НИНА БАДРИЌ ВО СКОПЈЕ: Не сте многу, но како да пеам пред 15.000 публика
Силна во вокалот, импресивна во интерпретацијата, спонтана, духовита и топла, тоа е хрватската поп-ѕвезда Нина Бадриќ, која сношти го одржа првиот солистички концерт во Скопје, во Македонската филхармонија.
Бадриќ сосема го заслужи бисот, а да ги имаше десет, ќе вредеа сите десет
„Конечно дојде денот да одржам концерт во Скопје, во оваа убава сала. Тука се чуствувам како да сум во некој парламент“, рече Бадриќ на почетокот. Таа неколку пати се пошегува на сметка на (за жал) не до крај пополнетата сала. „Не сме многу, можам да ви ги видам лицата на сите. Ќе запомнам кој пеел, а кој не. Сепак, се чуствувам како да ве има 15.000. Ова е волшебна вечер“, додаде Нина.
Тивката и интимна атмосфера што се создаде со баладите на почетокот се смени некаде пред половината на концертот, кога публиката масовно стана на нозе и заигра со неа. Еден од најогнените фанови на Бадриќ, и се придружи на сцената. Од актуелниот хит „Дани и године“ преку баладата „Чаробно јутро“ која станува евергрин, или „Додири од стакла“, „Нек ти буде као мени“ или пак мега-хитот „Такви као ти“, секоја песна на поп-дивата буди различни емоции. Нина не почести и со „Странац у ноќи“ од Масимо Савиќ, песна од Оливер Драгојевиќ, и мошне успешно ја имитираше својата колешка Јоспиа Лисац, додека го претставуваше бендот. Сосема го заслужи бисот, а да ги имаше десет, ќе вредеа сите десет. За крај ја испеа баладата „Да се опет теби вратим“ , и даде збор дека наскоро повторно ќе дојде.
„Сосема очекував ваков топол прием од публиката, ако зборувам искрено. Затоа морам да дојдам повторно. Жал ми е што немаше повеќе публика, но ова е само мој почеток на скопските концерти. Драго ми е што пеевме заедно во оваа прекрасна сала, иако се пошегував дека се чуствувам како во некој парламент“, изјави Нина за Женски магазин по концертот.
Милица Џаровска