи. Сигурен
сум дека ќе зборувате за убави работи. Сигурен сум дека ќе прошетате меѓу
напатениот народ, ќе се поздравите со некој селанец, или некој лудак ќе ви ја
бакне раката.
Сигурно ќе ветите подобар живот и подобар стандард. Тоа е
секогаш популарно ветување, бидејќи е магловито.
Ќе отворите и некоја странска инвестиција каде стотина луѓе
ќе работат за двеста евра.
Ќе ветите и подобри услови за младите и цел ќе ви биде
младите да ги задржите или вратите во Македонија.
И реформи во здравството и образованието, што тоа и да значи.
Ќе мафтате од бините на митинзите, високо ќе ја кревате
раката. Ќе ви аплаудираат тие што мора да дојдат и да ве слушаат.
Она за што сигурно нема многу да зборувате е човечкото
достоинство, и колку лесно тоа може да се изгуби. Посебно кога болен како пес,
чекате да ви закажат преглед, кога непознати молите за пари по социјалните
мрежи за да го спасите детето, кога со диплома работите како келнер, кога на
работодавачот му кажувате дека не ве боли раната, а таа модра како слива. Кога
со инсулинот се криете од газдата, кога лажете дека ви е добро, зошто ако
кажете дека ви е лошо, ќе ве замени со некој друг. Кога се бањате со црево во
растурениот тоалет на породилиштето, кога во болничката храна ќе најдете црв,
кога на интервју за работа ќе ви кажат дека сте стар, а имате само 40 години,
кога ве прашуваат имате ли дете и дали планирате да имате, за да не им направите
проблем во фирмата.
Овде, почитувани политичари, луѓето се научија да се борат
ѕверски, после секој пад да станат, да не се откажуваат, да свртат од тага на
веселба, да од ништо направат доволно за живот.
И, затоа гледајте, со вашата политика да не ни го испоганите
тоа, што не прави живи - достоинството!
Би додал јас и уште нешто, ама...
Петар Силјановски
(фејсбук-статус објавен на 5 август)