(Не)моќта на молкот
Ќерка ми не прозборе до (скоро) свои 3 години. Редеше сложувалки, се’ разбираше, ама ете, на детето не му се зборуваше. Отпрво, се шегувавме дека толку добро ја чуваме што нема никакви забелешки (инспирирано од еден виц), а потоа започна периодот на “ама да ја однесеме на доктор”, ”да видиме со време што е работата”, ”еве, сите прозборуваат порано”. Знаев дека тоа мое дете, кое одлучи само дури и кога ќе се роди (последен термин на 27 Јули, на 5-ти август се закажува породување за на 7-ми, ама не, таа одлучи дека ќе се роди на 6-ти), ќе прозбори токму тогаш кога ќе посака. Така и би. Друг муабет е што сега не престанува, ама за тоа во некоја следна прилика.
Низ животот има периоди кога сум била фасцинирана од моќта на зборовите кај луѓето и нивната вештина да ја употребат во различни цели, почнувајќи од жената која сака да ви продаде фустан во кој изгледате како другарките на вашата баба, до симнување ѕвезди од небо (кои нормално дека остануваат онаму каде што им е местото). Во таквите ситуации, во кои и сама сум била, истовремено ме плашела и ме воодушевувала онаа жица како особина која е спремна бескрупулозно да се затега околу врат додека оној кој ја држи не го оствари своето. Моќта на манипулацијата со зборот (според мене), треба да подлежи на закон!
Колку пати сте шетале во неудобни високи потпетици за кои сте биле убедени дека по таа цена нема никаде баш такви да најдете (имам барем 2 пара такви чевли, кои се неизносени веќе една деценија), или дека треба да појдете на студии кои не ги сакате оти тоа е најдобро за вас (оти сите околу вас, освен вие, знаат што е најдобро за вас), до моментот кога треба да најдете животен сопатник (дека годините врват), па да не спомнувам за раѓање, развод, премажување и слично.
И тоа така тера, додека еден ден не се најдете пред огледало во кое гледате некој странец кој е ист како вас, ама не го познавате, оти се облекува, размислува и се однесува сосем спротивно од она што сте вие!
Немоќта на молкот да се каже стоп на зборот.
Едноставно да се научиме дека знаеме да кажеме НЕ без да имаме чувство на кривица.
НЕ, не сакам високи потпетици, затоа што балетанките ми се поудобни.
НЕ, ќе ја скратам косата толку колку што ми е мене убаво да се гледам со нова глава.
НЕ, ќе одам да седнам некаде сама на кафе и ќе уживам во сонцето, колку и тоа да е смешно некому.
НЕ, не сакам да се мажам на 27, рано ми е.
НЕ, ќе се разведам дека не сум среќна.
Јасното и гласно кажано НЕ е можеби првиот чекор кон ослободување, дури и од сами себе. Очекувањата кои ги имаме за себе се често пати само рефлексија на очекувањата на другите.
Моќта на НЕ е кршење на немоќта на молкот.
Од друга страна, колку само дрдориме за неважни работи. Ломотиме без престан за ситници или за крупни работи, за кои гледаме дека си врват исто.
Расправањето со луѓето и објаснувањето кои сме и што сме, знае да ја искриви сликата за вистинските вредности. Се караме за исти работи, за исти теми, со истите фрази и зборови кои само губат од својата вредност и тежина. Баба ми знаеше да рече дека и кучето разбира кога ќе му се каже еднаш нешто. Не дека разбира зборови, туку начинот на кој ги кажуваме ја прави разликата дали ќе ни бидат вреднувани.
Во еден однос, во кој кажаните зборови само како папагали ги редиме еден по друг, без да се почувствува бунтовност и отпор, се само фрлени во ветар.
Моќта на молкот е најголема тогаш кога на човек му се смачува од сопствените зборови. Кога едноставно ќе крене раце од нив и започнува да говори со молк. Сега некој ќе рече дека молкот значи одобрување, но не би се сложила. Ставот и мислата за нештата кои сме ги кажале еднаш, нема да се зацементираат ако ги повторуваме секој ден или неколку пати дневно. Стануваме само робови на зборовите кои веќе и нам ништо не ни значат.
“Не сум среќна и сакам промена” се кажува еднаш (искрено, тука сум се излизгала ко дете првпат качено на лизгалки), а потоа се замолчува. Не за да се казни партнерот, туку за да се остави простор да слегне информацијата па да се разговара тогаш кога ќе треба да се одлучи што понатаму. Инаку, тоа ќе почне да наликува на приказната “волк, волк”.
Од мое искуство, сум ломотела тогаш кога сум била свесна дека она што го сакам, нема да го добијам. Па дрдорењето ми било веројатно некаква утеха, демек еве, се борам. Како па да не! Не е борба, туку е само непризнавање на поразот.
Во моментот кога замолчувам, тогаш го добивам мирот и нема сила која може да ме спречи да одам напред.
Моќта на молкот само ја потенцира моќта на кажаниот збор...ама доколку е кажан еднаш.
И да се разбереме. Не сум за тоа да се молчи, туку сум за тоа да се одбере каде треба да се молчи, а каде да се зборува. Не е секој вреден за вашите зборови, но не е секој вреден ниту за вашиот молк. Впрочем, сите сакаме луѓе покрај себе со кои ќе можеме и да молчиме, без молкот да ни го јаде џигерот и да ни создава несоници.
Зборувајте малку, но кажете она што ве мачи или она што сакате.
Зборувајте со усул, оти секој збор има тежина и боли.
Зборувајте за да пофалите или за да го светнете денот некому.
Молчете кога немате што убаво да му кажете на човек.
Молчете ако она што сте кажале дека ве боли и прави несреќни, е само фраза за оној карши вас.
Молчете од убаво.
Моќта на молкот и моќта на зборот, користете ги со ум. Оти нема ништо поубаво ниту поболно од кажан збор и одживеан молк.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ги спремаш сите зборови кои би ми кажал
Долго и полека
Како момче кое за венчавка се спрема
Со онаа која долго, многу долго ја чекал
Та не сака ниту случајно нешто да изуми
Нешто да остане некажано
Небаре секој заборавен збор ќе тежи ко планина
И еве
Ги спремаш ко дечиња за на училиште
Измиени, исчешлани, убаво облечени
Наредени во низа која треба којзнае што да ми каже
Твоите зборови
Кои мене ништо не ми значат
Та си велам
Ајде да помолчиме малку
Еден наспроти друг некаде да седнеме
И во очи да си пулиме
Одмори си ги зборовите
Ќе ти се најдат за некое друго време
За некоја друга љубов
За некој друг ти
Со некоја друга јас
Еве со мене, сега и овде молчи
Сакаш можеби да пробаме мислите да си ги читаме
И на хартивчиња да си ги запишуваме
А потем ливчињата да си ги смениме
И крадешкум за секоја погодена мисла
Кришум да се погледнуваме
Со страв и страст
Со чудење и препознатливост
За која одговори нема да бараме
Остави ги зборовите
Тие и онака еден ден ќе избледат
И никој на нив нема да се сеќава
Но секојпат ќе ти го помнам сјајот во очите
Дур си ме гледал како косата ја подместувам
Или како срцето ми биело дур ти цигарата ја палиш
Остави ги зборовите
Јас барем во нив среќа не сум нашла
А не верувам ни дека ти посреќен со нив ќе си
Тие мед и пелин се
Лек и отров за нашите и онака кршливи срца
Еве ако сакаш со допири ќе се лечиме
Доволно е твојот најмал прст воздушесто мојот да го допира
За да се чувствувам ко во мене да си
И како во вратот ми дишеш
Сосем доволно за ноктите на грбот да ми ги сетиш
И постелата на мене да ти мириса
Остави ги зборовите кои со векови ги токмиш
Проголтај ги и никогаш не ги изговарај
Налет да се
Само празни гласови се
Слогови и слогови кои ништо за тебе не ми говорат
Букви кои за мене ништо не ќе ти речат
Со очите зборувај ми
Со нив кажи ми го она
Што зборовите секогаш го премолчуваат
Со нив слечи ме и љуби ме
А потем нежно облечи ме
Оти надвор зима ќе фати
Еве, дојди
Дојди да молчиме
Дојди за љубовта да си помолчиме
И така молчејќи еден цел роман да напишеме
Дојди ми
Дојди...да си молчиме
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска