НЕВЕРОЈАТНО ДОСТАПНА И ДУХОВИТА: Одлично деби на Анестејжа во Скопје
Првпат сум овде и многу сум возбудена. Ми направивте голема чест што дојдовте да се дружиме. Кој од Вас досега ме нема гледано во живо нека крене рака. Навистина? Искрено жалам што толку ме чекавте, им порача поп ѕвездата на македонските фанови
Американската пејачка, авторка и поранешна танчарка Анестејжа, синоќа конечно настапи и кај нас во рамките на актуелната светска турнеја Evolution tour насловена по нејзиниот седми студиски албум издаден минатата година. Салата во ВИП Арената „Борис Трајковски“ беше полупразна и тоа е единствениот лош момент од одличното деби на поп-ѕвездата во Скопје.
- Првпат сум овде и многу сум возбудена. Ми направивте голема чест што дојдовте да се дружиме. Кој од Вас досега ме нема гледано во живо нека крене рака. Навистина? Искрено жалам што толку ме чекавте – им се обрати Анестејжа на македонските фанови.
Деведесетминутното шоу го почна со хитот од пред 14 години, Left Outside Alone. Продолжи со носечкиот сингл од последната објава, темата Caught in the Middle. Комбинацијата на стари со нови песни, на енергични рефрени со моќни балади, беше добар потег еуфоријата да не спласне до последната минута. На подиумот ја придружуваа музичари кои освен што знаат да свират, умеат и одлично да се забавуваат. „Најтивкиот“ меѓу нив, како што Анестејжа на шега го нарече, нè почести со симпатично соло на тапани автентично за ова поднебје. Наместо во заднина, придружните вокали беа во преден план, две мултиталентирани девојки кои со својот перформанс беа најпријатното изненадување на вечерта.
Анестејжа покажа дека е вистински шоумен. Инспиративна жена со голем глас. Природна и прилично духовита. Покажа дека е неверојатно достапна за фановите. Момче од првите редови во фан-зоната го израдува со „селфи“, а неколку нејзини почитувачи дома си заминаа со специјално дизајнирани маици за нејзините хуманитарни кампањи. Анестејжа плени со искреноста. Умее да се шегува на своја сметка. Отворено зборува за болеста која ја победи. Ни откри дека откако вторпат ѝ бил дијагностициран рак на дојка во 2013 година морала да го откаже снимањето на албумот со „кавери“ кој одамна си го посакувала. Оттогаш, пред секој концерт, на нејзиниот профил на „Инстаграм“ со помош на своите верни следбеници одбира по една од темите кои ужива да ги изведува, а за скопскиот изборот падна на легендарната Wonderwall од британскиот рок-бенд „Оејзис“.
Задоволно ја напушти сцената. Ни посвети и песна. Емотивната My Everything.
- Оваа е за вас. Ја напишав за моите обожаватели. Го мислам секој отпеан збор. Ви благодарам на прекрасната ноќ – порача Анестејжа.
Токму со скопскиот концерт кој го организираше „Прагма продукција“ пејачката го заокружи првиот дел од турнејата.
Ѓ. Стојанов