Ние сме првиот избор за учење германски јазик во земјава: Гете-инситут со новитети во време на пандемија

Добивај вести на Viber

Во време на светска пандемија на коронавирус, изучувањето онлајн курсеви е избор на многу луѓе во светот, па и во земјава. За таа цел Женски Магазин реши да ви посочи каде може да изучувате германски јазик од вистински професионалци и воедно да се подготвите за полагање сертифициран испит.

* Што претстставува Гете-институт? Од кога постои, кои му се главни дејности?

- Гете-институт  е културна институција на Сојузна Република Германија. Вкупно има 157 институти во 98 земји ширум светот и нивна задача е да пренесуваат опсежна слика за Германија преку информации за културниот, општествениот и политичкиот живот.

Гете-институт во Северна Македонија е присутен од 2007г. најпрво како канцеларија за врски, а од 2016 г. прераснува во целосен институт, што подразбира и понуда на курсеви и испити по германски јазик.

* Какви курсеви нуди институтот?

- Во моментов течат уписи за новите курсеви по германски јазик кои започнуваат на 07. септември.  Во понудата имаме курсеви за возрасни, млади и деца, кои поради ситуацијата со КОВИД-19 ги нудиме исклучиво во онлајн форма, при што разликуваме чисто онлајн курсеви, комбинирани курсеви и курсеви со виртуелно присуство за деца.

 Кај возрасните, курсевите се одвиваат како "blended learning" курсеви кои се половина онлајн на Moоdle-плаформата специјално прилагодена со програма и материјали, а другата половина се онлајн состаноци со виртуелно присуство. Но, опција се и 90% онлајн курсеви со Moodle-платформата со специјална програма и 10% со состаноци со виртуелно присуство. Овие курсеви се во времетраење од 8 недели и 6 недели.

Младите од  12 до 18 години посетуваат комбинирани курсеви, односно половина од времето учат на платформата на Гете-Институт специјално прилагодена за нив, а другата половина од часовите присуствуваат на онлајн виртуелни состаноци во живо.

Со децата односно најмладите наставата се одвива со комплетно виртуелно присуство во живо заедно со нашите наставници.

* По што е посебна наставата на Гете-институт?

- Нашата настава уште од првиот час се одвива на германски јазик и истата е комуникативна. На часовите постојано се вежба зборување, слушање, читање и пишување во автентични ситуации и со автентични текстови. Во наставата во предвид се земаат најновите сознанија од светстките истражувања за учење и предавање.

Нашите професори се високо квалификувани наставници кои го владеат германскиот јазик на ниво на мајчин говорител, и истите континуирано се доусовршуваат на полето на методика и дидактика.

Moodle-платформа за учење која ја користиме содржи иновативни и флексибилни понуди за учење.

Наставата на Гете-институт не значи само изучување на јазикот, туку и запознавање со културата. Гарантираме брз успех во учењето

* Кажете ни нешто повеќе за курсевите?

Курсевите за деца ќе се одвиваат со виртуелно присуство, два пати во неделата. Часовите ќе се изведуваат виртуелно, на програмата Adobe Connect, каде што учениците  ќе следат интерактивна и комуникативна настава согласно со стандардите на Гете-институт во виртуелна училница заедно со нивниот професор.

Курсевите за млади ќе се одвиваат според концептот Blended Learning. Половина од часовите ќе се изведуваат на платформата за учење на Гете-институт, каде под постојан надзор на тутор ќе учат самостојно во време и на место кое нив им одговара. Другата половина ќе се изведува преку виртуелно присуство на програмата Adobe Connect, каде што учениците во виртуелна училница заедно со нивниот професор ќе следат интерактивна и комуникативна настава согласно со стандардите на Гете-институт.

Возрасните пак, имаат можност да одберат еден од двата типа на курсеви: Blended Learning курс или Online курс. На посетителите кои преферираат поголема флексибилност им ги препорачуваме онлајн курсевите. Со самото тоа што поголемиот дел од наставата се изведува на платформата за учење, секој си го распределува своето време на учење согласно потребите и времето кое го има на располагање. За време на целиот курс, кандидатите се во постојан индивидуален контакт со туторот, кој континуирано го надгледува напредокот на секој поединец, советува, корегира и помага при учењето.

* Дали има некои новитети на институтот што се внесени по коронавирусот?

- Следејќи ги светските трендови, воведовме онлајн упис во само три чекори. Преку нашата веб страна може брзо и лесно да се запишете на курс по германски јазик и да извршите уплата со платежна картичка. Ова прилагодување го направивме поради безбедноста и здравјето на нашите идни слушатели на курсевите, но и модернизација на институцијата.

Д.К.