Новиот корона-симптом: Досега минувал незабележано
Бидејќи нема никаква врска со респираторните инфекции, новиот симптом на коронавирусот досега минувал незабележано.
Одреден број пациенти воопшто не развиваат респрираторни инфекции, покажуваат најновите истражувања, туку меѓу првите симптоми добиваат – дијареа. Кај ваквите случаи, велат авторите на студијата објавена деновиве во „The American Journal of Gastroenterology“, симптомите на респираторни болести се јавуваат подоцна, а често и воопшто ги нема.
Овие сознанија се значајни зашто многу пациенти, кои не ги добиваат класичните симптоми на ковид-19 (кашлица, краток здив и температура), минуваат недијагностицирани и често ни самите не се свесни дека се заразени, со што стануваат потенцијали проширувачи на инфекцијата.
Иако ваквите појави не се чести, велат истражувачите вклучени во студијата, сепак треба да се имаат предвид. Оваа студија не е прва која се занимава со проблемите на дигестивниот тракт како можни симптоми на ковид-19.
„The American Journal of Gastroenterology“ објави уште кон средината на март дека од 200 пациенти во три болници во Вухан барем 50 % пријавиле ваков или сличен стомачен симптом.