,

Никој не работи модерна македонска кујна: Интервју со Филип Поповски (Фичо)

Добивај вести на Viber

Имаме можност, само немаме стандард. Кај нас сѐ уште владее „евтиното“. Стопати сум рекол и повторно ќе кажам: Не постои евтин квалитет! Евтино и квалитетно се два различни правци. Малкумина го разбираат ова, но секој ден се сѐ повеќе и тоа ми дава кураж да работам, вели популарниот готвач 

Ако готвите или едноставно сте гурман, мора да сте слушнале за Филип Поповски, популарниот Фичо, влијателно име на македонската гастрономска сцена. Човек кој инспирира и кој полека, но сигурно докажува дека кога силно сакате, можете да успеете и со многу пречки на патот. Поповски дипломира на Правниот Факултет „Јустинијан Први“, а подоцна како стипендист магистрира на Универзитетот во Стразбур. За време на студиите работи како професионален фотограф. Со камерата во раце ја запознава Франција од еден поинаков агол. На овие патувања учи за готвењето и за француската кујна. Ужива во храната и во новите вкусови, како што вели, откако памети за себе.

* Вие сте магистер по правни науки. Како започна приказната со готвењето? Како Филип стана Фичо?

- Магистрирав на тема Авторско право и интелектуална сопственост, меѓутоа не проработев на оваа проблематика (се смее). Пред десетина години започнав свој вебсајт кој обработуваше рецепти и теми околу гастрономија, меѓутоа целиот проект згасна заради финансиски причини. Но, тоа не ме обесхрабри. Почнав да работам по кујни, прво малку во странство каде што ме носеше патот, потоа почнав по кујни низ Скопје. Имав неколку обиди за сопствен бизнис со кујна меѓутоа повторно се соочив со проблемот финансии. Сепак, не ја изгубив амбицијата и желбата за да успеам во овој сектор. Пред три години добив понуда да бидам бренд амбасадор за Кока-Кола во делот на Coke&Meals и да работам под хаштагот #АјдеДаЈадемеЗаедно. Тоа беше супер понуда за мене. „Готвиме со Фичо“ се развиваше спонтано уште од моментот кога снимав емисии за „Делимано“ пред околу 5 години. Тој проект заврши, но јас продолжив да го развивам, продолжив да го хранам со рецепти и постови за храна, во некои моменти уфрлував и совети кои им се допаѓаа на оние што ме следат.

Пред десетина години започнав свој вебсајт кој обработуваше рецепти и теми околу гастрономија, но проектот згасна заради финансиски причини. Сепак, не ја изгубив амбицијата и желбата за да успеам во овој сектор

* Која е Вашата специјалност?

- Не можам да кажам дека сум специјализиран за некоја област во кујната. Поминав неколку обуки за италијанската кујна и дел од француската кујна, но сепак не можам да кажам дека ми се специјалност. Добивав супер совети како да ги подобрам техниките кои ги знам од доста еминентни светски готвачи, но никогаш не се определив дека ќе работам нешто за кое ќе речам дека сум специјализиран. Сметам дека еден шеф на кујна треба да ги познава сите сектори во кујната и во сите сектори треба да знае да се справи со проблематиките. Токму тоа и го правам. Во моментов работам на развивање на модерна македонска кујна и на проект кој сѐ уште е рано да го откријам, но се надевам дека за околу година дена ќе стане реалност. Тешко е да бидеш креативен, исцрпувачки е. Амбицијата за успех во оваа работа не познава работно време и бара голема жртва која јас ја давам и се надевам дека ќе успеам да изградам нешто кое ќе остане вечно. Инаку, француската кујна е базата која треба да ја има секој шеф на кујна. Тука е и италијанската кујна која магично се испреплетува со француската. 

* Кој е Вашиот омилен Шеф?

- Омилените готвачи ми се сите оние кои со своите креации, рецепти сакаат да променат нешто во гастрономијата. Постојат и такви кои влегуваат на листата на највлијателни личности во човештвото! Не можам да не спомнам луѓе како Алан Дукас, Масимо Ботура, Алекс Атала, Дани Гарсија.. 

Дома готви сопругата од причина што јас немам време, искрен е Фичо

* Каква е гастрономската (не) култура во Македонија? 

- Гастрономијата во Македонија е на многу ниско ниво, за жал. Никој не работи модерна македонска кујна, баш затоа почнувам нова страна во мојата кариера и ќе се обидам да направам „нешто“. Имаме сериозно добри состојки, а тоа е најважно за да се добие врвен производ. Имаме можност, само немаме стандард. Кај нас сѐ уште владее „евтиното“. Стопати сум рекол и повторно ќе речам: Не постои евтин квалитет! Евтино и квалитетно се два различни правци. Малкумина го разбираат ова, но секој ден се сѐ повеќе. Тоа ме радува и ми дава куражда работам. 

* Верувам дека сите ние имаме некаква улога, некаква мисија во нашиот живот. Која е Вашата

- Мисијата и целта си ја поставуваме ние самите. Мојата е еден ден да работам квалитетен ресторан со модерна македонска кујна со локални состојки за кои го знам потеклото. Тогаш ќе бидам најсилен. Секое јадење си има своја приказна, ние готвачите сме тука само да ја раскажеме.

* Доколку не би биле успешен „fine dine“ Шеф што би биле?

- Не можам да речам за себе дека сум успешен Шеф од причина што сѐ уште се борам со квалитет наспроти квантитет и цена наспроти квалитет. Таа војна е многу тешка во територија каде што конзументите се навикнати на евтино (секоја чест на исклучоци). Планирам да побарам поддршка од неколкумина наши готвачи кои супер си ја работат својата работа и мислам дека ќе си помогнеме и ќе успееме заедно да направиме подобра иднина во делот на гастрономијата. Ќе биде подобро (се смее). Но, веројатно доколку не би бил Шеф, би бил уметник или музичар.

Пченка е омиленото јадење на неговиот син

* Кој готви дома?

- Верувале или не, готви сопругата од причина што јас немам време (се смее).  Слободното време им го посветувам на неа и на моето синче.

* Торта или пица?

- Пица!

* Во кујна или на плажа?

- Во кујна! На плажа ми се доволни неколку денови.

* Книга или телевизија?

- Книга!

* Хедонизам или аскетизам?

- Хедонизам!

Маја Зи