Несродна трансплантација и во време на Корона: ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија
Тимот на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија-Скопје објави важно соопштение на својата страница на Фејсбук.
Прочитајте во продолжение:
И покрај исклучително сложените услови поради мерките за справување сопандемијата од Ковид-19, вчера со подршка од Министерството за здравство на РСМ,до ЈЗУ Универзитетската Клиника за хематологија-Скопје беше обезбеден високостандардизиран транспорт на пратка матични клетки добиени од коскена срцевина од несроден донор од Германија. Матичните клетки патуваа од Келн, преку Брисел иАтина , до Скопје.
Овој материјал беше неопходен за спроведување на несродна трансплантација, што е единствена терапевтска опција за нашата пациентка дијагностицирана со апластична анемија. Огромна среќа, за секој пациент што очекува можност за да остане во живот, е кога во Светскиот регистер за коскена срцевина воопшто ќе се појави компатибилен донор. Но, чин на немерлива хуманост е кога тој донор во време на Корона доброволно ќе влезе во операциона сала и ќе донира коскена срцевина за да спаси живот на непознат примател некаде во светот. Да не заборавиме, апластичната анемија и малигните хематолошки болести се посмртоносни од Ковид-19 и нивниот третман не смее да биде одложен и во вонредовни услови на пандемија.
На Клиниката за хематологија- Скопје постапката за трансплантација беше реализирана веднаш по пристигањето на мaтеријалот во вчерашните вечерни часови.
Овој пример е потсетување за сите нас дека и во време на Корона не треба да заборавиме на хуманоста, на можноста да се биде донор и да се подари живот.
Можеби некој, некаде, чека токму на вашите клетки за да продолжи да живее.