Недела ми е
Ќе ве заборавев за малку денес. Не ми се случило одамна да
изгубам осет за време и место. Ама ќе ми простите, конечно си ја собрав
задницата дома, и најдов време за моите, сите на куп. Под моите мислам топтан,
и пријатели и семејство, и деца и животни и дедо, пошто само еден деде ми
остана. И после многу долго време, почувтсвував мир. Доволно за да знам дека
имам љубов за сите нив на куп.
Додека бев на пат овој пат неколку девојки ми пишаа дека им недостасуваат моите сториња на инстаграм, дека им давам инспирација и сила, дека ги потикнувам да бидат подобри за себе. Еве не знам, ама мене тоа ми е љубов. И тоа е семејство, и тоа е поврзаност. Има една енергија во светов, точно ти ги мести луѓето и ситуациите по потреба и сила на твојата, ништо не е случајно. Во момент кога главно орудие за омраза се социјалните медиуми, јас решив да ги конвертирам во љубов. Да се отргнам од политика, завист, вештачки стандарди, примитивни правила за функционирање во современо општество и да се посветам на љубов.
Кога почина татко ми, ставив само една слика со текст, Љубов многу малку време ти даваме. Никој не знаеше дека загубив огромен дел од моево срце, следниот ден се вратив на работа. Не ставив статус, не побарав сочувство. Мој начин на болка беше тој, ги имав правите луѓе покрај себе и доволни ми беа да ме додржат додека паѓам. Без да бидам свесна, паѓав цели три години. Тонев, без да сум свесна дека веќе половина сум потоната и се држев за конец и игла. Не сакав да го пуштам. Мислам дека никој од нас не сака да го пушти она што го сака, нашето општество не учи слепо да се држиме за она што го сакаме, да го угушиме од љубов. Секој празник, последниве десет години дупло ме боли. Мислев дека ќе е полесно како минува времето, не е. Ама не треба да биде. Знам дека ми недостасува, и ќе ми недостасува, само што јас изгубив премногу време за да го пуштам. Од оваа перспектива, само ќе ви кажам не и давајте време на тагата. Дајте и го цело ваше време на Љубовта. Во будизмот има една мантра, една длабока вистина за постоење. Ништо не е вечно, се е менливо и минливо. Ништо не трае засекогаш. Само ми е криво што порано не го чув ова, за да знам дека секој момент од животов вреди дупло, секој бакнеж трае бесконечно ако така го почувствуваш, секој оргазам е продолжување на живот, секоја насмевка е ден за среќа повеќе, секој миг поминат со саканите, додека се живи додека се тука, вреди за милион животи Нервозата поминува, проблеми се решаваат, мора да има баланс, ама ништо не е трајно. Се е со рок на траење, и ние самите.
Затоа мили мои Прелепотици и Лепотани, искористете го денешниов работен ден за дупло повеќе прегратки, љубење, водење љубов, пикник, убави пијанки, зелени пејсажи.. Гушнете ги родителите додека ги имате покрај вас, кажете им колку ги сакате и колку сте им бескрајно благодарни за се, соберете ги сите пријатели на куп, дури и оние кои малку ве нервираат, завршете ја вечерта со партнерот сами, под јорган создавајќи спомени, фрлете тоа телефоните, не пуштајте серија. Запалете свеќа, отворете вино и сакајте се ама онака како да ви е последен пат!
Не си ја раздавајте душата и срцето секому, точно знаете кого сакате и кој ве сака, послушајте се. Направете си убаво на себе, за да го почувствуваат тоа сите покрај вас. Споделете храна со некој бездомник или животно, пуштете добра музика, прошетајте во природа, отворете прозори и вдишете длабоко.
За кога ќе заспиете, денот да ви вреди дупло.
Толку од мене за денес, отидов во кујна, си ветив дека празников ќе го поминам со Љубов, кактуси, готвење и преубави души околу мене. Собирам сила за понатаму, собирам љубовна енергија, за да имам и за вас.
Јас сум Ивана Кнез, пиши му денес прва. Кажи му дека сакаш да е покрај тебе, не се плаши од одбивање, нема его, не можеш ништо да изгубиш, ништо не е твое. Само ти си своја.
Ве љубам, се читаме следната недела.