Нова година, стари навики

Добивај вести на Viber

Ќе, ќе, ќе...се изначитав и изнаслушав еден куп ЌЕ за почетокот на годинава. И тоа е така децении наназад. Како да не можеме да се помириме со тоа дека сме робови на сопствените навики и дека не е потребен датум или којзнае што да се случи за да се смениме. И мене редовно ми се случува тоа. Ќе исчитам нешто за здрава храна и одма, ама одма онака ентузијастички ќе почнам да се информирам, па да купувам, па да спремам. Дрндрн, ме трае 1 недела до 10 дена. Или ко ќе решам на секои 3 месеци да почнам да вежбам! Па тоа препотување, па истегнати мускули...месец дена најмногу? Некогаш ни толку. И некако тоа ми е побенигно во однос на некои други навики кои си ги наметнуваме. Или да бидам попрецизна, се навикнуваме да живееме веќе навикнати на туѓите глупости или фрустрации и што е најлошо, се помируваме со тоа.

Што е најинтересно, старите навики кои ни се провлекуваат ни се веќе во главите окарактеризирани како нешто што не го сакаме. Ок, едно по едно. Навика да носиме странски изведувачи за нови години. Да не се разбереме погрешно, оти деновиве вриеше на ФБ од глупоштини дека кој не го сакал Дино Мерлин, бил против Бошњаците. Јас длабоко се извинувам, но поголема глупост не сум чула во животот. Ова спаѓа во навика да се етикетира се’ што не е во нечија корист, без да се помисли дека има и други солуции. Имам право да кажам кој вид музика го сакам или не, нели? (или сепак не!). Да се разбереме. Сум седела во кафана со Божанствена жено, кога ми бил тутнат микрофон под нос за да ја продолжам песната...другарка ми Цеце вели дека реакцијата ми била бесценета и дека од преполна кафана никој уште не знае што го наведе пејачот токму мене да ме одбере. И да, за друштво можам (не често, признавам) да слушам музика која не ми е блиска (не за долго, признавам) и да ми е ок. Да не бегам од темата...навиката да се плука по се’ што не е во согласност со она што го живееме е досадна, глупава и не знам уште што. И уште ова, не ми се допаѓаат и некои наши изведувачи, ама па си ја сакам земјава. Може така?

Денес е Бадник. Мислам дека сите веќе знаете дека не сум религиозна и дека ако не е мајка ми, детево мое нема да знае дека се вапцаат јајца за Велигден. И не ми пречи ничија вера, ниту обичаи до моментот дур не почне некој да ми се качува на глава осудувајќи ме за нешто што не е негова работа. И не го говорам ова од аспект на верник или не, туку од аспект на човек кој секоја година исто како и сите вас мака мачи со загадувањето. Аман, не палете огнови! Аман! А и чудно ми е нешто друго...што закоравени верници упорно ги занемаруваат изјавите од црквата дека палењето оган е пагански обичај. Немам намера да се мешам во обичаите, ниту во верувањата, ама ова го кажувам оти истите тие кои до ниедно време ќе чадат надвор, за 2-3 дена ќе ломотат дека не се дише надвор. Славењето на верата не се гледа преку одредени постапки, кои да сме искрени, ги имате извитоперено во своја полза....туку во живеење скромно, доблесно и чесно. Ама вие си знаете, големи сте. Јас ќе ве пцујам како и секоја година, оти оставате лом зад себе и смрдеа во воздухот. (плукајте сега!)

Ако веќе една од работите кои сте си ги зацртале годинава е како да си го сочувате здравјето, престанете да се бавите со политика, рекла-казала, оговарање на ангро, лажење, живеење со лажен морал и вредности кои чинат колку на времето мастика базока. Ова не се однесува само на физичкото, туку и на менталното здравје. Една од моите глупави навики во животот, беше онаа да давам шанси на луѓето толку пати колку што можат да ги упропастат (имам друг израз за ова, ама да не ја почнувам годината со поган речник). И што е најинтересно, тоа ме правеше да сум лажно горда на себе. демек, колку сум фина, толерантна. Не! Сум била само недоволно искрена со себе, мутава и без самодоверба. Оти што ќе си помислат другите ако не им се дадат 3, 5, 20...100 шанси. Знаете што? Не ме боли веќе ни малото прсте од десната нога у тесна патика за тоа! Оној кој дошол до момент да бара повеќе од 3 шанси, дефинитивно не го заслужува вашето внимание, а ни почит...а за љубов да не праам муабет. Или во превод, главата горе и секој вишок човек да оди аут, без пардон и без каење.

Сакате повеќе време за себе и оние кои ги сакате? Создадете го тоа време, креирајте го по свој терк. Кога ќе ми текне само на што си го имам времето арчено, сега дур го пишувам ова, ми иде да појдам до огледало, да си врзам една преку уста и сама на себе да си кажам БУДАЛО ЕДНА. Да, баш така. Правиме идоли од луѓе кои не заслужуваат да се фрли мрсул на нив, ги величаме оние кои по сите критериуми треба само да ги одбегнеме и тоа во широк лак. Забораваме дека од арен до будала има малку. За таквите луѓе, спремни сме да си ускратиме сон, време за себе и оние кои заслужуваат да не’ имаат, да стоиме на готовс со некоја чудна потреба да им ги удоволуваме желбите. Пуст мазохизам, никако да мине. И после се жалиме дека сме уморни, дека немаме време, а вистината е дека една од навиките кои ни останале од минатото е и онаа да сме некому на закачалка. И да ми го памтите ова...оние кои така сте ги заучиле и научиле, ќе се прпелкаат до последно, со сите сили ќе се обидат да ве вратат на старото. Оти им требате...не вие, туку она што им го давате за да се чувствуваат живи и добро.

Баталете ги старите навики, оние кои ве ограничуваат или уморуваат. Создадете нови мигови кои нема да станат навики. Кои ќе ги живеете оти така ви се сака и така ви се може, а не затоа што е тоа нешто што сте го правеле со години. Радувајте се почесто, уживајте во себе и оние кои ви се блиски. Муабетот со ќерка ми, смеењето со моите најблиски жени кои ми се толку сродни, што ги нарекувам и сестри, ми се лек за се’. Создадете навики кои ќе ви внесат спокој...нека се ситни и безначајни, ама нека се нови и ваши. Нека не се нешто што таму некој мисли дека е добро за вас. Наместо навика да гледате вести на 6 различни канали на тв, научете барем 3 нови пози во секс (ќе речев 6, ама некако преамбициозно ми се виде). Смејте се, гушкајте, љубете, водете љубов, отерајте она што ве нервира во мајчината и живејте ко што ви се сака. И не заборавајте...за секоја навика има и обратен процес, само ако се сака и особено ако таа навика ви влијае негативно на квалитетот на животот. Да сте ми живи и здрави и во новава 2020...

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат дека од арен до будала
Многу малку има
Толку малку што линијата е како конец
Кој лесно можи да се скини
Исто ко онаа која е меѓу тивко езеро и небо
Та не знаеш дали небото во водата се огледува
Или водата небо станала
Ете така велат старите
Дека арен чоек лесно будала станува
И дека можиш мајтап со него да играш
На душата да му газиш
На наивноста да му плукниш
И грбот да го завртиш
Без појќе на него да помислиш
Од арен до будала малку имало
Толку малку што било скоро исто
А мене
Мене некако тажно ми иди
Оти јас знам
Ете и по себе си знам
Оти арниот чоек знај кога станува будала
И кога конецот сам го кини
Оти поинаку не умеј
Оти проколнат е да верува
И убото во луѓето да го бара
Ете
Арните луѓе сами знаат будали да се сторат
И да те гледаат со очи полни верба
Дека ќе знаеш да ги зачуваш
И од бол да ги сочуваш
Дека ќе знаеш оти арното во нив
Е како градина полна цвеќе
Во која не се влегува за да газиш по неа
Ниту е одаја чиста
Во која со чевли полни кал ќе изгазиш
Оти душата нивна не знај на кантар да клава
Ниту за ситни парички да се продава
Оти арните луѓе љубат без да мислат
Како кожичката да си ја сочуваат
И срцето да не си го распукаат
Ете тие
Тие арните
Тие кога будали стануваат
Никого не окривуваат
Туку ко кутриња после во дувло се кријат
И сами раните си ги лижат
И ноќи неспани минуваат
А во ноќите јадови ко богата вечера вкусуваат
И горчливи солзи голтаат
Ко некој скапо вино што пие
Тенка е линијата
Многу тенка е таа линија
Која од арниот чоек будала прави
И не оти учат пустите
Не научуваат нелуѓе да бидат
Оти на сета будалаштина
Која во себе ја носат
Душата разресена им е
Ама чиста останува
Како детска солза пролеана
Како млеко од млада мајка
Како вода изворска
И повторно арно-будали ќе бидат
Оти такви се
Оти такви сте
Оти таква сум