Не супериорност, еднаквост!

Добивај вести на Viber

Ова е свет на мажи, пееше Џејмс Браун негде 1966. Мажот прави ова и она, мажот сака ова и она, мажот може ова и она, АМА НИШТО НЕ БИДУВА БЕЗ ЖЕНА, емотивно ги затвораше строфите. 

Денес, по неколку децении, ако се сконцентрирам само на текстот, она што мажот го правел, го можел и го сакал - го прават, го можат и го сакаат и сè поголем број на жени. И тоа е за поздрав. Она што е за поздрав е што стегите на патријархалното општество во светот, закопчани на рацете, нозете и умот на жените полека се олабавуваат под силата на будењето. 

Жената може да учи колку сака, ако сака. Може да има деца, ако сака. Може да работи како пилот, ако сака. Може да носи здолниште или баги-панталони, како сака. Може да се депилира, но не мора. Може да излезе сама, со друштво, со партнер или да си направи терапија од филмови у пижами ако така ѝ е ќеф. И тоа, драги мажи, не ѝ го дозволувате вие. Исто како што таа не (би требало да) ви налага да смените пелени или да тргнете пајажини од ќошовите дома, тоа се индивидуални иницијативи за колективно добро. 

Во ниту еден момент не ми било проблем тоа што сум жена. Проблемот го наоѓам секогаш во оние на кои им пречиме: на мажот што ќе ме исвирка оти фустанот ми е над колената, на оној другиот што ќе ми каже дека комерцијалист е машка работа, на третиот што ќе ме праша дали е нормално што мажена и со дете сум се заинаетила да учам, работам и одржувам куќа у исто време, на четвртиот што се чуди дека понекогаш сама идам на концерт или на викенд, и на оној што ќе ме праша како не ми е срам да прекинам породилно на неполн месец по раѓањето на синот (или да останам година ипол дома, во обратниот случај). 

Проблемот го наоѓам во нееднаквата застапеност (да не речам фрапантно различна) на жени версус мажи во дадени домени, во разликата на платата за ист труд и исто работно место, во тоа што, пази богати, на жена не личело да биде пијана, а као на маж супер му стои... Би можеле да бараме супериорност, за да надокнадиме за пеколот што го живееле "вештерките", за секоја жена што била погубена оти сфатила дека има права, но и обврски. 

Јас би се задоволила со еднаквост, на секое ниво. Чекорот кон истата треба да биде направен во две насоки, и од жените и од мажите, еден кон друг, до конечен баланс. Да нема господари и потчинети. Да има партнерства. Имаме заеднички борби за водење. Имаме заеднички цели. Имаме планета за спасување, вселена за истражување, светска политика за реформирање, војни за задушување, глад за смирување, болести за лекување, неправди за исправување, домови за одржување и души за соединување. Тоа што анатомски сме различни не е на ниво на жена и маж, туку на ниво на единка. Но не затоа мора да сме спротиставени. 

 Борба секој ден, против СЕКАКОВ ВИД на дискриминација!

Тања Кармзова