Недоквакана

Добивај вести на Viber

Добро бе не ти е срам да се сликаш и да ставаш на инста? Што е со сторињана бе мора да ги имаш? Види ја бе на што личи, одвратна е, СЕКОЈ ДЕН ѝ го отварам профилот значи свашта нешто става на нетов, ццц… До бескрај.

Постојат еден куп на луѓе што онануваат на туѓи профили секој ден, мрчат и зборуваат се' најлошо за нив, АМА ги следат.

Зошто го следиш тоа што не ти се допаѓа?? Зошто даваш од твоето време за омраза, злоба и негативна енергија? Не те сакам, не те следам, просто ко два и два, не те оправдувам, те негирам, не сакам да ми се појавуваш, ТЕ БЛОКИРАМ.

Не ти дремам на профил за да те хејтам, не ти мрчам на постови ко недоквакан бескичмењак, и за инает се трудам да бидам подобар од тоа што си ти, за да го живеам животот што јас го оправдувам и сакам.


Колку што се добри медиумиве за комуникација, толку и не изедоа, ни до одземаа човечкото, не претворуваат во минато идна генерација на хејтери и плукачи.

Последните десет дечковци од мене побараа да се угасам. Последните десет пријатели од мене побараа да се стишам. Имам една шака на луѓе што ме сакаат без разлика на тоа колку сум несекојдневна и одлепена по локални стандарди, и секој ден викам Благодарам за тоа. Само заради нив, вредам. И не се менувам. А на оние кои се обидуваат да ме угасат или стишаат, им велам ИШ, имам за горење. И потргнете се, зошто ако почнете да пречите, можам и да ве запалам.

Имав една ситуација неделава, бев неколку дена до Охрид, за да се тргнам од секојдневие. Ама па ко што сум споена наопачки, заборавив да земам чешел со мене. И така неколку дена имав природни суканици со мене, се додека:

Марија: Абе оди до рецепција побарај им чешел жено!

Ивана: Ау скраја да е, срам ми е, пре ќе одам да купам!

Марија: Е како бе Ивана пет дена гола шеташ по хотелов ама битно срам ти е чешел да побараш!

Ете така бе! Мене ми е нормално прифатено голо тело, нема ништо лошо во тоа. Но нечешлана коса е типично невоспитание. Во моја глава срамота и перцепцијата за срам е поинаква, и НЕ МОРАМ да се сложам со општо прифатените стандарди  и кодекси на однесување. И да, непријатно ми е да сум нечешлана, а комплетно ми е комфорно кога сум топлес. На кој му пречи нека се покрие. И не, не планирам да се однесувам соодветно со годините, не знам кој го измисли тоа правило дека ако старееш мора да стануваш здодевен. Разум и досада се две различни тематики да се разбереме, ако јас на 34 години се уште сакам да одам по клубови и да умирам од денсање по подиуми, тоа не ме прави неразумна. Ме прави зависна од забава, од живот и од совршени моменти заробени во еден временски момент кој ќе си го носам со себе во гроб. Нормално ми е да не молчам, нормално ми е да подвикнувам, нормално ми е да се дотерувам, нормално ми е да се сликам, тоа го правев и пред инстаграм и како дете. Имав апарат и само од средно имам над 3000 испечатени фотографии. И за никој нема да се сменам, освен за себе. И не, не ми тече биолошкиот саат, не сум животно за приплод, жена сум со свест, и сакам моите деца да се родат во љубов, а не во потреба или во туѓо исчекување. И не, не се мажам затоа што така е редот, и не, нема да си ја оставам професијата што ме прави најсреќна на свет за некој друг да се чувствува сигурен, и да, имам време за се што ми е важно на светов, без глупости, без омрази и без пијавици.

Ако тоа ме прави жена змај, тогаш ХУ, тргајте се сите што не сакате да бидете изгорени.

Јас сум Ивана Кнез, ова е за вас мали девојчиња што сакате ама баш се во животот. Не срамете се од себе ве молам. Чурук е времево и со вредности и со приоритети, ако ви се слика сликајте, ако ви се позира позирајте, само не заборавајте да си го нахраните мозокот, да си ги подигнете стандардите и да барате најдобро за себе. Читајте книги, слушајте добра квалитетна музика, а ако ви се ставаат слики од секојдневие на инста, нека не бидат само слики, нека има и вредност на моменти кои фотката не може да ја долови.

Се читаме следната недела.

П.С. Денес слушаме и гледаме David Bowie, Cat People комплет сосе музика и визуелна естетика, со се'.