Негата на кожата ми е најважна : Пред огледало со Рисима Рисимкин

Добивај вести на Viber

Прво балерина, сега кореограф и уметничка директорка на „Танц фест Скопје“, Рисима Рисимкин, специјално за „Женски магазин“ ги открива своите ритуали за убавина. Вели, преферира лице неоптоварено со шминка, а користи природно направени креми. Кој е нејзиниот омилен парфем и што носи во несесерот, откријте во продолжение.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Секојдневно се грижам за нега на лицето и утрото ми започнува со внимание кон себе во огледалото (се смее). Чистење на кожата и нега со соодветни креми. Потоа следува утринското кафе.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Вообичаено користам квалитетни креми, доста често ја менувам фирмата, но најчесто употребувам креми базирани на природни материјали и есенцијални масла.

* Посетувате ли козметички салони?

- Не.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Внимавам да се препарати кои ја зајакнуваат косата и повторно, да се на база на природни состојки, најчесто препарати кои ја оставаат косата во природен сјај. Имам кратка коса со години, лесна за одржување.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

-  Мислам дека употребата и количината на шминката е дел од личноста и нејзиниот карактер. За мене, шминкањето во последниве, можеби дваесет години веќе е сведено на минимална употреба на корективна и декоративна шминка, повеќе е секојдневна грижа за кожата. Сепак, сметам дека шминката треба да ја истакне посебноста на жената и да го отсликува нејзиниот карактер.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- За мене не е важно да биде само бренд, туку сакам да знам како се направени продуктите кои ги користам и затоа вообичаено користам природно направени креми. Имам пријателки кои знаат да направат одлични креми и ги користам.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Разни мали нешта, потребни за сите ситуации (се смее). Секако крема за лице и за раце во мали пакувања.

* Кој е Вашиот омилен парфем?

- Парфемите ги менувам според расположението и годишните времиња. Во лето користам посвежи парфеми, а во зима парфеми со поинтензивна структура. Ако морам да се определам за еден, би го издвоила L'eau D'issey Pure Perfume oд Issey Miyake, парфем кој го користам со години и на кој се навраќам периодично.

* Како ја одржувате линијата?

- Јас се бавам со танц, тоа е мојата формула за добра форма (се смее). При тоа, не мислам да кажам дека постојано вежбам, бидејќи не е така, туку годините наназад во кои интензивно сум вежбала и сум настапувала на сцена, се уште придонесуваат за добрата форма, а секако и расположение. Мојата работа е дел од моето секојдневие, ја сакам, работам постојано со млади, креативни луѓе и тоа ме прави среќна. Мислам дека тоа е основата за секој добар изглед. Се разбира и семејството, љубовта со која сум опкружена.

Л. Сабит

Фото: Борис Грданоски