Никогаш нема совршено време
Стално нешто чекаме или ги одложуваме работите
за некои идни, поарни времиња кои скоро никогаш и да не доаѓаат. Или ако
дојдат, веќе ние не сме истите од претходно, поминал возот за одредена работа
или ќефот ни е насочен кон нешто сосем друго. Калкулираме со времето како да ќе
живееме со векови или брзаме премногу како да ќе е утре крај на светот. Некако
не научивме да балансираме на начин на кој ем нема да си ускратиме ништо, а од
друга страна нема да ги изгустираме работите набрзина. Чинам дека сепак
најважно е како да се извештиме во балансот кој ем нема да прави да се осеќаме
нереализирани, ем нема да не’ тера да бидеме во
постојана трка со себе.
Некако, ако треба пластично да го објаснам ова би го кажала вака. Ги учиме децата од мали дека е штетно да се јаде благо. Да, штетно е да се јаде благо во големи количини и да, штетно е ако благото станало замена за оброк, салата или витамини. Но, не е ли поарно да ги научиме дека треба да бидат умерени, отколку да им создаваме фама од нешто што кога ќе станат поголеми ќе го конзумираат (сакале вие или не). Една мудра докторка која е веќе одамна во пензија, ми имаше кажано дека подобро е да се научи детето на самодисциплина отколку да функционира со забрани. Значи, да се има ред, а редот се создава дома. Така, си реков да пробам баш со благото. Нема дете кое не сака благо...скоро и да нема, оти ретки се тие кои вртат глава со гадење на парче чоколадо. Ги оставив сите благи работи во чинија на маса, без криење. И’ кажав на Нина дека може да земе едно животинско царство после ручек и си фатив моја работа низ куќа. Ден денес, со полни 17 години Нина не јаде благо пред ручек и никогаш не се тови со чоколади или бонбони. И не е тоа дека се забранувало, туку дека одговорноста и’ била оставена нејзе.
Исто е и со времето, кое секогаш сакаме да го обвинуваме за сите наши неуспеси. Дали било прерано, предоцна, дали фатило невреме или било топло, ладно, несоодветно. Времето ни стана како кога ја обвинувавме месечината за главоболки, пијанства или лоши одлуки. Сепак, одговорноста за постапките кои не само што ќе ги направиме туку и нема да ги направиме се наши и никој друг не е виновен или заслужен за истите. Кога е време за нешто? Кај секој од нас “идеалното” време е различно. Кој ќе помислеше дека моето идеално време за пишување ќе беше (да почнам повторно) на 42? Кој ќе речеше дека идеалното време за мајка ми да научи да вози автомобил ќе е 45? Кај некои, идеалното време за менување работно место е на 55, за мажачка или женачка дури и на 60! Она што сме навикнати е дека често се соочуваме со секакви предрасуди врзани токму за времето. Според некои непишани, а сепак постоечки стандарди на 42 не се почнува со пишување, уште помалку со возење автомобил (особено ако сте жена), на 55 не се ризикува со ново работно место ами се чека пензија, а тоа свадбите на 60 се вистински вкусен залак за преџвакување и оговарање. И доколку ги следите и слушате непишаните, а постоечки правила кои уште важат на овие простори никогаш нема да имате никакво време за да го правите она што го сакате, оти времето ќе ви помине во борба со ветерници.
Не постои ИДЕАЛНО време, постои само чувство кое се нарекува интуиција и кое ви кажува дали треба да сторите нешто сега и веднаш. Ова сум го кажала многупати и повторно ќе речам....не постои момент кога сум си ја занемарила интуицијата а да не сум се покајала. Не постои! Секогаш кога сум си го дозволила луксузот да слушам другите што мислат и велат, наместо да си го слушам она внатрешно гласче кое најдобро ме познава и кое е одраз на ЈАС, после сум се каела и сум си го јадела џигерот. Дали било за проценка на луѓе, ситуации, постапки или отсуство на постапки, сеедно. Интуицијата била таа која ми велела ОДИ или СОПРИ. Интересно е што дури и тогаш кога навидум се’ изгледало совршено и дека не постои ниту една пречка за да постапам некако, кога ми се згрчувал желудникот сум знаела дека таа работа не е за мене.
Совршеното време е зезната категорија, да не речам полна сопки и чудни, измешани знаци кои кога ќе научите да ги читате ви даваат јасна слика за се’ околу вас. Всушност, токму интуицијата која ги чита сите знаци ви го детерминира совршеното време. Ви текнува кога ќе чуете за некои двајца дека се разведуваат, па си велите “ама па супер беа заедно, секогаш насмеани и расположени”? Па, “совршеното време” е како еден од тие парови, честопати кога мислите дека се’ оди како подмачкано, излегуваат крокодили од под тепих. И се разбира, обратно. Ви се случило ли да мислите дека нема да биде нешто што посакувате оти сите околности се избуричкани, а ве чуди како тоа имате спокој дека ќе биде се’ во ред? И хоп, наеднаш сите коцки се местат и вам ви се остварува она што било (демек) невозможно? Нема правила, ете со времето тоа знам, дека нема правила. Има трпение, има момент кога треба да се смирите и да се свртите кон себе, да си ја слушате душата и да го оставите телото да ги прочита знаците кои укажуваат дали нешто е добро за вас или не.
Има периоди кога на врат си навлекувам милион обврски, си го осеќам умот и го слушам телото. Знам дека тогаш ми е потребно да се затрупам со работа, како да ќе ми донесе тоа тајм-аут за да зберам сила и да решам нешто што сум одложувала. После таквите периоди, имам еден период на хибернација кога ама баш ништо не допира до мене и ми треба одмор за да се слушнам себеси и да видам до каде сум. Сум пробала да ги измешам тие времиња, да бидам тивка кога чувствувам дека морам да го исцедам умот и да бидам воркохолик кога телото и главава ми барале мир. Каша-попара. Нит сум сработила нешто, нит сум одморила. Нит сум била продуктивна, нит наспана. Совршеното време сум го направила толку хаотично, од пуста желба да контролирам се’ што ми се случува. И не оди, а не оди оти сепак треба некогаш да го оставите Универзумот да ви покаже на која страна треба да се придвижите.
На 51...скоро 52, научив дека е грев да не си го слушате внатрешниот глас и да си ги мачите душата и телото, силувајќи ги да функционираат спротивно на вашата природа. Научив дека совршеното време не подразбира време во кое е се’ потамам, туку време кое колку и да не е погодено од многу аспекти, подразбира дека треба да дејствувате (а ќе почувствувате кога). Научив дека совршеноста на времето во кое живееме и сме се родиле е дека на светот сме му требале токму тогаш и токму вакви какви што сме, оти секој од нас има своја мисија тука иако некојпат не ни изгледа дека е така. И научив дека никогаш не смеете да го токмите вашето време по критериумите на другите. Живејте го она што ви е дадено, на начин кој ќе ве прави спокојни во душите и срцата. Зарем “сега и тука” не е совршеното време да бидеме среќни?
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
никогаш нема совршено време за љубов
како да се случува
токму тогаш кога не треба
како спас од дамнешни
неизлечени љубови
или како спас
на човек од самиот себе
токму тогаш
кога ќе научиш да си сам
да си безбеден во тишината
и сопствената сенка
небаре сто животи имаш
па во овој
од болка ќе куртулиш.
Никогаш нема совршено време за разделба
а јас би сакала да е поинаку
ете некој некогаш да прогласи
дека од 19 до 21 часот
е време за збогум
дека секое заминување
тогаш ќе е безболно
а потоа како во сказните
со волшебно стапче
сите сеќавања ќе бидат избришани
небаре никогаш не се случила љубовта.
Никогаш нема совршено време за смрт
барем јас не сум сретнала некој што ќе рече
„ајде, готов/а сум,
завршив сѐ што требаше на земјава“
па смирено да ја дочека смртта
како што и прилега
пречекана со насмевка и нагостена
служена со должна почит и внимание
со радост и музика
небаре за свадба
сватови се пречекуваат.
Никогаш нема совршено време за плачење
ете,
мене или воопшто не ми доаѓа плачот
како попатно да сум го загубила некаде
или ме фаќа сред улица
или уште полошо, сред муабет
па трепкам да одминат солзите
подголтнувам,
се смешкам и дрдорам,
небаре ќе ги убијам во себе,
да пресушат.
Никогаш нема совршено време за „те сакам“
ниту пак совршено време
постои за „ми требаш“
а совршен момент
ниту за “во душава си ми“ нема
та мериме,
кроиме,
се пребројуваме
времето го колнеме
дека не се погодуваат работите
и животот завршува
дур’ ние уште го бркамесовршениот миг
небаре некогаш повторно ќе се родиме
во време совршено за сѐ.