Нема ефтини компјутери ни за лек: Родители патуваат и по 200 километри за да купат лаптопи за онлајн настава
Родители на основци се подготвени да одат и надвор од својот град за да купат лаптоп по пристапна цена за потребите на онлајн наставата, затоа што на залиха речиси никаде нема лаптпопи под 30.000 денари. Продажбата на преносни компјутери драстично се зголеми откако Владата објави дека наставата за повеќето основци и за средношколците ќе се одвива онлајн.
Ако отворите на веб страниците на компаниите кои продаваат компјутери и компјутерска опрема, на прсти се бројат поефтините лаптопи кои се останати во продавниците, сите се распродадени во текот на последниов месец.
„До лани трчавме по продавници за нови ранци, патики и училишен прибор, сега се трча за компјутери, навалица е голема. Вчера сакавме да купиме лаптоп за ќерката, најдовме еден со пристојна конфигурација за 15.000 денари зашто толку можеме да си дозволиме. Го имаше на залиха, се јавивме во продавницата, ни потврдија дека го има. Додека стасавме до таму, веќе беше продаден. Сега најверојатно ќе бараме нешто половно“, ни изјави мајка на шестоодделенец.
Има и семејства кои за да го добијат лаптопот кој им одговара, се подготвени да одат надвор од својот град.
„Како што вели народната, „нема ефтини компјутери ни за лек“. Викендов одиме во Битола за да го купиме лаптопот кој го избравме, зашто никаде на друго место го нема на залиха. Се обидовме да го нарачаме, но додека чекаме да стаса во блиската продавница во Скопје, побрзо е ние да отидеме и да се вратиме. Ќе имаме плус трошоци за патот, но подобро тоа отколку да даваме 40 илајди за нов компјутер само поради онлајн наставата на синот кој е четврто одделение“, ни раскажа родител од Скопје.
Во продавниците за компјутери потврдуваат дека е зголемена продажбата во текот на летото, но велат и дека нашиот народ има навика да чека до последен момент за купување на она што е потребно.
„На залиха ни се останати само поскапите компјутери, оние од 30.000 па нагоре. Луѓето интензивно купуваа во последниве месеци, оние кои порано реагираа најдоа од поефтините кои можат да ги покријат основните потреби, чии карактеристики се доволни за следење на онлајн наставата. Овој проблем ќе се реши кон средината на октомври, кога очекуваме достава на новите нарачки“, ни изјави Филип Јовиќевиќ од маркетинг секторот на „Сетек“.
Поради општата финансиска криза која настана како резултат на ширењето на Корона вирусот, граѓаните се снаоѓаат и со купување на половни компјутери. Ако нови лаптопи за девет или илјади не можат да се најдат, за таа цена има половни.
„Работиме и со продажба на нови уреди- правиме конфигурации во договор со купувачите, но во моментов повеќе сме ангажирани со продажба на половни. Кај нас можат да се најдат половни лаптопи со пониска цена од 9.000 па нагоре, додека од новите имаме само од оние со повисока цена и подобри перформанси. Интересот за половни лапттопи е доста зголемен, што е и очекувано во време на онлајн настава“, ни изјавија од секторот за продажба на „DD Store“.
„Ако имаш половен десктоп копмјутер или лаптоп кој не го користиш, сега е вистинското време да го продадеш“, ни изјави еден програмер, вработен во приватна скопска компанија.
Зголемена е и понудата на продажба на компјутери, лаптопи и монитори на страниците за онлајн огласување и продажба. На некои од понудите дури и пишува: „Нови десктоп компјутери за онлајн настава“. Цените се движат во зависност од тоа колку уредот е користен и функционален. Најефитините се понудени за 60 евра, а поскапите одат и до 700 евра.
Милица Џаровска