Новогодишни пакетчиња од ОКТА за децата од околните основни училишта

Добивај вести на Viber

ОКТА и годинава средствата наменети за корпоративни подароци ги искористи за донација на новогодишни пакетчиња за учениците од основните училишта кои се наоѓаат во близина на компанијата. Новогодишно изненадување добија сите ученици од прво до деветто одделение во централното основно училиште „Браќа Миладиновци“ во с. Миладиновци, како и децата од двете подрачни училишта во селата Мршевци и Текија.

„Среќни сме што учествуваме во создавањето пријатна и весела новогодишната атмосфера за децата од нашето соседство. Со оваа донација се надеваме дека ќе успееме да предизвикаме многу детски насмевки и ќе креираме убави празнични моменти и спомени“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации на ОКТА.

Во основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Општина Илинден, во чиј состав работат едно централно и две подрачни училишта учат вкупно 366 ученици. Пакетчиња беа доделени за време на училишната новогодишна забава.

„Постапката на ОКТА навистина создаде свечено и празнично расположение во нашите училишта, особено во условите што и годинава ги создаде пандемијата со Ковид-19. Децата со радост ги дочекаа пакетчињата, а ние сме ѝ благодарни на ОКТА, која повторно докажа дека е наш одговорен сосед и добар пријател“, рече директорката на Општинското основно училиште „Браќа Миладиновци“ Марија Зоксимовска.

Поддршката на образованието и младите е еден од носечките елементи на стратегијата за општествена одговорност на ОКТА. Во изминатиот период компанијата донираше 30 лаптоп компјутери и 10.000 маски за непречено одвивање на наставата во основните училишта на територијата на Општина Илинден. Во последнава година, во рамки на проект на Фондацијата „Чекор по чекор“ и во соработка со локалните власти, компанијата ја поддржа изградбата на три инклузивни детски игралишта во основни училишта во три општини од земјава.  ОКТА традиционално, пет години по ред, доделува стипендии за постдипломски студии на различни факултети на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.

ПР-Објава