Новите модни бранови ми се мотивација: Утринско кафе со Стефан Соколовски

Секој нов ден започнува различно и на свој начин. Зависно од обврските и времето со кое располагам тој ден. Првото кафе обично го пијам сам, со мои блиски пријатели или со некои соработници доколку тој ден ми започнува со состаноци.

Секогаш ми е динамично, најчесто низ град со моите луѓе, а кога сум дома тогаш сум во мојата „канцеларија“ каде што селектирам, обработувам и процесирам фотографии. Кога немам нови кампањи, фотосесии и едиторијали за средување, тогаш преферирам да сум излезен со моите пријатели.

Најмногу ме мотивираат светските модни движења и новите модни бранови. Во глобала модата, уметноста и убавината се мојата мотивација и инспирација

Исто така мотивација наоѓам во успешните луѓе, младите креативци и најразчилни животни приказни. А себеси се сметам за свој најголем мотиватор и сум многу среќен што отсекогаш сум амбициозен и целам само кон подобрување на себеси и усовршување на мојата работа. Најдобриот проект на кој некогаш ќе работите сте самите вие!

Се’ уште живеам со своите родители, така да вечерите ми поминуваат најчесто со нив во домашна атмосфера. Денот ми завршува со планирање на утрешниот ден и со добра музика.

Скоро секој месец купувам по некоја нова книга, но искрено не наоѓам баш многу време за да ги прочитам. Исто така и за филмовите, гледам еден филм на две недели. Мојот избор е сепак филм, бидејќи за тоа не ми треба многу концентрација и посебен амбиент.

* Стефан Соколовски, фотограф