Не знаев каде е Македонија пред да го запознаам мојот сопруг: Кенијката Емакулате за бракот со Мики и животот во Скопје
Љубовта не знае за граници, нација, боја на кожата - во некој идеален свет. Но, љубовта и во реалноста може да надмине многу работи а чист доказ е приказната која со вас ја споделуваме воп редовите подолу.
Емакулате Вандера по потекло од Кенија веќе неколку години живее во Македонија. Таа е сопруга и мајка. Во брак е со Михајло Блажевски, а плод на нивната љубов е ќерката Дариа која има една година.
Ем и Мики имаат интересна љубовна приказна која ги урива сите можни предрасуди. Се запознале преку Интернет, љубовта преку жици ја негувале скоро две години за кога Ем ќе дојде во посета на Македонија да ја крунисаат со брак. Се почнало со еден комплимент кога Ем работела како учителка во Тајланд. Ковид пандемијата им ги помести плановите за свадба, но како што ни откри Емче, таа ќе се случи наскоро.
Емакулате добро ја прифатило и семејството, и пријателите на Мики, а ни раскажа дека ги обожува и јадењата кои ѝ ги подготвува свекрвата Блага, а свекорот како што ни рече е задолжен за десертите. И се допаѓа културата и традициите кои ги негуваат Македонците за кои вели дека се гостопримлива нација и големи патриоти.
*Како дојдовте да живеете во Македонија – раскажете ни го вашето патешествие и како се запознавте со вашиот сопруг Мики?
-Го запознав мојот згоден, интелегентен, грижлив Македонски сопруг во 2016, всушност ние се запознавме на многу интересен начин, се запознавме онлајн, на инстаграм да бидам подиректна. Се започна со едноставен комплимент, што потоа прерасна во прекрасни разговори што траеа ден и ноќ. Во моментот кога почнавме да комуницираме јас работев како учителка во Тајланд, а тој беше во Скопје. Во еден момент нашата комуникација дури и престана, бидејќи приметивме дека почнуваме да се заљубуваме, а сепак бевме премногу далеку еден од друг, и се плашевме дека тоа така не може да функционира. Сепак после 4-5 месеци повторно почнавме да комуницираме и од тој момент веќе никогаш не застанавме се до моментот кога Мики дојде за прв пат во Тајланд во 2017. Тоа всушност беше и почеток на нашата приказна. Нашата врска на "далечина" траеше околу 2 години, Мики дојде уште еднаш во Тајланад, исто така и јас дојдов во Македонија, пролетта 2018, и искрено уживав во секој меомент од мојот престој тука. Пред да се вратам назад за Тајланд Мики ме побара за жена, тоа дефинитивно беше најубавиот ден во мојот живот, и во Тајланд се вратив како негова вереница. Секако веќе знаевме дека не можеме да живеме еден без друг, и решивме дека јас ќе дојдам тука и Македонија ќе биде наш дом.
*Како всушност почна вашата љубовна приказна, како знаеше дека Мики е вистинскиот за тебе, правевте ли свадбена веселба?
-Можеби звучи чудно но знаев дека Мики е вистинската личност за мене од првиот ден кога почнавме да комуницираме, едноставно „кликнавме“ од првиот момент. Сѐ се одвиваше многу глатко, и некако се во врска со него изгледаше многу исправно. Тој беше многу отворен со мене, и некако ја чуствував неговата искреност во нашите разговори. Тој правеше да се чуствувам толку сигурно и сакано уште и пред да се запознаеме во живо. Кога го видов првиот пат на аеродромот јас бев веќе заљубена во него, а тој беше истиот човек во кој се заљубив зборувајќи на телефон, и никогаш не се промени до ден денес.
Планираме да имаме свадбена церемонија наскоро, плановите малку се поместија поради ситуацијата со короната, бидејќи моите родители не можеа да допатуваат тука, но се надеваме дека наскоро се ќе си дојде на свое место.
*Дали сонуваше дека еден ден можеби ќе живееш во Македонија, како те прифатија најблиските на твојот сопруг, пријателите?
Судбината ме донесе тука во Македонија, всушност јас и немав идеја каде се наоѓа Македонија пред да го запознаам мојот сопруг. Секако кога одите на некое ново место постои одредена доза на страв, не може а да не се прашувате како ќе бидете прифатени од новото семејство, и од околината. Моите свекор и свекрва ме пречекаа со отворени раце, и ме направија да се чуствувам како да се знаеме цел живот, всушност и сите околу мене ме направија да чувствувам дека припаѓам тука. Секако сѐ уште понекогаш се чувствувам како странец, бидејќи нема премногу луѓе од Африка во Македонија, но Македонците се отворени и топли луѓе и за брзо време остварив многу пријателства, и да, можам да кажам дека тука се чуствувам како дома.
*Што работиш во Скопје?
-Јас сум учителка по професија, кога се преселив тука почнав да размислувам дека можеби ќе треба да направам промена во кариерата. Одредено време работев како учителка во гимназијата Нова, пред да се породам со Дариа. Во моментов сѐ уште сум дома и се грижам за неа додека не потпорасне малку.
*Плод на вашата љубов со Мики е вашата ќеркичка која неодамна наполни 1 годинка. Како се вика, какво детенце е , кој ви помага околу обврските, кажи ни нешто за неа ?
-Плод на нашата љубов е нашата најубава ќерка Дариа. Таа ги промени нашите животи на начин кој не може да се опише со зборови, секако таа е најубавото нешто што ни се случило во нашите животи досега, едоставно ја обожуваме. Дариа е многу активно бебе, почна да оди без помош пред да наполни 10 месеци, и обожува да се качува на се и сешто и е активна по цел ден. Уште сега можам да кажам дека ќе биде атлетски надарена, исто како нејзините родители секако (се смее). Таа е многу паметно бебенце, секако секој родител го има тоа мислење за своето дете но повеќето работи што ги прави се понапред од нејзината возраст.
Педијатарот постојано ни кажува дека е неколку месеци понапред со развојот и задолжително да планираме да ја запишеме на некој спорт кога ќе дојде вистинското време. Благословени сме што ги имаме родителите на Мики блиску до нас, тие ни се огромна помош околу Дариа, секогаш се тука кога ни требаат од самиот почеток, понекогаш се прашувам што ќе правев да не беа тука. Баба и дедо се едноставно опседнати со неа, Дариа е нивната најголема радост.
*Како ти се допаѓа Македонија, лесно ли се навикна да живееш овде?
-Македонија е мала но прекрасна земја, со многу природни убавини, реки, езера, планини, водопади...мое омилено место е кањонот Матка, која е толку смирувачка, особено кога сакате да избегате од се, возењето со кајак опколени со огромни карпи и шума, едноставно Wow. Исто така го сакам и Охрид, бидеjќи е богат со Македонска култура и историја, продавниците, рестораните, црквите и плажите во и околу градот.
Исто така го сакам и Скопје како град, има убави места кои можат да се посетат, ми се допаѓа и ноќниот живот во Скопје, има одлични барови и ноќни клубови.
Мое омилено место е Амигос, мислам дека имаат одлична услуга и веројатно најдобри коктели во градот. Исто така Каса Кубана, со одличните латино забави. Ги сакам и излегувањата со пријателите во летните дискотеки.
Да не го заборавам и Водно, тоа е одлично место ако сакате да спортувате како мене. Понекогаш возиме велосипеди на Водно, некогаш само уживаме во чистиот воздух и природата. Многу е блиску до градот и кога сте горе имате одличен поглед на целиот град.
Ми требаше одредено време за да се адаптирам на животот тука, мислам дека тоа е нормално кога правите таква драстична промена на средината на живеење, но со прекрасни луѓе околу тебе, адаптацијата е секогаш полесна.
*Што мислиш за Македонците, што ти се допаѓа најмногу, како ти се допаѓа храната и културата, дали ги следиш традициите и обичаите – еве сега се ближи Велигден - како ќе го поминете празникот?
Македонците се топли и гостопримливи луѓе, те прават да се чувствуваш како дома во моментот кога ќе пристигнеш. Македонците се патриоти, мое мислење е дека општеството е патриотско и ги обожувам поради тоа. Тоа може да го забележите дури и на социјалните медиуми дури и преку секојдневната комуникација. Ми се допаѓа како навиваат за својата земја на спортски натпревари, после некоја битна победа атмосферата е секогаш фантастична. Богатата култура која ја негуваат е воочлива преку традииците кои сѐ уште ги негуваат, поезијата, нардоните преданија, фолклорните носии, и фолклорната музика. Ми се допаѓаат традициите што ги негуваат, како на пример Бадник, и секако се трудам да ги следам бидејќи сега и јас сум Македонка.Тука на секаде има некое античко, древно чувство, богата историја која е интерсно да се истражува.
Македонија е дефинитивно една од земјите со најдобра кујна. Дури и невможам да се одлучам кое ми е омилено јадење, се што сум пробала тука е превкусно. Јас сум заљубена во храната тука, мојата свекрва Блага, за мене е една од најдобрите готвачки со гаранција. Постојано ме разгалува со најразлични јадења и едноставно сум опседната со нејзиното готвење. Таа исто така ме научи како да подготвувам некои македонски јадења. Десертите се исто превкусни, мојот свекор има навика да ни подготвува различни традиционални десерти, во моментов омилен ми е тикварник, толку е вкусен, природен и здрав. Од јадењата тавче гравче, и во Кенија имаме грав но се подготвува на различен начин, исто така сакам и мекици, пити, македонско сирење и многу други од македонските јадења. Сега наскоро се приближуваат Велигденските празници, кои ќе ги поминеме во кругот на семејството.
*Што е она што ти недостасува од твојата земја, а го нема во Македонија?
Па има доста работи кои ми недостигаат од мојата земја а не можам да ги најдам тука. Тоа се предизвиците кога одите да живеете во друга држава. Најмногу ми недостигаат семејството и пријателите, кои се многу далеку и не можам да ги гледам толку често колку што би сакала. Сепак сум благодарна што во денешно врме технологијата ни дозволува да се гледаме преку видео повици. Исто така ми недостасуваат некои од Кениските јадења а не можам да ги подготвам тука бидејќи многу од состојките и зачините не се наоѓаат тука. Мојата коса е многу специфична и бара различен третман од косата на белите луѓе, а во Македонија нема производ наменет за Африканска коса, бидејќи и нема многу Африканци тука, така да што сите призводи што ги користам морам да ги нарачувам онлајн.
*Активна си и на социјалните мрежи со твоите видеа кои стануваат вирални за брзо време. Дали тоа е твое хоби?
-Имам многу хобија, како патувања, танцување, тенис, и секако правење тик ток видеа. Мислам дека со видеата што ги правам ставам насмевки на лицата на многу луѓе, често добивам пораки како: "ти благодарам што ми го разубави денот, а бев под голем стрес". Таквите пораки ми значат навистина премногу. На овој начин исто така комуницирам со многу различни луѓе, учам нови работи од нив, а исто така го усовршувам и македонскиот јазик, кој е инаку многу тежок за учење. Со помош на тик ток секојдневно учам нови збори читајќи и одговарајќи на коментарите.
*Што те мотивира, инспирира во животот?
Самоконтролата и желбата секојденвно да се развивам како личност се моја инспирација и мотивација во животот. Мотивацијата да се развивам и растам секој ден, токму затоа секојдневно правам работи кои ме тераат да излезам надвор од мојата комфор зона.
Ирена Ставрова