Немој да плачеш, ајде да се радуваме на животот што го имаме: Утринско кафе со Камелија Левенска

Им се радувам на утрата и на секој нов ден. Јас сум од оние кои наместо - морам, велат - сакам. Без потреба за кафе, лесно и брзо влегувам во прифаќање на обврски и предизвици за умот и за секое утро имам нова енергија. Деновите (работни) по утрото се познаваат,  а тие ми започнуваат со низок старт пред трка со времето и обврските.  Многумина ќе се препознаат во мојата утринска траса дома-училиште-канцеларија. Првото кафе е пред компјутер и со колегите на работа, во комбинација со меилови, планови, документација, телефонски разговори, бројни активности...се одвртува клопецот на денот а ти од него плетеш пајажина во која си самиот свој ловец и плен.

Кафето на работа, за мене е само вкусна напивка и убава можност за намалување на тензијата на денот и дополнување на заеднички моменти во тимот.

Од друга страна, кафето во приватните викенди, е семејна приказна топла и мека која дома си ја претворивме во ритуал. Саботните утра дома мирисаат на турско кафе, темјан и суви цветови од лаванда, а  од поткровјето допираат звуци на клавир. Првото утринско саботно кафе го пиеме со мајка ми. Веќе 10та година вариме по 3 кафиња, третото - за татко ми, си го делиме. Благодарна сум што помалиот син Михаил го засака клавирот и викенд утрата со радост ги претвора во свое и наше уживање. 

Секој ден е посебен, полн како око, од разнородни обврски и работни и семејни. Во делниците главниот збор го води работниот дел од денот, но слободните денови со радост се планираат за полнење батерии во природа, каде не пропуштам да ловам инспиративни фотографии. На работа, а и дома пред легнување, не затворам поглавје без план за следен ден. Но секој ден има и нови непланирани обврски, буквално се престигаат една со друга. Обично сакам до исцедување на енергијата, да соберам што е можно повеќе во еден календарски ден, бидејќи минува и нема назад.  Ако сте човек кој многу ретко прифаќа и вели - не можам, треба подготвени со насмевка да го носите бремето на својата природа. Деновите се интересни, возбудливи и продуктивни онолку колку што можете да ги направите, а резултатот под долната црта зависи најмногу од вас.  Верувам во тоа дека навиките, перцепцијата и изборот се учат, а умот и телото се кондицираат. Многу би сакала деновите да се подолги, би имале повеќе време за уште некој спомен или мала победа.  Работниот ден не го мерам со завршеното време туку со завршените работи, затворените прашања и отворените можности. 

Моите деца ми се најголем мотив, но списокот за се што ме мотивира е предолг (и секој ден се дополнува) и да набројувам, на крајот ќе ставам три точки: зборот - ајде; зборот - ние; зборот - сакам, созреана желба, моја или на некој што ми значи... Човечност, чиста и срдечна, спакувања во збор, постапка, насмевка... Нови можности... Средба со драги лица...Сознание дека некому некаде, тука и ли таму, се случило нешто убаво. Позитивни примери, негативни примери. Природа, сончев ден, дожд, снег, небо, убав пејзаж, интересни фрагменти од денот, разиграно куче, отворен прозорец, насмеани лица ... Копчето за  препознавање внатрешни и надворешни мотиватори ми е постојано на ON. 

Помалиот син Михаил ми ги смени приоритетите, па вечерите најчесто се претворени во логистика на неговите воншколски активности, а потоа прераскажување, гушкање, смеење, планирање, играње заеднички игри, гушкање, слушање музика, читање... до сон. Сето поминато време со него ме полни со радост и спокој. Вечер со семејството е на врвот на мојата листа за убаво поминато време. Секоја вечер одново се радувам на последното отворање на вратата на домот за влез, со излез во наредниот ден..

Го сакам својот свет и со радост земам вкоричени страници на некој друг свет за да го дополнам мојот. Сакам театар, концерт, изложби, сакам енергија што понесува, останува во тебе и дозволува да ја преведеш на јазикот на личниот сензитивитет.  Сакам доживувања што можат да се прераскажат и споделат. Гледајќи филм, неретко се фаќам како се исклучувам и почнувам да мислам на нешто друго. Но еве и еден од поновите ретки исклучоци - „Медена земја“. Ме остави на столчето, додека киносалата речиси не се испразни, а станав одвај откако Михаил ми рече - Мамо, немој да плачеш, ајде да се радуваме на животот што го имаме. 

*Камелија Левенска- маркетинг и пи-ар  експерт