Никому ништо да не докажуваш!
Некои работи едноставно не одат насила. И кога
велам дека не одат насила, мислам на тоа дека можете светот да го превртите
наопаку обидувајќи се...и пак, џабе е. Ова особено важи кога се во прашање
меѓучовечки односи. Ако нема хемија, нема дружба и точка. Патем речено,
хемијата не значи дека се работи за сексуална привлечност и дека е важна само
во интимните односи. Зборувам за хемија меѓу две души, кои ако се сродни ќе
најдат заеднички јазик без оглед на околностите. Зборувам за хемија во која
табиетите ќе си се надополнат колку и да се (навидум) луѓето различни. Го
знаете чувството кога запознавате некој и муабетот си тече како подмачкан, па
си велите “леле бе, како да се знаеме цел живот” и од тој миг се раѓаат преубави пријателства или
љубови? Ете, тоа е таа хемија!
А сигурно го знаете и она чувство кога со некој не ви оди ни врзување на два реда муабет колку и да се трудите, нели? Не дека човекот е лош или нешто му фали, туку енергиите не ви се вклопуваат во истата сложувалка. И се препотувате, гледате дека и другата страна се труди да се воспостави некаков однос, ама не ја бива работата. Чуму со сила ако нема хемија меѓу вашето и нивното “ЈАС”?
Порано, во моите рани дваесетти години многу се трудев околу другите, да не речам дека секогаш себеси се ставав на второ, трето или последно место. Многу ми беше важно да ме прифатат, да ме сакаат, да добијам некакво си нивно “амин” за тоа која сум и што правам. И не можам да ви опишам колку патев ако приметев дека некој не ме “сакаше”. Мислев дека сум сторила нешто што е којзнае колку страшно, дека не сум добар човек, дека имам нешто во себе што ги одбива другите. Таа помисла ме правеше да бидам несигурна во себе, во тоа која сум и што правам. Не ми ни текна тогаш дека не може сите да ме сакаат, ниту пак е добро сите да ми ги одобруваат постапките. Ми требаше да изодам еден болен и трнлив пат додека не сфатив дека сериозно нешто не е во ред со мојата самодоверба, штом ме исфрла од колосек некаква критика или несакање. Ми требаше време за да научам дека критиките се тие кои помагаат да созрееме и да си ги оформиме карактерите. За разлика од сега, тогаш бев убедена дека нешто не е во ред со мене ако не се сложувам со секој кој ќе ми минеше низ животот. Сега (за разлика од тогаш) убедена сум дека е сосем во ред да ја немам таа сродност/хемија со луѓето на чиј пат ќе се најдам или кои ќе се појават во моето секојдневие.
Но, тогаш имав потреба да се докажувам себеси за да добијам валидација, па не ретко правев и намерно будала од себе само колку да го почувствувам моментот на “ок, те сакам”. Сум трпела гомненици (пардон за францускиов) и од партнери и од пријатели од пусти страв од напуштање или да не ми се налутат за нешто. Помислата дека ќе бидам оставена толку многу ме вџашуваше што бев спремна да преминам преку навреди или неверства само за да бидам сакана. Тикви! Мислам дека треба во училиштата да се воведе предмет кој ќе се вика “САКАЈ СЕ СЕБЕСИ” и кој ќе биде задолжителен. Три пати не се појавиш на час, ќе повторуваш година. Ете толку мислам дека е важно да се научи уште на младост да си се вреднува човек самиот себе и да не чека другите да му климнат со глава дека вреди и дека е ок. И да, да се учи преку практични примери колкава е заблудата ако својата личност ја ставите на еден крај од кантарот, а на другиот ги ставите лајковите кои сериозно ја искривуваат сликата за секој од нас.
Се докажував како другарка, се докажував како партнер, колешка. Се докажував дека можам да бидам најнајнајдобра....без да се запрашам “најдобра од што”? Цел свет? Среќа што лекцијата си ја научив со време, оти ќе побудалев. Знам дека голем дел од вас ме разбираат и знаат што значи да си постојано во грч за да бидеш според очекувањата и да не се симнеш ниту скалило подолу од тоа да создадеш мислење за себе дека си совршена. Какво ли само губење време и енергија! Баш пред некое време читав една статија за тоа што треба да направи една жена ако е оставена. За жал, не прочитав ниту една реченица за тоа дека треба да се залекува, да работи на себе и сопствената среќа, да најде што ја исполнува, радува, смирува. Не прочитав дека треба да си даде време да и’ слегнат мислите и емоциите. Но, прочитав дека треба....пазете сега: да биде среќна (или да глуми дека е среќна) за да му докаже на тој што ја оставил дека и’ е убаво без него. Не за друго, туку ТОЈ да се замисли дали можеби згрешил што ја оставил. Понатаму, да оди на фитнеси, козметичари и секакви разубавувања...зошто? За да му докаже на бившиот партнер дека е се’ уште провокативна и пожелна. И не, тоа не е се’, има уште. Да не паѓа во депресија затоа што мажите не сакаат жени кои со своето однесување кажуваат дека се зависни од него. Така не биле интересни.
И знаете што? За жал, секоја една од нас барем еднаш во животот била лажно среќна за да докаже на бившиот дека мува не ја лази што е оставена. Секоја од нас барем еднаш фрлила еден тон пари на фризер, козметичар, салони за слабеење, разубавување (ѓоамити со изгледот и табиетот ќе ни се смени) само за да му докаже на “екс” дека погрешил во одлуката да си замине. Секоја од нас барем еднаш флертувала со некој што не и’ се допаѓал само за да си докаже себеси дека е пожелна, притоа не водејќи сметка дека од пуста желба да се залечи може да повреди некого.
Престанав да се докажувам себеси пред другите, па дури и пред себе и сопствените демони. Ако сум тажна, си давам дозвола и оддишка. Баш ми е гајле ако тоа некому ќе ја смени сликата за мене. Ако ме боли душата, плачам. Ако сум среќна, делам насмевки наоколу. Ако сум оставена, пцујам, тонам во себе, боледувам и се преиспитувам, па пак пцујам и шетам доволно неугледна оти немам вишок енергија за глуматање дека сум ок. Ако со некој не ми оди муабет, не се дружам и не се силам да пробам повторно и повторно. Со глава во ѕид не се оди, оти ѕидот ќе остане нечепнат за разлика од главата.
Нит се силам да сум нешто што не сум, нит докажувам дека сум она што другите сакаат да бидам. Само си го терам филмот, оној што е мој и кој ме прави мене среќна. А кога сум јас среќна со себе, тогаш знам дека го давам максимумот од себе во односите кои ми се најважни во животот. Памтете ми го зборот...никому ништо не должите, најмалку да се правдате или да се докажувате. Бидете тоа што сте, само така и тогаш сте совршени. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
сите зборови за љубовта
ги изарчивме непотребно
ти и јас,
теоретичари
во натпревар еден со друг
кој поубав збор ќе измисли
или на оние изветвените
кој посилен сјај ќе им даде
како на старо сребро
бојата кога му се враќа
ако доволно долго го триеш со сода бикарбона
ете така ги арчевме деновите
во зборување за љубовта
дефинирајќи ја
ѝ стававме рамки за да биде убава
како фотографија да е
па ја местевме и ја разместувавме
поблиску до светлината за очите,
наместо душитеда ни се полнат
ти и јас,
теоретичари
цели фермани за љубовта напишавме
од убави-поубави
па додавај срциња
и по некоја капка солза
оти да ти се плукнам на љубовта
ако кога е напишана
не е размачкана со тага
и такви писма си разменувавме
ех,
како на времето деца дур’ бевме
со сликички кога се менувавме
и суетите си ги полневме
наместо срцата полнида ни бидат
ти и јас,
теоретичари
со душите за гревота
оти љубовта си ја одминавме
ете,
како вир на улица ја прескокнавме
да ја живееме заборавивме
и наместо да ја прегрнеме
длабоко да ја вдишеме
оти можеби и последна во овој живот ни беше
ја искасапивме
со зборови ја запретавме,
со фермани ја задушивме
без воздух ја оставивме
за да се надишемеод гордоста пуста
и сами да останеме,
секој со своите букви во грлата
заглавени
кои не мрдаат сега ниту угоре
ниту удолу одат
за да нѐ потсетат
оти за љубовта не се говори,
ниту пак се пишува
оти глупаци к’о нас многу има
без усул што ја арчат
и непотребно ја гнасат
наместо да ѝ се радуваат и да ја слават
секој ден заедно со животот
дур’ нѐ има
дур’ тука сме