„Не“, „Не може“, „Немаме“ - ова се некои од најчестите одговори кои ги добиваат младите кога сакаат да организираат нешто, особено кога се работи за културни и уметнички настани. Институциите често „немаат пари“, а луѓето „немаат време“ или „не им е гајле“. Но, дали всушност културата и уметноста во нашата држава патат повеќе од самонаметната пасивност отколку навистина од немање пари и време?
Ова прашање си го поставија членовите на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје и кажаа едногласно „Не!“ на пасивноста во културата. Имено, овој викенд од 1 до 3 јуни, во НУ Музеј на Македонија, „Аксиос“ го организира тридневниот културно-уметнички настан „Тема: Не!“ кој има за цел да ги поттикне младите на културна активност и ќе вклучува проекција на филмови, јавни дебати, музички настапи, поетска вечер и изложба на ликовни дела.
„Како идни активни учесници во сферата на археологијата и историјата на уметноста, ние студентите од „Аксиос“ веруваме дека треба да имаме поширока одговорност во градењето на нашето општеството. Работниците во полето на културата се личности кои треба да даваат придонес во развојот на заедницата. Од тука тргнавме да организираме настан кој ќе ги собере сите млади од полето на општествените и културно-уметничките насоки на едно место, да ги срушиме бариерите и да се спротивставиме на пасивноста во културата,“ истакнуваат од „Аксиос“ во пресрет на настанот.
Покрај членовите на „Аксиос“ кои го организираат и финансираат целиот настан без помош од институции, фондови или компании, на целосно волонтерска база се приклучија и околу 40 други учесници во подготовката на содржините - етнолози, класичари, историчари, филозофи, дефектолози, психолози, графичари, сликари, вајари, глумци, поети, музичари, сите на едно место и со иста цел - да кажат „НЕ“ за пасивноста во културата.
Целосната програма на настанот е достапна на следниот линк: https://www.facebook.com/events/1704516412974530/.