NO BRA DAY

Добивај вести на Viber

Женски гради. Потполна опсесија во животот на мажите (не, не го исклучувам задникот, туку овој муабет ми е посветен на градите) од раѓање, па се до смртта. Симбол на некаква си женска убавина, преточена во покажување на опасни деколтеа и мамејќи погледи и воздишки. Женските гради, гледани низ машки очи се неверојатна приказна. Имаше една шега дека ако на првиот состанок ти ја запаметил бојата на очите, тогаш имаш мали гради. Рака на срце, мене само за очите ми зборувале! Сексуалноста на една жена, нејзината привлечност и убавина воопшто не ја врзувам за големината на нејзините гради. Сега некој (а можеби и со право) ќе рече дека ова звучи како приказната за лисицата и грозјето, но еве, ќе споделам со вас неколку работи врзани за градите, нивната големина и значење, се разбира од мој личен аспект.

Јас сум единствената женска особа во мојата поширока фамилија (од двете страни) која не може да се пофали со раскошно деколте. И во фаза на адолесценција тоа ми беше фрустрација која резултираше со купување градник еден број поголем, па пикање перлонски хулахопки во корпите. Ме свести мајка ми која ме начека во акцијата “и јас сакам гради”, па ме потпраша што ќе правам ако (не дај Боже) некоја хулахопка ми подизлезе од градникот. Имаше логика!

Едноставно, не сакаа да растат! Таа фрустрација слабееше со годините, до моментот кога сфатив дека еден ден ќе имам врска која секако дека ќе се развива и дека ќе дојде моментот кога ќе сакаме да водиме љубов. И? Што тогаш? Лажењето себе, а со самото тоа и другите никогаш за ништо не се покажало дека е паметна идеја. Се помирив дека 75Б ќе е моето најголемо животно достигнување во поглед на тој дел од телото.

Олеснувањето беше уште поголемо оти ми донесе слобода која многу ми се бендиса. Слободата на неносење градник беше дар од Универзумот. Ем си слободен, ем не изгледаш вулгарно. Она што го сметав за недостаток, научив да го свртам во корист. Не се стеснувам да облечам она што ми се сака без да се оптеретувам како да си ги спастрам градите. Станав другарка со нив. Не се смејте, тоа е оној блажен момент кога сфатив дека нема да се случи да се појавам во фустан кој ќе стои на мене како на глумиците од 60-тите. И што е најважно, не ми пречеа за ништо. Ниту за вежбање, ниту при спиење.

Кога останав бремена, ми се случи хормонален шок. Наеднаш, моите гради не беа веќе исти. Ај јас што не бев иста, туку и тие си фатија своја политика. Тогаш ми стана јасно како изгледа кога жената располага со раскошно деколте. И ми стана јасно за благодетот на малите гради. Изгубив осет за сопствената габаритност. Ми станаа болна точка за спиење, не можев ни да се наместам странично на тросед за да читам. Како да не бев јас-јас.

После породувањето најмногу ме зачуди моментот што имав млеко за да надојам барем 2 деца истовремено. И да ви кажам, ич нема врска она дали имате мали или големи гради со доењето. Доев и доев....и доев. Не толку долго, колку што многу. На секое отварање уста на Нина, вадев градата надвор без да му ја мислам каде сум и кој и дали ме гледа. На темава нема да зборувам, оти мислењето за доење надвор од дома, сум го кажала во повеќе наврати.

Е, тогаш ми стана јасно колку е природата чудна и колку се’ си има свое време и место. Градите, од нешто што не сум го перцепирала никако поинаку освен телесно и сексуално, прераснаа во нешто што е возвишено. Можев преку нив да го нахранам моето дете во првите 6 месеци без да додавам ништо во исхраната. И веќе никогаш повеќе не ги гледав исто.

Не ги гледав повеќе исто ниту тогаш кога почнав да се соочувам со тоа дека имам пријателки на кои им беше дијагностициран рак на дојка.

Не ги гледав повеќе исто ниту тогаш кога кај неколку од нив, една или две дојки беа отстранети.

На 13-ти Октомври, Женски Магазин ме потсети на нешто што сум го напишала лани и кое ми имаше призвук на лутина (а веројатно и сум била). Во минатата колумна го спомнав овој ден како No bra day. Тоа е ден кога во знак на подигање на свеста за ракот на дојката, жените не носат градници.

Како знак и на солидарност за сите оние кои ја водат или поминале таа битка.

Ете, лани на 13-ти сум била полна гнев. Веројатно затоа што дента се изначитав еден куп шовинистички постови за неносењето градници. Па дополнително ме изнервира и тоа што кај имаше такви постови, имаше и еротски слики со разголени жени.

Не научивме и не научивме да ја гледаме суштината на некои работи.

Не научивме дека не е баш се’ за потсмев и правење лоши шеги.

Не научивме да гледаме подалеку од носот.

Зошто ја напишав оваа колумна?

Сигурно не за да ви кажам кој број на градник носам...ниту за да се пофалам дека и покрај малите гради, сум можела да дојам. Ја напишав заради следново:

Сакајте се себе онакви какви што сте.

Градите не ве прават жена.

Гледајте ги како што си ги гледате рацете и стапалата.

Гледајте ги и грижете се за нив.

Градите не се украс на женското тело, имаат и поважна функција.

Големината на градникот кој го носите не е доказ за тоа колку вредите и колку сте посакувани.

Допирајте си ги градите. Научете си ги прстите да препознаваат и да знаат што напипуваат.

Наместо туторијали за шминкање, изгледајте еден за тоа како се врши самопреглед.

Бидете здрави...бидете среќни.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Не знам на себе боја да турам

Да изгледам ко оние, знаеш

Ко оние спастрени жени

Кои како насликани од дома излегуваат

Со совршено обоени усни

И руменило на образите

Кое личи како природно да е

Ниту пак знам очите да ги исцртам

Онака прецизно за поголеми да бидат

Со остра линија, малку искосени

И срнечки поглед под вештачките трепки

Ете

Не знам

Не знам да се стокмам во облека

Која погледот ќе ти го зароби

И потајно ќе го гледаш нишањето на колковите

Дур доаѓам накај тебе

Не, драги мој

Ништо од тоа не знам

А и да се обидам, смешна ќе сум

Несигурно ќе се тетеравам на високите потпетици

И ќе мислам на тоа дека следниот ден

Нозете ќе ми бидат отечени и болни

А секој обид  да личам на оние од списанијата

Завршува со кловновски лик

За кој знам дека не е мој

Не знам да зборувам одмерено

И само да ја нишкам главата во одобрување

Ниту пак знам кој нож и вилушка за што е

Не сечам скромни залаци

Кои ќе ги џвакам 32 пати

И не отпивам мали голтки од виното

Чија чаша ќе ја држам како што е пропишано

Ние

Јас ко шо ги нарекувам, машките жени

Не гугуткаме кога сме лути

Ниту спиеме со калкулатор под перница

Ниту знаеме дипломати да сме

Ние викаме

Пееме

Пиеме и плачеме

Носиме она во што свои сме

Косите ни се ко надвор ветришта да дуваат

А зборот ни тежи и искрен е

И не се шминкаме за до продавница дур одиме

Ниту важно ни е што на себе ќе натнеме

Јадеме со раце

И гестикулираме дур муабетиме

Наивни сме ко деца

И љубиме без усул

Знаеме и сами да бидеме

Без страв и без јадосување

Оти низ животот сме научиле

Дека коленичиме само пред деца

Пред животот и смртта

Пред оние кои со мудрост не’ опсипаат

И оние кои знаат да не’ чуваат

Оти знаеме драги мој

(на потешкиот начин сме научиле)

Дека дур слепо љубов бараме

Себе се забораваме

И некаде попатно се оставаме

Дур повторно не се најдеме

За посилни да бидеме

Ете

Такви сме ние

Оние кои јас ги нарекувам

Ретки жени, машки жени, убави жени