Не треба да плачеме кога човекот умира: Како зборуваше Билјана Беличанец за животот

Новинарката, автор и активистка Ана Јовковска објави дел од нејзиното интервју со починатата актерка Билјана Беличанец, кое е направено во 2010 година, во емисијата „Пулс“ на ТВ Алфа.

 „ Откако станав мајка инстинктот ми вели дека немам време за падови и за долготрајни екскурзии на дното. Прво нешто што не учеа на ФДУ е како да ги меморираме лошите работи, лошите емоции, тагата, болката, да ги запамтиме и некаде длабоко во нашето чекмеџе да ги складираме, за кога работиш некоја улога просто да си го отвориш чекмеџето и да си ги повикаш тие емоции. Затоа можеби неколкупати на несреќата и на тагата свесно сум им фрлала ракавици, или на онаа црна и темна страна на карактерот која сите ја имаме, иако некои се обидуваат да стават розови очила за да имаат поубав поглед“, одговорила актерката на прашањето: Кога последен пат почувствувавте дека духовно паднавте. 

Ана Јовковска се присети на интервјуто со Беличанец од 2010 година 

Јовковска во еден дел од интервјуто ја прашува: „Ве плаши ли крајот? Ве плаши ли смртта?“
„Не.Факултетот по глума многу ми помогна да се запознаам себе си. Моето верување е дека не треба да плачеме кога човекот умира, ами треба да го исплачеме кога ќе се роди“.