Ноктите огледало на твоето здравје: дали имаш инфекција, сериозна болест и дали добро се храниш?
Зошто моите нокти изгледаат необично?
Ноктите укажуваат на личност која се грижи за себе, па затоа секогаш треба да внимавате на нив ако сакате да изгледате педантно и средено.
Тие знаат да кажат многу повеќе од тоа дека им е потребен нов маникир, всушност тие се пакет преполнет со информации за твоето здравје. Секоја промена на ноктот може да укаже дека можеби си заразен со инфекција, боледуваш од некоја сериозна болест или несоодветно се храниш.
За да откриеш што тие зборуваат за тебе треба да го забележиш нивниот изглед и да си одговориш на прашањата за нивната боја, форма и текстура. Доколку си сериозно загрижен/а веднаш појди на лекар и образложи му ги постоечките промени, па тој ќе изврши темелна опсервација, ќе нарача дополнителни испитувања доколку е потребно и ќе донесе заклучок за тоа дали се работи за сериозна состојба или не.
1. Дали тие изгледаат бледи и бели?
Белите нокти укажуваат дека се работи за“ ослабена „крвна слика, односно ниско ниво на хемоглобин или намален број еритроцити во крвта. Исто така може да сигнализираат црнодробна болест, дијабетес мелитус, хиперактивна тироидна жлезда или недостаток на некои нутритиенти во исхраната.
Ако твоите нокти се бели и нерамни како издробено стакло, се работи за состојба таканаречена Terry’s nails. Таа може да биде резултат од стареење,дијабетес мелитус, црнодробно или бубрежно заболување кое се манифестира со оштетување на крвните садови, нарушување на циркулацијата и иницирање сврзно ткивни промени, кои ги видоизменуваат и ги деформираат ноктите.
2. Дали тие се жолти?
Ноктите кои се дебели, бавно-растечки и жолти често укажуваат на белодробна болест како емфизем или хроничен бронхитис. Исто така може да укажува и на Рејнолд синдром кој е предизвикан од слаба циркулација во прстите на рацете, нозете. Жолтите нокти може да бидат симптом на синузитис, проблеми со тироидната жлезда и ревматоиден артритис.
3. Дали ноктната плоча е црвена?
Ова може да значи некое кардиоваскуларно заболување. Веднаш контактирај го твојот лекар, кој веројатно ќе побара подетален преглед на срцето и крвните садови.
4. Дали изгледаат синкави или виолетови без лакирање со боја?
Медицински термин за изглед со ваква боја е цијаноза, која се појавува кога твојата крв носи недоволна количина на кислород. Најверојатно вакви промени ќе забележиш и на други делови од телото, како усните или ушните школки. Во тој случај твојот лекар ќе провери дали твоето срце, бели дробови, крв и крвни садови функционираат соодветно.
5. Дали има тенки црвени или кафени линии?
Тие се викаат сплинтер крвавења, мали вертикални ноктени коагулуми на крвта. Најчесто настануваат поради повреда на ноктите или габична инфекција, каде настанува раскин на малите ситни капилари околу ноктот и излевање на крвта која коагулира. Тие исто така може да се јават во склоп на псоријаза, малиген меланом или инфекција на срце.
6. Дали тие имаат вдлабнат облик?
Овој изглед се јавува кога ноктите се истенчуваат и вдлабуваат во средина, а околните рабови се издигнуваат. Може да биде знак на срцева болест, повреда, проблем со тироидната жлезда или пак со варијации на нивото на железо во крв, многу ниско или многу високо.
7. Дали тие се кршливи, се раслојуваат и имаат мали точкести вдлабнатини?
Псоријазата често почнува во ноктите и таа најчесто предизвикува вакви промени. Други причини може да бидат воспаление на зглобовите или тироидна болест.
8. Дали постојат темни линии или зони под ноктната плоча?
Дебела црна или кафена линија која почнува од базата и се протега до врвот може да значи меланом (малиген тумор на кожата). Понекогаш се презентира и како темно пребоена зона на ноктот.
9. Дали тие се со барабанеста форма?
Таа настанува кога врвовите на прстите се задебелуваат и истакнуваат. Ноктите ги препокриваат зголемените прсти соодветно и се закривуваат следејќи ја нивната форма, прекривајќи ги како со превртена лажица. Ова може да биде знак на проблеми со белите дробови или срцето.
10. Дали ноктите лесно отпаѓаат?
Повеќе состојби предизвикуваат ноктот да се одвои од ноктното лежиште:
-Инфекција или повреда
-Преголема изложеност на хемикалии кои се користат за маникир
-Лекови како Тетрациклини и Напроксен кои се фотосензитивни
-Псоријаза, тироидни болести или други системски болести, треба да се посомневате особено кога се засегнати сите нокти.
Што треба да направиш и што треба да знаеш?
Не ги игнорирај промените на твоите нокти, но и не носи веднаш заклучоци. Ноктите кои не се мазни и не се со еднаква боја и форма може да укажуваат на многу болести, но може да не укажат на ништо. Само лекарот со преглед и дополнителни испитувања може да го потврди тоа.
Прво, помисли на некои од вообичаените состојби кои може да бидат причина а потоа помисли дека можеби се работи за сериозен проблем. Повреда, крвавење под нокт или габична инфекција се најчестите причини за кршење, раслојувања, менување на бојата и текстурата на ноктот. Тие најчесто поминуваат спонтано без посебна медицинска интервенција. Но да се има на ум дека габичните инфекции не се едноставни за лекување, па ако симптомите не се повлечат за кратко време, без сомнение веднаш да се земе упат за кај дерматолог.
Промените на ноктите ретко се први симптоми на некоја болест. Многу болести многу порано развиваат други симптоми поврзани со други органски системи пред да се појават промените на ноктите.
Болеста кај некои луѓе може да предизвика промени на ноктите,а кај некои не, односно не секој со црнодробна болест развива бели нокти, и не секој со бели нокти има црнодробна болест.
За Женски магазин, Христина Алаѓозовска, шеста година студент по општа медицина на Медицински факултет во Скопје