“Не си го барај”

Добивај вести на Viber

Барем еднаш во животот сте биле опоменати да не си го барате и барем еднаш сте го кажале некому. Оваа омилена реплика варира во своето значење земајќи ја предвид возраста на оној кому му е упатена или на оној кој ја кажува.

Првото “не си го барај” го слушаме како деца. Мајка ми вели оти првпат кога ме опоменале да не си го барам, било кога со мина од пенкало сум сакала да видам што има внатре во штекерот. Да не споменувам залепени прсти на жешка рингла, отпосле со надуени перничиња полни лимфа, па мигот кога телевизорот ќе паднеше врз мене бидејќи бев навистина “мирно” дете. Се сеќавам на скокањето по креветот кога 100 пати ми беше кажано да седам мадро, додека не се треснав на коренот од носот од надглавјето на креветот (за среќа беше меко/тапацирано) и после носев модро во вид на “наочари” околу очите со подливи.

Навистина си го добив (мојот прв и единствен ќотек) кога се кречеше дома, а мојот генијален ум одбра да се крие под маса врз која стоеја милион работи натрупани и озгора чаршаф. Едно време на мајка ми и’ текнува оти е премногу тивко, па почнала да вика по мене, се кренало паника, па тоа плачки, гледање низ пенџере да не сум паднала долу, бркотници. На сета таа драма, јас упорно си молчев, задоволна што сум толку умешна во криењето, се’ додека не сум почнала да се кикотам. Си го барав, си го добив.

Децата секогаш си го добиваат она што си го бараат, без оглед дали е арно или лошо. Што се однесува до лошото, не знаеме да учиме од туѓото искуство ниту како мали (што е оправдано, оти ако не се вреже во умот на дете дека ако ставиш прсти на жешка рингла, боли до степен гледање ѕвезди пред очи...никогаш нема да научи оти ринглата кога е вклучена=опасност), ниту како големи кога ги правиме истите грешки отпочеток и отпочеток, како да не сме се изгореле еднаш, два пати итн. Баба ми секогаш велеше (и не само баба ми, туку сите кои беа веќе над 60-70 години) оти сака да ми ги има годините, а не умот. Тоа со умот е искуството кое го стекнуваме и кое и те како би го искористиле доколку имаме можност за назад и да се поштедиме себеси од многу неспани ноќи или болка.

Потоа легендарното “не си го барај” го менува својот облик за време на пубертетот, па е проследено со предавања околу алкохол, дрога, секс, дечковци. Тука има и модификација која гласи “не ги го барај ѓаолот”, што во превод доаѓа како исклучително ризична работа која би можела да ни ја упропасти иднината. Се фатив себе како ја искористив фразата со “ѓаолот” кога ќерка ми почна да излегува и знаев дека сакала или не, станувам како мајка ми и почнувам да го правам сето она што ме нервирало кај неа, а се однесувало за моето добро (ама оди и разбери кога си тинејџер).

Особено важно за да не си го “најдеме ѓаолот” е да одбереме професија која е доходовна и која ќе носи финансиска независност, да пазиме со кого ќе засноваме семејство и каков впечаток ќе оставиме кај другите. Исправно? Не! Скроз погрешно, оти на сите нам ни се дозволени грешки и додека не свирне Св. Петар со свирчето за крај на утакмицата, секогаш имаме можност да ги исправиме работите и да ги смениме во своја корист. Не, не е важно само да имате работа која ќе носи огромен приход, туку е важно да го сакате она што го работите, да имате внатрешна сатисфакција, оти да се работи ко коњ и да се печалат пари без човек да ужива и да е под стрес при одење на работа е еднакво на срцев удар, депресија, пиење апој и прерана смрт. Некогаш, да се заработува отповеќе е навистина неважно кога е во прашање менталното и физичкото здравје. Не џабе рекле дека не е поентата само да се штанцаат пари без да се ужива во животот, оти после тие пари одат по доктори за да го вратат она што е загубено во трката по нив. Знам дека многумина од вас нема да се согласат со ова, но искрено сум убедена дека 8 часа во денот кои ги поминуваме на работа не се малку време и дека ако не сме задоволни и среќни, ако сме под булинг и мобинг, тоа се одразува на оние 8 часа здрав сон и 8 часа минати со семејството (ако земеме груба поделба на денот на 3 дела по 8 часа).

Дозволено е и да се направи избор на партнер со кој нема да завршите “дур смртта не не’ раздели”, оти низ животот се менуваат и луѓето и нивните приоритети. Важно е само да се зачува човечкиот однос доколку имате деца и да знаете дека имате право да си ја најдете среќата со друг човек. Да не моралисуваме многу и да не се повикуваме на тоа дека “во овие модерни времиња расипаните работи не се поправаат, туку се фрлаат”, затоа што има работи кои насила ако ги поправите, односно мислите дека сте ги поправиле ќе ве чинат години минати залудно во стрес и тага. Онаму каде што нема љубов, нема што да се поправа. Точка.

Значи, ѓаолот не си го барате ако си дозволите грешки и ако ги исправите на начин на кој вам ќе ви е поарно во иднина. Тоа се вика одраснување, а не “си го бараше”.

И најкористеното “не си го барај” или “сама си го бараше”, кое никако да излезе од мода (ова е сарказам) е секогаш упатено кон жените. И можете сега тука да полемизирате колку сакате, ама од колумната “ЗДР ЛЕПОТИЦЕ”, сфатив дека се’ уште имаме многу работа околу “сама си го барала”. И оти сум жена која секогаш си ја бара бељата со тоа што нема да премолчи ништо, еве уште еднаш да расчистиме.

Жена која носи мини не носи кратко исклучиво за да привлече машко внимание, туку затоа што некогаш сака да се чувствува секси без да мисли дали некој маж ќе го протолкува миничот како повик за парење.

Жената има потполно право да се фотографира како што сака и да објавува слики на својот профил на социјалните мрежи (впрочем, сите вулгарни фотографии се тргаат од чичко Марк) и дури и да го прави тоа за лајкови или за да добие внимание, не значи дека си го бара за да добива вулгарни коментари или непристојни понуди. Тоа што имаме гради, не значи дека треба да носиме ролку лете и зиме за некои мажи да не не’ сфатат дека СИ ГО БАРАМЕ.

Жената која нема да одговори на вашите пораки или која можеби ќе разговара со вас и потоа ќе го смени мислењето, има потполно право да го стори тоа затоа што ништо не ви должи. Тоа е исто како што некои мажи после првиот состанок губат интерес и не се јавуваат. Нема лутење тука и нема “си го бараше” да го извреѓам оти не се јавил или “си го бараше да ја наречам со погрдни зборови оти не ми пишува повеќе”. Прифатете ја реалноста и едните и другите и одиме понатаму. На овие години, сите човечки особини ги земам предвид само како показатели дали вреди за некој да си го арчам времето или не. Ако не вреди, со тоа што се испонашал вака или онака, само ми направил услуга и сполај му за тоа. После одредена возраст, времето станува скапоцено за да биде трошено на погрешни луѓе, без оглед колку и да не’ привлекуваат.

Муабетот ми е....барајте си се’ што мислите дека ви е заслужено и дека ви следи. Нека не ве плашат со излитени фрази во кои нема нималку мудрост, туку служат како сопка низ животот. Не си го барајте само оној ѓаол кој ќе ви донесе уназадување, губење себе и незадоволство. Се’ останато е само предизвик во кој треба да уживате оти животот е еден, а ова не е демо верзија. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да не ти минат годините џабе

Колку само да прелетаат преку тебе

Ко штркојте секоја година над оџаков

Да не ми остариш без да сетиш

И како странец да се пулиш едно утро

Дур си ја чукаш глата за да се сетиш

Каде времето ти минало

И шо се’ имаш одминато

Отвори ширум очите

И вратите на срцето

Рашири рацете ко да сакаш светот да го гушниш

И живеј го мигот

Не тагувај за минатото

И онака немаш начин за назад да се вратиш

Пушти нека изврви низ тебе тагата

Само да помини без да се задржува

Без да ти го труе телото и умот

Силно со двете раце држи го овој ден

Сега

Сега, по ѓаволите

И овде!

Не му ја мисли за утре

Утрото можеби и оладени ќе сме

Пикнати во накитен дрвен ковчег

Налет

Налет се’

Дај вино да пиеме

На сонце да мижуркаме и да се смешкаме

Мрзливи за да зборуваме

Или без врска муабети да тераме

Сега

И овде

Без ниту една мисла за вчера

И исчистен умот од она “утре”

Оти можеби токму мигот кој го пропуштаме

Е мигот од кој животециве ни зависат

И во кој ете нешто во нас ќе кликне

И часовникот ќе се разработи

Како добро подмачкан механизам

И стрелките напред ќе кинисаат

А и ние со нив

Неосетно

Оти така коцките се наместиле

Насмевни се сега

Само насмевни се и дај да наздравиме

Пушти си ја душата

Па што и ако се поднапиеме

Барем песна ќе запееме

Наместо таговни гласој да испуштаме

Налет да е

Само живи и здрави да сме

Сега и тука

Ти пред мене

Јас пред тебе

Секој со својата чаша полна живот

А животот полн љубов

Та љубовта полна простување

Чисто како здив на доенче

Невино како детски поглед

Со страст како срце на млада невеста

Со мудрост како 80 да имаме

Сега и тука

Ти и јас

На здравје да ни е!

За здравје да ни е!