Недела со добитниците на наградата „Пегаз“ за 2020 година

Добивај вести на Viber

Двата победнички романа на книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“ за 2020 година ќе бидат промовирани оваа недела, онлајн, на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Романот „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски ќе биде промовиран на 29 јуни (вторник) во 19 часот, а „Лазарка“ од Љупчо Петрески на 1 јули (четврток), исто со почеток во 19 часот. Разговорот со двајцата автори ќе го води уредничката Бисера Бендевска. Онлајн-промоциите се во рамките на акцијата Недела со добитниците на наградата „Пегаз“ за 2020 година.
Книгите „Мртвите знаат најдобро“ и  „Лазарка“, што се објавени во посебната едиција „Пегаз“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

„Мртвите знаат најдобро“ е пишуван во стилот на светски популарниот современ јапонски писател Харуки Мураками. Во романот се следи приказната за татко и син кои се занимаваат со бизнис на платени убиства без никаква мотивација освен финансиската придобивка, како и понатамошното пронаоѓање решенија за прикривање на труповите. Во делото се преплетуваат судбините на повеќе ликови, во свет каде што живите го делат просторот со мртвите, а сонот и јавето се еднакво реални и важни. Иако насилството и мрачните теми се како гротескен рефрен во романот, дури и нивното повторување преминува во еден специфичен црн хумор.
„Каде е линијата меѓу сонот и јавето?“ е најрелевантното прашање во „Мртвите знаат најдобро“, што му го поставува имагинарниот лик Ичиро на неговиот создател – Фуриозо, за да додаде веднаш потоа: „Се надевам дека сега ви е јасно дека сонот и јавето се еднакво реални и важни“. И, воопшто, целото дејство во романот се движи по тенко јаже, оптегнато меѓу реалноста и измислицата, додека во меѓупросторот се случува бизарниот живот на синот Фуриозо и таткото Шикамото.

„Лазарка“ е директна референција на истоимената, парадигматична песна од славната поетеса Силвија Плат, во кој авторот – со пристап на изверзиран почитувач на книжевноста, во рембоовска смисла на зборот – ја обработува приказната за фиктивниот лик Лазарка (измислен од Силвија Плат, што треба да алудира на жената на библискиот лик Лазар) и личната приказна на Силвија Плат во поривот да се излезе од сенката на својот идол, маж, љубовник, додека истовремено нејзиното постоење е детерминирано од најчистата потреба за рамноправна љубов. Лазарка истовремено е метафора за жената која во хетеронормативното општество е омеѓена во „розовото гето“. Лазарка е и Силвија Плат и Дора Карингтон и Ева Браун и сите други женски ликови кои преку алузии и директни цитати упатуваат на силни авторки и уметници, жени кои се бореле да излезат од сенката и од доминацијата на нивните машки партнери, а истовремено да востановат рамноправен поредок во нивните односи.
Користејќи ја наративната техника „тек на свеста“, преку внатрешните монолози и конфликти на главниот лик – современа, угледна жена, која е осамена и суицидна – се преплетуваат приказните на изневерената Силвија, безнадежно вљубената Дора и страдалничката Ева и се отвора еден богат феминистички книжевен ареал, што му додава вредност на овој дебитантски роман.

Да потсетиме, книжевната награда „Пегаз“, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се доделува од 2019 година. Уште од првото издание има голем интерес за овој избор. Првата година пристигнаа 77 ракописи, а во втората конкурираше 61 дело. На неодамна распишаниот конкурс за 2021 година пристигнаа 44 необјавени романи. Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, во состав: д-р Владимир Мартиновски, универзитетски професор на катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 октомври 2021 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ- и трето-рангираните романи.

ПР објава