Не сме губитници, две номинации е подобро од еден Оскар: Разговаравме со екипата на „Медена земја“

Добивај вести на Viber

Не се чувствуваме како губитници! Две номинации е подобро од еден Оскар! Ова едногласно го порача филмската екипа на „Медена земја“ на денешната онлајн средба со претставниците на македонските медиуми во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.

Доцна во ноќта по американско време, режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, како и главната протагонистка на документарецот, Атиџе Мурaтова нѐ поздравија од Лос Анџелес, на само еден ден по спласнувањето на оскаровската еуфорија.

- Погрешна е перцепцијата да зборуваме за некакви теории на заговор зошто не сме победиле. Срамота е на работите да гледаме така. Оскарот е една формалност. Шоу на кое беше прекрасно да се присуствува. Сепак, вистинската најважна работа се луѓето од целиот свет кои го видоа филмот - порача режисерката Котевска.

Токму таа ни откри дека помеѓу креаторите на сите номинирани документарци постоела особено убава енергија проследена со дружење, што во еден момент дури имало муабет кој и да го добиер Оскарот, сите номинирани да излезат на сцена, иако, се разбира, од организациски аспект тоа не е возможно.

Креаторите на „Медена земја“ дадоа свое мислење и за „Американска фабрика“, филмот кој триумфира во категоријата за која цврсто бевме убедени дека ние ќе победиме. Продуцентот Георгиев смета дека со оглед на тоа кој стои позади овој документарец, конкуренцијата од старт била сведена како да се борат гризли и пиле.

- Сепак морам да нагласам дека станува збор за одличен филм. Има исклучително значајна приказна за целиот свет. Нормално дека националниот момент на крајот победува. Во Академијата која одлучува за наградите сепак доминираат Американци - вели Георгиев.

На оваа негова изјава се надоврза и Котевска која потсети дека од „Американска фабрика“ има што да се научи и дека Стивен Богнар и Џулија Рајхард се докажани уметници кога е документаристиката во прашање.

- Ова не им е прва номинација и овој Оскар и тоа како го заслужија, можеби не за овој филм, но за нивните дела воопшто - потенцира таа.

Откако денеска на социјалните мрежи се појавија сомнителни графикони на кои се прикажува дека на „Медена земја“ за влакно ѝ избегала победата во категоријата „Најдобар документарец“, овие информации екипата на филмот ги отфрли како веродостојни. Според нивни сознанија, резултатите од гласањето не се доистапни за јавноста по завршувањето на гламурозното доделување.

Сумирајќи ги впечатоците од Холивуд, креаторите на „Медена земја“ беа исто така едногласни дека најважно за нив било што Атиџе била присутна таму. Снимателот Самир Љума ни откри дека големи ѕвезди сакале да се фотографираат со нејзе.

- Јоаким Феникс кој го доби Оскарот за најдобар актер е голем фан на Атиџе. Режисерот на „Џокер“, Тод Филипс, исто така - рече тој.

Очекувано, голем број прашања од новинарите доби токму Муратова, која за разлика од поголемиот дел од филмската екипа која ќе остане во странство уште некое време, таа утре се враќа дома.

Ни откри дека супер си поминала на ова уште едно за неа исклучително животно патување и дека најмногу му се радувала на океанот.

- Сакам малку да ме остават на раат. Со пчелите си имам работа. За понатаму ќе видам што би правела. Пеењето многу го сакам - ни изјави Муратова.

По патешествието од пет години епилогот е следен. На ентузијастичка основа, само со добра идеја, без многу пари и без скапа опрема, Македонија направи филм кој нѐ донесе на врвот на Холивуд. Филм со кој испишавме оскаровска историја. И ние, како и луѓето кои го создадоа ова ремек-дело, се надеваме дека нема да чекаме нови 25 години за повторно македонски филм да биде препознаен во светот.

Ѓорге Стојанов