Ни кажаа дека мораме да се скриваме под земја во метрото или во скривалишта, Киев е под опсада: Бенедик Наталија специјално за Женски магазин директно од Украина
„Пишувам, а на влезот во Киев за прв пат толку јако одекна експлозијата во срцето на градот, прозорците се затресаа, но продолжувам“ . Вака Бенедик Наталија (46 ) лингвист, преведувач по македонски, српски и хрватски јазик, професор по украјински јазик и литература го започна обраќањето до нас, отткако ја контактиравме.
Таа е мајка на Валериј (24) и Дијана (15). Вели дека најмногу жали ако некој од младите, прекрасни и племенити војници кои ги среќава на улиците, го изгуби животот.
* Како реагиравте кога ги слушнавте првите детонации?
-Мојата пријателка Лилија ми ѕвонеше на телефон и ме разбуди околу 06:00 часот. Таа еднаш го напушти Киев, на 16 февруари, кога ни се закануваа со почеток на војната. Ме убедуваше со своите деца да побегнам некаде или барем да се подготвам за воените услови. Меѓутоа, следниот ден вечерта се врати од нивната викендица со семејството. Беше малку изнервирана, што мораше да го послуша сопругот. Се разбира дека тој имаше за цел само да го заштити семејството. Додека пиевме кафе се шегувавме дека машките се многу успаничени и дека веројатно од детството им недостасуваат „игрите во војната“. Се надевавме дека до реализација на таа ужасна закана нема да дојде. Изутрина, кога Лилија ме разбуди со зборовите „ стани по нас гаѓаат со бомби!“ не можев да поверувам во тоа. Но, се сетив дека преговорите за избегнување на војната не вродија со успех. Ја погледав торбата што ја подготвив уште на 16 февруари со патните исправи и документите за станот, лекови, вода, чоколадо, пециво, ораси. Дојдов на себе , втрчав во собите на синот и на ќерката да ги разбудам и почнав да дофрлам уште нешто од облеката во торбата. Експлозиите беа како далечните грмежи. Му благодарам на Бога, далеку сме од аеродромот „Бориспољ“. Сфатив дека залудно сум ги убедувала своите деца да соберат нешто од своите најважни работи и да бидат спремни да излезат од дома, зашто не се знае што уште не чека. Децата беа убедени дека се работи за некоја провокација и создавање паника. Ми се јави брат ми кој живее со своето семејство во населбата која што е поблиску до местото на детонациите. Ми рече дека ќе патува во село, 80 км од Киев. Предложи и нас да не собере, но метежот во градот го спречи до дојде нас, до десниот брег од реката Днепар.
* Што се случуваше потоа?
- Утрото излегов од дома да докупам нешто од храна. Пред банкоматите беа големи метежи, имаше околу 100 луѓе. На автобуските постојки чекаа огромен број луѓе со торби и рукзаки. Патот за излезот од Киев беше натрупан со автомобили цел ден. Преголем број луѓе почнаа да го напуштаат градот од 05:00 часот. Се чудев дали ќе има крај оваа колона на автомобили. Се создаде паника, во продавниците луѓето купуваа премногу храна од 6 до 10 лебови.
* Како ви помина првата ноќ во воена состојба?
-И сега се слушаат свирење на автомобилите и детонации. Веројатно се приближуваат до градот. Ни кажаа дека мораме да се скриеме под земја во метрото или во скривалишта. На мапата на градот ги има доста. Но, досега не сум отишла таму. Се надам да нема да дојде до стрелање по стамбените згради. Од прозорецот гледав дека и луѓето со посебни потреби со колички одат во скривалишта. Ќерката ја пратив кај сестра ми и нејзиниот сопруг, тие во зградата имаат подземен паркинг. А јас останав со синот дома. Слушнавме разни информации, дека во планот на непријателот е до изутрина да ја опколи престолнината.
* Имате ли доволно храна, лекови, електрична енергија, интернет. Што најмногу недостасува?
-Храна, вода има во доволна количина, засега немавме ниту рестрикции, ниту прекини на електрична енергија. За секој случај наполнивме вода во канти.
Телефонската врска и интернетот функционираат нормално.
Најмногу ни недоставува одговорот на прашањето „од кога не спасуваат непријателските трупи и како ќе преговараме или соработуваме од утре со „спасувачот“?Јас сум славист, целиот живот сум посветена на македонистика, владеам и работам со хрватски и српски јазици, професор сум по украински јазик и литература. И сега во кој поглед ќе му биде корисна мојата квалификација на „спасувачот“. Наместо да подготвувам деца за полагање испити по украински јазик и литература за запишување на факултет, се прашувам дали ќе има оваа година упис. Денес еден ученик храбро ми потврди дека ќе работиме, и покрај тоа што не бев расположена за работа. По некое време го откажав часот. Му реков: „Можеме ли да ја одложиме нашата работа, бидејќи ме печат во душата денешните настани?. Сигурно денес-утре ќе се смири ситуацијата и ќе се вратиме на старото, тогаш ќе продолжиме“.
Ви пишувам, го слушам свирењето на колите и детонациите и се сомневам дека од утре-задутре ќе можеме да се вратиме на нашето добро старо време. Не сакам да верувам, но не дај Боже, од утре да бидеме приморани да учиме руски јазик за запишување на украинските факултети...
* Што најмногу ве боли во оваа ситуација?
-Најмногу ме боли што умираат младите момци. Кога утрово излегов од дома и по пат до продавница ги среќавав младите момци, почувствував дека во моето срце се раѓа некое ново чувство на посебна почит кон нив. Посебен восхит што тие се племенити, образовани, јаки, привлечни. Таа племенитост им зрачи на лицето. А сега таков млад живот мора да се жтрвува. Се чудам како човекот знае да навикне на се и на доброто и на лошото. Во текот на денешниот ден на некој начин се „навикнавме“ на страв за животот. Сега, кога слушаме дека „спасувачот“ зазема уште некој град, а детонациите повремено одекнуваат зад прозорецот, свесни сме дека се приближуваат до нас во муабетите со пријателите се прашуваме како ќе биде понатаму? Колку уште ќе има жртви? Од што ќе се живее понатаму?
* Дали некои објекти, згради, куќи се уништени? Има ли информации за жртви меѓу цивилите?
-Во нашата близина засега нема уништени згради. На вестите се дават информации за жртвите. Засега, му благодарам на Господ не изгубив близок човек.
* Кои се инструкциите според кои треба да се придржувате во овие воени услови?
-Да бидеме мирни, да не паничиме, да помагаме еден на друг. Треба да истакнам дека драго ми е што луѓето на улица, во продавница, во зградата се љубезни, учтиви, укажуваат поддршка еден на друг преку комуникација во чатови.
* Работевте во македонската амбасада во Киев, одлично зборувате македонски. Сте биле и во Македонија. Кои се вашите впечатоци за нашата земја?
- Вљубена сум во Македонија и целиот свој професионален живот го посветив на македонистиката и на работата со Македонците во различни области - од науката до бизнисот. Имам многу пријатели и колеги од Македонија. Денес ми се јавија и ми искажаа поддршка многу од нив. До солзи се изненадив кога ми се јави човекот, кој најмалку очекував да го слушнам во овие моменти. Му направив превод за еден проект, по националност е Албанец, со македонско државјанство. Ми изрази поддршка за моето семејство и ја предложи својата помош околу засолниште, ако има потреба да бегаме од својата родна земја.
Учествував на Семинарот за македонски јазик и литература во Охрид, со четирите мои студентки, тогаш предавав македонскиот јазик и литература на универзитетот „Тарас Шевченко“. Таа јунска вечер во 2015-тата година стигнавме во ноќта, а со мене дојдоа на одмор мајка ми и ќерка ми. Наутро Дијана излезе на терасата и рече: „Мајко, тука е рајот!“, а мајка ми цело време се чувствуваше како да е родена во Македонија.
Македонија е моја животна и професионална преокупација, почнувајќи од 2000 година, кога по завршување на факултетот за славистика дојдов на работа во Амбасадата на Македонија во Украина. Тогаш Вонредниот и Ополномоштен Амбасадор Владо Блажевски и неговата сопруга Невенка Блажевски ме воведоа во светот на македонскиот јазик и во дипломатијата, за што сум им искрено благодарна засекогаш. Многу ви благодарам и на Вас за искажаниот интерес и за поддршката.
Неверојатно е, но во моментот на големиот предизвик во мојот живот, во вечерта, полна со несигурност, тревога и повремени отрезнувачки детонации, мојата вечна љубов Македонија и македонските пријатели се со мене.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Приватна архива/ unplash