Ненасит(на)ееен
Во еден момент сум со слушалки во уво, го слушам Heathen на David Bowie, облечена во леопард долг фустан со патика, сите можни накити на мене и хранам улични мачки, а за два саати сум на приватна вечера во Камник со сите салтанати од брендови до штиклишта до демолирање на лик од шминка, бањата нели. Ако денес одам на Караџица, спијам во дом, два дена се уљудувам само со влажни марамици, пијам ракија стара сто години што специјално за мене ја вадат од дубоко, во тренерки со дупче на работ и принтана маица од 92, веќе за две недели сум во Барселона, во најелитниот хотел со кавијари, специјални вина и дрн дрн дрн дрн…
Имам пробано се', од една екстремна во друга, еден ден ќе ги избацам тие мемоари да се крстат сите околу мене кога и како успеав се' да преживеам, доживеам и изживеам.
Последниве десет години бев зрела и возрасна, морав, така ме смести животиштево. Следните десет ќе одлепам, ќе бидам како оние милфиците што шетаат со розови танги на бела панталона и нема да ме боли уво кој колку се нервира за тоа.
Додека растев, како дете, живеев во една од кулите во Карпош, во еден момент. На кровот најгоре имаше едно делче кај што можеш да се протнеш и да бидеш на самиот раб на зградата. Секогаш стигав до негде, не пречекорував до крај, ми беше страв да погледнам надолу.
Во средно, имав навика да отворам скроз прозор, да седнам на сам раб од внатрешна страна и така да си чурнам цигара на раат. Секогаш со слушалки на уво. Се док во еден момент не ме начека мајка ми и проклетие едно ме заколна во неа никогаш повеќе да не седнувам на тој праг. За цигарите колку смеев и не смеев, следен пат. Никогаш не седнав на тој праг повторно, слаба точка ми е жената, ама дојде момент пилето да биде само, па така си најде нов праг на многу километри одалечено од дома, во зграда на ЈДП, Београд. Па еден поглед милина, па тоа зградата стара градба со продолженија, точно доволно онолку за да можеш да седнеш и да сонуваш преку ден. Да замислуваш каде и како сакаш да бидеш во животов. Реалноста е друга, некогаш ќе ти дојде и да скокнеш, ама не смееш. Затоа што се што ти се случува во животот е твое, лично е, те челичи, те формира и ти создава спомени.
Од тој праг, морав да се вратам сама назад. Заради се што ми се случи, почнав пак да се плашам да погледнам надолу. Затоа решив воопшто да не седнувам на високо.
Се до пред десетина дена. После точно 12 години, собрав храброст пак, и скокнав за мене од највисоко. Скокнав со Параглајдер, тандемски скок од Галичица. Преку ноќ решив дека е време да скокнам пак, иако реално не смеев, имам проблеми со притисокот, последниве три месеци бев влези излези од болница. Ама ко што реков, пошто сум наопачки кроена, решив да скокнам. Боже мили какво чувство.
Што ќе ми се нозе кога имам крила да летам…
Ми се измести цел мозок, ми се вртеше цел свет под мене. Да сме на чисто, за да е на најјако прв лет комбиниран со акробации. И јас не сум јас ако не се случи нешто вонредно, другарка ми ме вика црна мачка, па така се случи и една спирала, или ти во превод ни прекрши малку балончето, ама око не ми трепна. Таква слобода немам почувствувано многу одамна, уште од она прво седнување на праг од 6ти спрат, пред да ми биде забрането. И решив следно да пробам се, и банџи, и скок од авион, и рафтинг и се што ќе ми влета попатно и ќе ме потсети дека времево е вредно и дека треба да го организирам за да постигнам ама абсолутно се. Од патика на штикла, од конзерва на мишелинска вечера, од секс до љубов, од кариера до семејство, од живот до смрт. Ок е да се плашам, ок е да ме фаќа паника, ок е да грешам, ок е и да сум лоша, така се расте. Не мора да сум секогаш зрела, не мора да сум секогаш во право, единствено што мора е да сум среќна. И секогаш кога ќе го изгубам правецот, да се вратам назад, за да се потсетам зошто почнав со се. И да соберам дупло повеќе сила, за да продолжам напред.
Јас сум Ивана Кнез, соочена сум со страшни промени кои сама си ги наметнав. Треба да оставам нешто што ме дефинирало до сега, за да продолжам да бидам една нова јас, подобра. Прво за себе, а понатаму за сите, така е редот нели?
Се читаме следната недела.
П.С. Сценарио за домашна, одберете една вечер неделава, дозволете си малку пофино вино, не мора да е прескапо, направете си оброк кој граничи со оргазам, а ако не готвите слободно порачајте го, сами, и пуштете си филм. Јас го препорачувам Onegin 1999, со саундтрек на најгласно. А ако ви е малку, во следните денови почастете се и со некое дело од Пушкин директно, на тивко со Clair de Lune во позадина. Уживајте…