Нова песна на „Суперхикс“ од СКАрантин

Добивај вести на Viber

Карантинот, низ кој поминуваме сите, ја инспирираше новата песна на групата „Суперхикс“, насловена „СКАрантин“ која е своевиден омаж на деновите поминати во изолација и на ска-ритамот, по кој е препознатлива нивната музика. 

Новата песна, создадена во домашни услови  е бунтовна, игрива и ексцентрична.

„СКАрантин, сите сме во СКАрантин“, пејат „Суперхикс“ во песната, која доби и видео-спот, исполнет со позитивна енергија, кој придвижува на насмевка и на танцување. Во спотот, членовите на „Суперхикс“ се појавуваат во нивните домови, со заштитни маски, играат, пеат, свират и покажуваат како го поминуваат своето време во карантин.

-Спотот е изработен во домашно-карантински услови со помош на нашите фанови кои ни испратија видеа како танцуваат и се забавуваат на нашиот нов сингл. Многу сме горди и среќни што песната беше прифатена позитивно и што ни покажаа уште еднаш дека вреди да твориме и во тешки и во убави времиња - изјавија членовите на „Суперхикс“.

Карантинската аудио-обработка е дело на Ненад Трифуновски - Трипе, а видео-обработка ја направи Гоце Лалковски.